Кошарка во колички/ Фото: Маја Јаневска-Илиева

Десетина спортисти во колички тренираат кошарка веќе година дена во салата „Јане Сандански“ во Скопје, со силна посветеност и желба во иднина да ја претставуваат Македонија во репрезентативна конкуренција. Тренерот Саша Димитриевиќ го вади тефтерот со тактиките и почнува двочасовниот тренинг, што се одржува секоја среда и петок.

– Во „Јане Сандански“ ги имаме сите услови за непречено тренирање бидејќи салата е прилагодена за спортисти со инвалидитет. Презадоволен сум од одзивот на луѓето кои доаѓаат и нивната желба за напредок во оваа за нив нова активност – вели Димитриевиќ.

 

Спортистите вежбаат посветено за два следни турнира – во Словенија од 10 до 12 мај и во Кавадарци од 24 до 26 мај. Во Скопје, велат, за жал, нема хотел со адекватни услови за лица со колички.

– Ќе направиме сѐ за државата да има и репрезентација во овој спорт, но сигурно ќе треба да помине одредено време во обука на сите играчи – уверен е Димитриевиќ.

Од сезоната 2024/25, тие ќе имаат место во Јадранската лига во кошарка во колички во која учествуваат екипи од земјите од поранешна Југославија.

– Тоа е голем предизвик бидејќи таа лига постои 16 години и во неа играат големи играчи кои го играат овој спорт веќе 25 години – вели Димитриевиќ.

 

Количките за овој спорт се многу скапи и се изработуваат посебно за секој играч. За нивна набавка, преку повеќе донатори, беа потребни осум месеци, пред воопшто кошаркарите да почнат со тренинзи.

– Се надевам дека сите релевантни фактори во државата ќе ја препознаат нашата желба и посветеност за овој проект, а сите кои сакаат да се занимаваат со овој спорт ги повикувам да дојдат во салата „Јане Сандански“ и да ни се приклучат. Наша главна цел е што повеќе луѓе да се вклучат во проектот и тие да останат што подолго во овој убав спорт – истакна Димитриевиќ.

Иницијатори за овој спорт се Сојузот на параплегија на Словенија и Параолимпискиот комитет на Македонија, поддржани од Амбасадата на Словенија во Скопје. Логистичка поддршка имаат и од Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет, Кошаркарска федерација на Македонија, ЦОП Славеј и други поддржувачи и симпатизери.