фото: ЕПА

Израел си даде рок од 24 часа да размисли дали да му одговори на Иран, откако
Американците рекоа дека нема да им дадат поддршка на Израелците ако им
возвратат на Иранците, но во моментов состојбата е премногу напната за да може
со сигурност да се тврди дека Блискиот Исток е далеку од натамошна ескалација

РАКЕТНИОТ НАПАД НА ИРАН ВРЗ ИЗРАЕЛ ДОПОЛНИТЕЛНО ЈА ЗГОЛЕМИ ТЕНЗИЈАТА ВО РЕГИОНОТ

Обемна воена операција на Израел во Газа, блиц-акции и во Сирија, напади на Хутите на море, но и на копно, израелски напад врз конзулат на Иран во Дамаск, а за првпат во историјата и ирански далечински напад врз Израел… Што се случува на Блискиот Исток? Ја губат ли САД контролата врз таа стратегиски централна глобална кота или, пак, вешто ја играат воената игра?
Угледниот аналитички портал „Интерсепт“ во својата анализа отиде дотаму што укажува дека регионалната војна на Блискиот Исток сега вклучува најмалку 16 различни земји и ги вклучува првите напади од иранска територија врз Израел. Но и покрај тоа, додава порталот, САД инсистираат дека нема поширока војна, криејќи го притоа обемот на американската воена инволвираност.

Мрежа на противвоздушна одбрана

А сепак како одговор на иранските беспилотни летала и ракетните напади во саботата, САД ги кренаа своите авиони и лансираа ракети за противвоздушна одбрана од најмалку осум земји, тврди „Интерсепт“ и додава дека тоа се случувало додека Иран и неговите посредници истрелуваа оружје од Ирак, Сирија и од Јемен.
САД тивко изградија мрежа на противвоздушна одбрана за да се борат во својата регионална војна.
– По моја препорака, за да ја поддржам одбраната на Израел, американската војска префрли авиони и разурнувачи за балистичка ракетна одбрана во регионот во текот на изминатата недела – рече претседателот Џо Бајден во изјавата во саботата и додаде: „Благодарение на овие распоредувања и извонредната вештина на нашите војници, му помогнавме на Израел да ги собори речиси сите беспилотни летала и проектили“.
Како дел од таа мрежа, во Ирак, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Саудиска Арабија, Јордан и на тајната локација 512 се распоредени ракетни батерии земја – воздух со долг дострел „патриот“. Овие средства – плус американски авиони од базите во Кувајт, Јордан, ОАЕ, Катар и во Саудиска Арабија – се споени заедно со цел да комуницираат и да соработуваат едни со други за да обезбедат купола над Израел (и неговите сопствени регионални бази). Обединетото Кралство е исто така тесно поврзано со регионалната воена мрежа, додека дополнителни земји како Бахреин купија ракети „патриот“ за да бидат дел од мрежата.
Како дел од регионалната воена мрежа, четири американски бродови, дел од борбената група „УСС Двајт Д. Ајзенхауер“, одиграа централна улога во спречувањето на нападите поддржани од Иран. Бродовите се опремени со проектили земја – воздух со долг дострел „стандард“ и оружен систем „фаланга“. Сите бродови спроведуваа офанзивни и одбранбени операции во Црвено Море и во Аденскиот Залив, фокусирани на нападите на Хутите (сите тие истрелаа крстосувачки ракети од море „томахавк“ кон цели во Јемен на 12 јануари).
Израелските одбранбени сили (ИДФ) неодамна ја покажаа оперативната сила на своите најнови борбени авиони „Ф-35И адир“, откривајќи колку се важни овие напредни авиони за заштита на воздушниот простор на земјата. Во екот на директниот напад со беспилотни летала и ракети од Иран, ИДФ објави видео на кое се гледаат авионите „Ф-35И адир“ како се враќаат во воздухопловната база Неватим откако успешно ги пресретнале непријателските упади насочени кон Израел.
– Пресретнавме 99 отсто од заканите насочени кон израелска територија – изјави портпаролот на ИДФ, бригадниот генерал Даниел Хагари.
– Ова е значајно стратегиско достигнување, спротивставувајќи се на приближно 170 беспилотни летала лансирани од Иран, со нула пенетрација на израелска територија – додаде тој.
Авионите „Ф-35И“ и „Ф-15“ не само што беа распоредени за одбивање воздушни напади туку извршија и превентивни напади врз воените објекти на терористичката организација Хезболах во регионите Киам и Кафр Кила во Либан. Варијантата „Ф-35И“, специјално приспособена за израелските воздухопловни сили, вклучува системи развиени во Израел, зголемувајќи ги неговите способности за уникатните оперативни барања на регионот. Овие напредни авиони играат клучна улога во одбранбената стратегија на Израел, обезбедувајќи ја неговата способност ефективно да одговори на зголемените безбедносни предизвици и да ја одржува воздушната супериорност во регионот.

