Само три прволигашки фудбалски тимови дозволиле помалку од два директни шута на нивните домашни првенствени натпревари сезонава, покажа анализата на Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС). Тоа се хрватскиот Динамо Загреб со 1,6 шут во просек по натпревар во нивниот гол, англискиот Манчестер сити со 1,8 и шведскиот АИК со 1,9, велат од ЦИЕС, по анализата на прволигашките мечеви во 35 земји од Европа.
Украинскиот Шахтер Донецк, пак, дозволил најмалку додавања во просторот од 30 метри пред својот гол на првенствен меч, само 40,8 во просек по средба. Од напаѓачкиот дел, највисоки бројки за удари во противничкиот гол во просек по натпревар има холандскиот Ајакс со 9,1, а потоа следуваат ПСВ со 8,8, Барселона со 8,1, Манчестер сити со осум, Марибор и Генк со по 7,9 итн.
Манчестер сити води на листата со додавања во напаѓачкиот дел од теренот, со 206 по натпревар, пред Челси со 200,3, Шахтер со 192,2, Барселона со 188,8, Ајакс со 186 итн.
Најдобар во категоријата прецизни додавања е Челси, со 89,9 отсто успешност. На оваа листа потоа следуваат Барселона со 89,6, Манчестер сити со 89,2, ПСЖ со 88,9, Реал Мадрид со 88,8 итн. Кога е во прашање поседот на топката, води Шахтер со 67 отсто, пред Манчестер сити со 66,8, Салцбург со 65,4 итн.