Уште еднаш се потврдува дека без оглед на длабоките разлики и поделби во нивниот политички дискурс, сепак, за жал, партиите од албанскиот политички блок лесно постигнуваат консензус кога се работи за отстапки што се на штета на македонскиот народ, без да бидат подготвени за какви било отстапки што тие би биле подготвени да ги направат. На пример, Албанците експресно одбија да се направат уставните измени по теркот на хрватскиот устав! (И така веднаш да се отворат преговарачките поглавја). Зошто?! Затоа што почувствуваа дека „нивните мегаломански амбиции да станат втор конститутивен народ во Македонија“ со тој предлог (иако европски и во согласност со меѓународното право) ќе бидат формалноправно врамени и ставени на своето место. Практиката од осамостојувањето, за жал, пластично покажува дека Албанците во Македонија не се подготвени да направат отстапки во насока на заедничко добро на сите што живеат во нашата заедничка држава Македонија
Договорот меѓу ДУИ и коалицијата „Вреди“ отвори многу досегашни дилеми за кои Македонија замижуваше
Уставните измени очигледно остануваат во фокусот и на претседателската изборна кампања, но се чини дека вистинската кулминација ќе ја доживеат во рамките на кампањата за парламентарните избори, како главна точка околу која ќе се кршат копјата за тоа дали земјава воопшто ќе добие влада или, пак, ќе се соочи со бугарско сценарио.
Ваквото сценарио е повеќе од возможно имајќи ги предвид ставовите на главните политички протагонисти, од една страна оние што се противат на какви било уставни измени под актуелните услови, а од друга страна оние што најавуваат дека нема да влезат во влада што не е подготвена да ги поддржи уставните измени веднаш по нејзиниот избор.
„Џентлменски“ или некаков друг договор?
Неодамна претставниците на албанскиот политички кампус во земјава, оние во власта и оние од опозицијата, излегоа со јасна платформа, според која, ниту еден од нив нема да прифати да биде дел од каква било нова македонска влада доколку уставните измени не бидат спроведени во најкус можен рок.
Во таа насока тие дури постигнале и таканаречен „џентлменски договор“ со кој буквално ги ставаат потенцијалните нивни партнери од македонскиот блок во позиција „земи или остави“, што повеќе наликува на еден вид уцена, особено ако се има предвид дека на ваквите уставни измени се противи мнозинството од македонските граѓани.
Во рамките на тој договор, ДУИ и коалицијата „Вреди“, односно албанската опозиција, се согласиле дека нема да прават влада со партија или коалиција што нема да поддржи уставни промени.
– Ние имаме џентлменски договор, „Вреди“ и ДУИ, дека не влегуваме во влада што не прави уставни промени, џентлменски договор… на мандатарот на кој му се дава мандат за формирање влада да му се бара динамика со рокови за спроведување на уставните измени. Не велам за месец, два или три, туку да не биде повеќе од шест месеци со цел ова да заврши и Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ. Кога го отвораме Уставот секако дека треба да ги преговараме уште неколку нешта – порача Таравари, повторувајќи ги веќе претходно поставените услови, како бришење на 20 отсто од Уставот за употребата на албанскиот јазик.
Од своја страна, Бујар Османи само го потврди она што го истакна неговиот политички опонент, дека нема влада без уставни измени.
– Повеќето политички партии што се сега во различни блокови имаат потпишано документ во кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од влада без јасен договор за уставни измени. Затоа сум убеден дека прво ќе има договор, односно уставни измени, а потоа ќе има влада – истакна Османи. Неговата партија претходно лицитираше со барањето во рамките на уставните промени да се промени и моделот за избор на шеф на државата, односно тој да се избира во Собранието, наместо на непосредни избори.
Неофицијално, целиот овој пакет е дел од таканаречениот „џентлменски договор“ меѓу ДУИ и „Вреди“, со кој ќе настапат пред идниот мандатар, со што буквално ја погазуваат изборната волја на мнозинството граѓани и ја доведуваат земјата во постизборна политичка криза.
Имајќи предвид дека вака како што е поставено барањето за уставни измени и немањето никакви гаранции дека Бугарија потоа нема да блокира, „џентлменскиот договор“ меѓу ДУИ и „Вреди“ е на директна штета на македонскиот народ, кој оправдано стравува дека во текот на целиот евроинтегративен процес ќе биде предмет на нови уцени и барања за нови отстапки.
