Светски ден на театарот – 27 март
Коле Ангеловски, филмски и театарски актер, театарски режисер, е автор на годинашната порака по повод Меѓународниот ден на театарот, 27 март. Според него, ова е голем празник за театарџиите, кој им доаѓа како куќна слава, ден кога театрите се обидуваат да дадат премиера (по можност добра), „па потоа коктелче, баш како на куќна слава“.
– Јас имав посебна среќа што нa 27 март два нови театри се отворија со мои претстави. Театарот за деца и млади со претставата „Чудовиштата од нашиот град“ според текст на Русомир Богдановски, тогаш македонската порака за денот на театарот со специјален хелиобалон беше испратена во вселената. По неколку години се отвори и „Театарот комедија“ со „Ах, љубов моја“, со мои текст и режија. Долго време сум во театарот и имав можност да доживеам два радикално различни периоди во животот на македонскиот театар. Првиот, кога Македонија, во рамките на Југославија, водеше сметка за културата, сакаше да се покаже пред другите републики, беше горда кога ние правевме добри претстави, победувавме на меѓународни фестивали и на фестивалите во Југославија, патувавме по турнеи во разни земји по светот. Тогаш ниту еден од режисерите на знаеше колкав му е буџетот на претставата. Сценограф, костимограф, композитор (за секоја претстава специјално се компонираше музика) нормално беше да ги имаш најдобрите, секое работно место беше покриено со соодветно квалификуван човек. Имаше работилници што изработуваа сѐ што е потребно да се опреми една претстава. Тогаш театрите ги водеа компетентни и значајни личности и сѐ функционираше како што треба. Југославија се распадна, Македонија имаше среќа да помине без војна – вели Ангеловски.
Според него, во тоа време во независна Република Македонија имало околу 20 национални установи што целосно биле финансирани од Министерството за култура.
– Дојде демократијата, во театрите дојдоа партиски директори, кои си носеа партиски режисери, кои си избираа партиски глумци и соработници и со големи буџети правеа големи проекти, не претстави, проекти според големи автори. Големи најави, мали резултати. Ќе се променеше власта, нови партиски директори, нови партиски режисери, нови соработници, големи автори, големи најави, а сѐ помалку публика, помалку репризи. Сонувавме за некогашните 200, 300, 470 репризи, претставите што се играа по десет, дваесет, дваесет и девет години, пред полни салони, со редици пред билетарницата, со среќна и насмеана публика. Секоја година со ребалансот на буџетот, парите во културата се намалуваа за 10-20 отсто, а бројот на националните установи се зголемуваше. На последниот конкурс на Министерството за култура имало 3.132 барања за финансирање проекти. Комисиите составени, барем како што велат, од компетентни и стручни луѓе (повеќе партиски, отколку компетентни) како само да ги протрчале насловите, без суштински да навлезат во проектите; инаку би им требало најмалку една година, но и тогаш средствата би ги поделиле за да се задоволат народите и народностите, партиите, во секое гратче, општина, село – тежнеејќи да имa барем по две национални установи, за да се почитува принципот на двојазичност и сите да бидат задоволни – пишува режисерот.
Тој прави и мала дигресија, споменувајќи го примерот на Франција, држава со 80 милиони жители, која има само пет државни театри што се комплетно финансирани од Министерството за култура на Р. Франција, а само театарот „Комеди Франсез“ има постојано вработена трупа.
– Да се добие статус на национална институција на културата – тоа мора да се заслужи. И сега со овие средства што ги добија театрите, со исклучок на две-три претстави што имаат пристојни буџети, ќе крпарат со сценографии и костимографии од фундус, музика ќе симнуваат од Јутјуб, хонорарите, ако воопшто ги има, ќе бидат минимални. Ќе гледаме, којзнае по кој пат нови видувања на „Тартиф“, на дела од Шекспир, Стефановски… Ќе „измислиме нов правец“ во театарот – „гол театар“: празна сцена, два стола, црни завеси… Зградите на театрите ќе се распаѓаат, вода ќе тече од сите страни, греење ќе нема, стотина дипломирани млади актери ќе чекаат некој од театрите да распише конкурс за евентуално да бидат примени… Но, затоа ќе имаме фестивали во секој град и село, дури ќе финансира фестивал во друга држава… Ама немајте гајле, в година, како што рече еден наш хуморист: Тумороу ит вил би БЕТЕР – порача Коле Ангеловски. В.Д.