Медиумизацијата на политиката – поуки

Кампањите и политичката пропаганда се дејност што на годишно ниво троши милијарди (долари, евра, јени, денари). Тоа е бизнис, индустрија, чија обврска, задача и цел е „контрола на умот на јавноста“. Пионерски чекори се направени на тлото на Америка во услови на развиениот капитализам во првите декади од минатиот век. Мобилизирање на мислењето на заедницата во полза на одредени економски, политички и други концепти. Логиката и целта се кристално јасни.
Кампањите и медиумската помпа, збиднувањата и случувањата во и околу нив се интензивираат и во нашиот сокак и во ова транзициско предизборие. Битката во медиумите, како и во сите претходни плурални лета, одново е во акција и атакува врз нашите сетила. Со „софистицирани алатки“ за т.н. мека медиумска диктатура, билборди, платени политички реклами, дебати, дуели, одново нѐ окупираат, обземаат и сурово ќе нѐ тероризираат. Политичките пропаганди започнаа, се интензивираат и со постапката на баражна информациска сугестија одново ќе се обидат да го скршат, да го здробат отпорот и да ги пробијат идеолошките бариери. Одново во свеста на граѓанинот ќе се обидат да сензибилизираат и да создаваат слоеви на промена, прогрес и надеж и да поттикнат вид ментален парадокс, востановен како траен рецидив од манипулациите, нешто на што, најверојатно, тој (граѓанинот) доброволно се согласува, предава и го дава својот глас.
„Медиумизацијата на политиката“, односно нејзино претопување, е легитимна цел и задача напропагандно-политичките кампањи. Притоа врвен приоритет добиваат вредностите што се телевизиски и уверливи преку медиумите, додека вистинските способности за разбирање и решавање на проблемите се далеку пониско на листата на приоритети. Да се обработи и подготви јавноста, да се завладее со нејзиниот перцептивен преглед, да се наметнат политичките визии и себеси како единствена можна опција и надеж, во сурова битка за секој глас, избирач, борба во која „гласот на абдал е еднакво вреден како и гласот на Ајнштајн“…
Но изборите се прават за избирачите, а не за поединци или за политичките елити, иако многумина уште размислуваат и сметаат дека избирачкото тело (леви, десни, неопределени) е корпус од уплашени, малоумни и конфузни граѓани и дека со нив може да се справи, да се управува и манипулира како и во времето на еднопартизмот…
Актуелната политика, очигледно, е медиумски писмена и е наполно свесна за принципите и технолошко-информацискиот карактер на стварноста. Кампањите и медиумската помпа се неодминлив дел на активната и пасивната политичка пропаганда.
Во политичкиот живот сѐ повеќе се чувствува влијанието на клучните аспекти на медиумско претставување: реториката и усниот координиран настап, телегеничност, ритамот на презентацијата соодветен на ритамот на перцепцијата на потенцијалното гласачко тело, т.н. секундарна оралност – визуелна вештина како дополнување на говорниот облик на содржините со гестикулација и микромимика, драмски паузи, сугестивен тембри модерен стајлинг.

Што се однесува до политичкиот бонитет и авторитет како клучна компонента во понудата при изборите на политичкиот „лидершип“, треба да се има предвид дека сме мала и политички релативно неискусна средина во која луѓето имаат свои политички уверувања што најчесто се изградени како севкупен и непомирлив поглед на светот. Тоа е една од важните психолошки претпоставки врз која се трасира и формира плодна почва каде што всушност секој може да се произведе во политички авторитет и така најчесто бидува и, еве, одново се случува и во нашето скудно транзициско битисување.
Тоа и не мора да бидат кандидати на некоја од силните партиски опции. Во крајна консеквенца може да биде и кандидат и од најслабата партија или кој било амбициозен поединец што ќе се „почувствува“ кадарен да се вмеша во политичкиот натпревар. Тоа во нашиот бурен транзициски живот сѐ повеќе се наѕира и развива безмалку како масовна спортска дисциплина.
Пропагандата во демократијата е она што во тоталитарните режими е ќотекот – постулираат луцидно социолозите, психолозите, филозофите. Една од клучните промени во новата информациска доба е изменетиот начин на кој ги бараме, ги примаме и ги користиме информациите. Во бомбастичната и сѐ подраматична реалност, која секојдневно ја живееме, ни се нуди мени што ја претпочита политичката илузија наместо конкретната прагма и резултанта, чија вредносна супстанција е економски мерлива со показатели што се видливи и секојдневно ги препознаваме и допираме и живееме. Кампањите и информациите сфатени како јавно и општо добро, кое се дифузира во комуникациската заедница заради јавно информирање и едукација, како и овозможување на демократскиот процес (јавна дебата и избори), сега имаат поинаква функција. Достапните информации не поттикнуваат рационална јавна дебата за клучните прашања и не ги прават нужно граѓаните политички посвесни, ниту пообразовани. Информирањето се реализира како интерактивна игра во која забавата има многу важна улога. На пример, политичкиот натпревар што се одвива во кампањите на медиумските арени е следен од публика чие однесување повеќе наликува на спортски обожаватели отколку на рационална јавност, која непристрасно и со студени глави ги одмерува аргументите на противниците. Стара вистина е дека во политиката и маче и куче спијат заедно кога се во прашање освојување на власта, интересот и сѐ што следува.

Либерализмот и социјализмот како економски теории и политички идеологии радикално различно го сфаќаат човекот, а следствено и општеството и државата и односите што владеат во нив. Но при средбата со демократијата добиваат заеднички наслов и стaнуваат потенцијални сојузници при што идеолошките разлики во голема мера се уриваат. Во предизборна баражна ескалација за освојување на власта се нуди сѐ и сешто, од нереални високи плати, до куп шарени политички илузии, со несогледливи погубни последици по државните и националните интереси.
А медиумите? Колку во суштина, денешните медиуми служат за манипулација со јавноста и колку однатре може да се манипулира со структурата и содржината на самите медиуми и пораките што ги емитираат.
Драматичниот пад на угледот на политиката се вклопува во постмодерните трендови на изразен скептицизам и губење на вербата дека ветените исполнувања, како и пронаоѓањето на вистината, воопшто се можни. Политиката изгледа како лажиран систем во кој членови на различни политички опции се натпреваруваат за добро платени работни места, а не за победа на идеи или во име на поголеми колективни интереси.
Но само праксата е критериум на вистината. Ветувањата и резултатите на политичкото дејствување се огледаат, проверуваат и верифицираат едноставно и единствено во нашата секојдневна „тажачка“ – живејачка, во реалниот живот. Следствено, сфаќањата дека во информатичко општество употребата на медиумите, интернетот и другите средства за масовна комуникација ќе се користат во кампањите како орудие за ментална навигација само за изборни борби и победи, веќе наликува на застарена метафора, која сѐ повеќе станува товар и компликација и на секоја од политиките.

Аљоша Симјановски