Договор за отстапки – само на сметка на македонскиот народ
Уште еднаш се потврдува дека без оглед на длабоките разлики и поделби во нивниот политички дискурс, сепак, партиите од албанскиот политички блок лесно постигнуваат консензус кога се работи за отстапки што се на штета на македонскиот народ, без да бидат подготвени за какви било отстапки што тие би биле подготвени да ги направат. Експресно одбија Македонија да ги направи уставните измени по теркот на хрватскиот устав и така да ги отвори преговарачките поглавја, само затоа што се почувствуваа повикани тие да направат одредени отстапки, без оглед што Хрватска е членка на ЕУ и Уставот на оваа земја ги исполнува сите европски стандарди. Згора на тоа, ја користат ситуацијата со уставните измени за задоволување дополнителни етнички барања, кои немаат никаква врска со евроинтегративниот пат на земјата.
Оттука овој „џентлменски договор“ всушност претставуваат јасна платформа со максималистички барања, кои доколку не бидат задоволени, тогаш Македонија нема да може да состави влада според вистинската волја на граѓаните, туку изборот ќе биде или нови избори или, пак, октруирана влада што ќе води политики за кои не добила зелено светло од мнозинството граѓани. На тој начин, уште повеќе ќе се стимулираат општественото незадоволство, поделбите, фрустрациите, институционалната нефункционалност, што несомнено ќе води кон забрзување на процесот на иселување од земјата.
Се движи ли Македонија кон „бугарско сценарио“?
Од тие причини, деновиве во јавноста се отвори поширока дебата токму околу овој „џентлменски договор“ во албанскиот политички блок, при што дел од аналитичарите се на ставот дека ваквите условувања се контрапродуктивни и дека ќе ја турнат земјата во политичка криза, односно во потенцијално бугарско сценарио.
– Џентлменски договор прават двајца меѓу себе за нивни нерешени работи, но не на сметка на некој трет. Не може ДУИ и „Вреди“ да постигнуваат ваков договор околу уставните измени кога го знаат ставот на мнозинството Македонци, дека се противат на какви било уставни измени под наметнати услови. Вака произлегува дека од една страна Бугарија преку ЕУ притиска на уставните измени, а од друга страна албанските политички партии во земјава дејствуваат како подизведувачи на целиот тој проект. Сега дури се споменува и некаков обврзувачки документ постигнат меѓу албанските политички партии во земјава, што на некој начин го потврди и Бујар Османи – велат аналитичарите.
Според нив, „џентлменскиот договор“ меѓу ДУИ и „Вреди“ е правење сметка без крчмар и дека со таквиот пристап уште повеќе се прави поделба меѓу граѓаните.
– Не можат двајца да седнат и да одлучуваат за судбината на третиот. Но се чини дека кај нас тоа стана пракса. Не се работи тука за „џентлменски договор“, туку повеќе за „етнички договор“. Таков договор беше и тиранската платформа, кога на некое друго место надвор од државава се кроеше планот за уставни измени и за составување влада, спротивно на волјата на граѓаните. Истото сега се обидува некој да го направи повторно. Замислете каква ќе биде реакцијата на Албанците во земјава ако македонските партии направат џентлменски договор да не земаат албански партнер во Владата, туку кој обезбеди мнозинство да си формира влада со која партија сака, каков што е принципот во сите демократски општества. Само кај нас се прави влада по етнички принцип, со што јасно се демонстрира етничката поделба на земјата. Такви „џентлменски договори“ на туѓа штета македонските партии не прават бидејќи ги земаат предвид и чувствата на сите други, наместо да тргнуваат само од сопствените етнички позиции – посочуваат аналитичарите.
Нивен заклучок е дека партиите треба да направат „џентлменски договор“ дека ќе работат за враќање на државата на вистинскиот колосек на просперитет и подобар живот за граѓаните.
– Тоа се вистински џентлменски договори, кои нема да бидат на штета на никого. Сите треба да се обврзат дека ќе ги штитат националните интереси, дека ќе се борат земјата да напредува кон ЕУ врз основа на Копенхашките критериуми, дека внатрешно ќе ја подготвуваат земјава за влез во ЕУ така што ќе работат на воспоставување на владеењето на правото и борбата со корупцијата и криминалот. Можеби им е потребен „џентлменски договор“ со народот дека ќе го исполнат сето она што ќе го ветат пред изборите, а не да си подметнуваат едни на други и да ја водат земјата кон политички ќор-сокак – заклучуваат соговорниците.