„ЖЕЛЕЗНА КУПОЛА“ ГО ШТИТИ ИЗРАЕЛ

„Железната купола“ е долниот слој на израелската противракетна одбрана, според Организацијата за ракетна одбрана (ИМДО). Во Израел има најмалку 10 единици „железна купола“, секоја опремена со радар што детектира проектили, а потоа користи систем за команда и контрола, кој брзо пресметува дали проектилот што доаѓа претставува закана или веројатно ќе погоди ненаселена област. Доколку проектилот претставува закана, „железната купола“ истрелува проектили од земја за да го уништи во воздух, пишува Си-ен-ен.
Следното ниво на скалата за противракетна одбрана е Давидовата прачка, која штити од закани од краток и среден дострел, според ИМДО. Давидовата прачка, заеднички проект на израелскиот напреден одбранбен систем „рафаел“ и американскиот одбранбен гигант „рајтеон“, користи кинетички пресретнувачи „станер“ и „скајсептор“ за уништување цели на оддалеченост од 350 километри, според проектот на Центарот за меѓународни и стратегиски студии. Над Давидовата прачка се израелските системи „ароу 2“ и „ароу 3“, развиени во соработка со САД.
Израел извести за успешно пресретнување на повеќето ракети земја – земја насочени кон негова територија, благодарение на системот за воздушна одбрана „ароу“, во соработка со сојузничката поддршка. Според израелските власти, одбранбениот систем „ароу“, заедно со многубројните израелски воздухопловни сили (ИАФ) и сојузничките борбени авиони, пресретнал поголем дел од проектилите што доаѓале пред тие да навлезат во израелскиот воздушен простор. И покрај овој успех, беа идентификувани мал број удари, што резултираше со „мала штета“ на инфраструктурата во базата на ИД во јужен Израел. Распореден за пресретнување ракети со долг дострел, вклучувајќи ги и оние лансирани од непријателски актери како Иран, системот „ароу“ работи надвор од атмосферата на Земјата, обезбедувајќи суштински слој на одбрана од дојдовните закани. Имено, системот се користел за време на актуелниот конфликт за пресретнување ракети со долг дострел лансирани од милитантите Хути во Јемен.

Не стивнуваат реакциите во светот

Висок претставник на американската администрација рече дека претседателот Џо Бајден го повикал израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „да размисли многу внимателно и стратегиски“ за тоа како неговите сили одговориле на акцијата без преседан, првиот директен напад на Иран врз земјата.
Во серијата телевизиски настапи на американските мрежи претходно, советникот на Бајден за национална безбедност, Џон Кирби, рече дека САД јасно му ставиле до знаење на Израел дека сакаат да избегнат поширок конфликт. И Кирби и официјалниот претставник рекоа дека САД ќе продолжат да го бранат Израел, но отфрлија вмешаност во каков било одговор на Израел.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров телефонски разговарал со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан по саботните напади врз Израел, пренесува „Ројтерс“.
– Понатамошна ескалација на ситуацијата во регионот и нови опасни провокативни дејства може да доведат до зголемување на тензијата – се вели во соопштението на руското МНР за разговорот. Амбасадорката на Израел во Русија, Симона Халперин, изјави дека Израел очекувал Русија да ги осуди нападите на Иран, пренесува руската режимска агенција РИА.
Кина го критикуваше Израел на вонредната седница на Советот за безбедност на ООН, при што не го спомна иранскиот напад, јавија светските агенции. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека Блискиот Исток е на чекор до тотален конфликт и повика на воздржаност од сите страни.
Иранскиот напад врз Израел беше интересно коментиран од Мухамед Али Шабани, уредник на „Амваџ медиа“, информативна веб-страница што ги покрива Иран, Ирак и Арапскиот Полуостров: „Операцијата беше интензивно пренесувана со кореографија од Техеран“, кој додаде: „Тоа што се случи беше спектакл, намерата беше да го види целиот свет“. „Накратко, постои компонента за спасување на образот (по израелскиот напад на иранската амбасада во Сирија, оп.а.). Но сѐ беше најавено однапред, па имаше доволно време Израел и САД да се подготват. Тие велат дека топката сега е на теренот на Израел“. Х.И.