Патувањето со деца може да биде забавно и предизвикувачко во исто време. Во автомобилот детето не може слободно да се движи и мора да седи мирно долго време. На децата на возраст од четири до шест години не им е лесно да се вклучат во една активност повеќе од 20 минути, а постарите деца можат да се справат со 50 минути. Но што ако патувањето трае со часови? Ќе наброиме неколку начини како да го забавувате детето додека сте на пат.
1. На буква на буква: Сите ја знаеме суштината на оваа игра. Родителот кажува збор, а детето мора да излезе со нов збор што одговара на буквата на која завршува зборот што го избрал родителот. Оваа едноставна игра може да го збогати вокабуларот на детето и да го подобри неговиот правопис.
2. Пеење на омилените песни: Ако детето сака да пее, подгответе плејлиста со песните што ги сака. Оваа вежба не само што го подигнува расположението туку и го зголемува нивото на доверба и отвореност на детето кон родителот, а исто така може да развие вистински вокален талент.
3. Вежбање на перцепцијата: Играјте ја играта „Што гледам надвор од прозорецот“. Натпреварувајте се со детето во броење на најмногу црни автомобили или бели куќи на патот. Оваа едноставна игра ќе му овозможи на детето да вежба внимание и броење.
4. Научете нови работи: Разговарајте со вашето дете за она што го гледате преку прозорецот и научете го нешто ново. На пример, малку за историјата на пределот низ кој поминувате.
5. Мистериозен објект: Правила на играта се следни: смислете предмет, а детето треба да го погоди. Тој има право да поставува само прашања на кои одговорите се „да“ или „не“. Играта развива логично размислување и способност за правилно формулирање на прашања.
6. Запознавање: Долгото патување е одлично време да го запознаете вашето дете, неговите желби, карактер и мисли. Можете да започнете со прашањата: што би сакал да бидеш кога ќе пораснеш и кој би сакал да бидеш.
7. Прашалник: Поставете му на детето прашање, дали знае, на пример, зошто мачката има мустаќи? Или, зошто човекот има пет прсти? Детето ќе се заинтересира и ќе почне да погодува, а вие ќе му го кажете точниот одговор. На овој начин, не само што ќе му кажете на вашето дете нови факти за светот за кои претходно не знаело туку ќе го научите и на важна вештина – да биде љубопитно.
8. Составување дневник за патување: Забележете ги сите фази од вашето патување, какви емоции сте доживеале во моментот на заминување, што сте сретнале по пат, што сте јаделе, означете сè што ви изгледа важно и интересно. Направете повеќе заеднички фотографии, оставете го детето само да фотографира од прозорецот.