Фото: ШКВ Скопје 72

ШАХОВСКИТЕ ВЕТЕРАНИ НЕ МИРУВААТ

Со овие натпревари сакаме да ги разбудиме ветераните во шаховските центри на Македонија, да се дружиме, да им го пренесуваме нашето искуство на младите. Во план ни е да одржиме екипен турнир на ветерани, набргу ќе им гостуваме и на ветераните на Ниш, вели Стошевски, капитен на ШКВ Скопје 72
Шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72, формиран во април 2022 година, не мирува, в сабота, во салата на ШК Прилеп ќе одигра двокружен меч со домаќинот, екипата составена од ветерани на Прилеп (од 10.30 часот, а темпото на игра е 50 минути со дополнителни 10 секунди по секој потег). На ланскиот двокружен меч во Битола, помеѓу ветераните на Битола и ШКВ Скопје 72 одигран на шест табли, славеа скопјани со 10,5-1,5. Претходно ШКВ Скопје 72 со шаховските ветерани на Тетово, во Тетово одигра нерешено 6-6.
– Овие натпревари се всушност и дел од усвоената програма за работа на ШКВ Скопје 72 за годинава. Едноставно, сакаме да ги разбудиме ветераните во шаховските центри на Македонија, да се дружиме, да им го пренесуваме нашето искуство на младите, а со тоа едновремено да ја стопираме или одложиме биолошката димензија. Во план ни е да одржиме екипен турнир на ветерани со минимум четири екипи, но за тоа потоа. Набргу ќе им гостуваме и на ветераните на Ниш во Србија, за што сме во завршна организациска фаза. За дуелот со прилепчани нашиот селектор, велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ, има на располагање 10 шахисти, а составот ќе го соопшти пред почетокот на двомечот – вели искусниот шаховски ветеран и капитен на екипата на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски. Г.И.

Фото: ШКВ Скопје 72