Граѓанската вага

Кога државата, општеството или нацијата се соочуваат со егзистенцијални проблеми, како што се очигледниот економско-социјалниот пад на стандардот на граѓаните, растот на сиромаштијата и падот на економијата, растот на корупцијата, невладеењето на правото, нефункционалното образование, стагнацијата на економијата и сѐ така до бесконечност, граѓаните немаат корист (интерес) од несуштинските критики и расфрлањето празни флоскули. Доколку политичките субјекти суштински се зафатат со својата работа, односно реализирани проекти, тогаш граѓаните знаат да го препознаат тоа и да ја дадат својата доверба

(Гласовите се добиваат врз основа на реализирани проекти)

Политиката е сериозно нешто, нешто што се однесува на управувањето со општеството или државата, управување (читај насочување) од кое зависи квалитетот на одвивањето на милиони животи. Оттука во напредните општества, држави или нации, политичкото битисување не се ограничува само на политичките кампањи или избори, еднаш на четири години, напротив политичкото дејствување се состои од конкретни реализирани проекти, а не од празна слама (читај демагогија) дека ќе изградат патишта или дека ќе се зголемат платите. Во секое нормално општество, политиката како дејност на институциите е планомерна и насочена кон унапредување на општото добро, а тоа подразбира аргументирање, прецизни датуми и завршени проекти. Спротивно од ова општење се политичките активности непосредно пред изборите, кои се карактеристични за општествата или државите од форматот на Бангладеш или Гвинеја, а се карактеризираат со негативната изборна кампања, кампања што се состои од нагрдување на политичкиот противник врз принципот – целта го оправдува средството (читај да се освои власта).
Кога државата, општеството или нацијата се соочуваат со егзистенцијални проблеми, како што се очигледниот економско-социјалниот пад на стандардот на граѓаните, растот на сиромаштијата и падот на економијата, растот на корупцијата, невладеењето на правото, нефункционалното образование, стагнацијата на економијата и сѐ така до бесконечност, граѓаните немаат корист (интерес) од несуштинските критики и расфрлањето празни флоскули.
Доколку политичките субјекти суштински се зафатат со својата работа, односно реализирани проекти, тогаш граѓаните знаат да го препознаат тоа и да ја дадат својата доверба. Во услови кога како општество и држава се соочуваме со голем број егзистенцијални проблеми, македонските политички субјекти треба да ги остават настрана несуштинската предизборна кампања и оцрнувањето на политичките противници. Напротив, треба да се насочат кон суштински и реални политичко-економски програми, програми што ќе бидат насочени кон унапредување на економијата и обезбедување нови работни места, раст на земјоделството и индустријата, раст на терциерното стопанство, градење капитална линиска инфраструктура, раст на производството на домашна енергија, раст на странските инвестиции, унапредување на економската клима за домашните македонски компании и раст на македонскиот БДП. По можност со двоцифрена бројка! Неможно? Е па, не е баш така! Почитувани партии, почитувани кандидати за претседател, најпочитувани граѓани: врвот на патриотизмот, вклучувајќи и на нашиот македонски, е секој да си ја заврши својата работа најпосветено, со највисок професионализам, со највисока мотивираност, па дури и со страст! Кога секој би ја сработел само својата обврска вака, Македонија би цутела! Тоа е патриотизам, а не тапо тропкање в гради! Треба да се даде сѐ од себе да се исполнат зацртаните програми и да се носи одговорност за тоа.
Се разбира, потребна е конкретна програма, програма што ќе го видоизмени македонското општество во сите сегменти, програма што ќе го унапреди земјоделството, ќе го зголеми бруто-домашното производство, ќе обезбеди поголема енергетска сигурност за граѓаните и компаниите итн. Меѓутоа програмата не треба да биде само предизборно средство за привлекување на гласачите, напротив треба силна проактивност кон целите што се реализирани во неа, без разлика дали станува збор за реформи во образованието, борба против корупцијата или унапредување на економијата. На крајот од денот, суштински е колку од таа и таа политичко-економска програма е исполнето, тоа го препознаваат граѓаните и гласачите, бидејќи тоа се одразува на нивниот животен стандард.
Само со здраво политичко насочување ќе се подобри македонското општество и ќе се спречи заминувањето на младите генерации од Македонија, тоа ни е потребно, а не оцрнување на политичките противници и празни ветувања. Потребни ни се реални и суштински проекти, тоа е рецептот, тоа е суштината на демократијата и политичкото управување (насочување), бидејќи врз основа на реализираните ветувања граѓаните одлучуваат, а не врз флоскулите или демагогијата.