Најпринципиелното и наедно најстрого барање (поглавје) во преговорите со ЕУ е она за владеење на правото! Веќе нашироко е позната онаа одредница за поглавјето 23, која вели дека тоа поглавје, за владеењето на правото, прво се отвора и последно се затвора во преговарачкиот процес со ЕУ. Во еден таков ретко цврст и монолитен став и услов за евроинтеграции, базично се поставува прашањето дали е можно владеење на правото без правда? Проектирано за Македонија, дали тоа значи дека е можно владеење на правото без правдата за извршените воени злосторства што не застаруваат? Дали партиите изумија во своите програми да ги внесат својата позиција и планирани зафати по овој суштински предизвик?

Сите се залагаат за владеење на правото, за правна држава и правда, но нешто клучно испуштаме од вид:

Пред да влезе Македонија официјално во „изборен мод“, веќе повеќе од два месеца, до македонската влада стигна писмо од канцеларијата на комесарот за човекови права при Советот на Европа, во кое се повикува на „справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување во државите во регионот“. Повикот за „правда и помирување“ во македонскиот контекст значеше потсетување на обврската за домашниот правосуден систем да ги процесира т.н. хашки случаи, односно четирите предмети на воени злосторства врз цивилно население извршени во воениот конфликт во 2001 година, а вратени во земјава од Трибуналот во Хаг, во 2008 година. Дека станува збор за конкретно барање до македонските власти, за конкретните случаи, во писмото од Комесаријатот за човекови права при Советот на Европа, јасно може да се разбере од препораката за укинување на автентичното толкување на Законот за амнестија, со кое овие хашки предмети во 2011 година беа препуштени на правот во архивите на македонското правосудство. Станува збор за случаите од 2001 година: „Водство на ОНА“, „Мавровски работници“, „Гробница во Непроштено“, „Липковска брана“, квалификувани како воени злосторства врз цивилно население, што ги става во категоријата на дела што според меѓународното право и меѓународните конвенции не застаруваат и не можат да бидат предмет на помилување и амнестија на каков било правен начин. Тежината на овие злодела не би требало да остави никаков простор за нивен „заборав“ во правосудниот систем од политички причини или со политички одлуки.

Македонските хашки случаи и односот на политичките партии по ова
прашање

За овие повеќе од два месеца од официјалното потсетување на Советот на Европа до македонската влада за потребата и обврската за процесирање на хашките случаи, речиси сите политички субјекти „политички елегантно“ избегнуваат да се изјаснат за барањето за реактивирање на хашките случаи. Единствено од Левица кажаа дека евентуалното постизборното коалицирање за составување влада ќе го условат со процесирање на овие четири случаи, но од Демократскиот сојуз презедоа можеби единствен конкретен чекор, со иницијатива до Уставниот суд за отстранување на правните пречки (автентичното толкување на Законот за амнестија) за да може повторно да бидат активирани овие хашки случаи во македонското правосудство. Последниот премиер на политичката влада Димитар Ковачевски, кој всушност и го добил дописот од Комесаријатот за човекови права при СЕ, не ја ни информира јавноста за неговото постоење, а откако му престана мандатот, во една пригода само кратко одговори на новинарско прашање дека „внимателно се разгледува во (неговата) партија“. За актуелниот технички премиер Талат Џафери (за кого постојат индикации дека можеби би бил опфатен со некој од хашките предмети), тоа е „законски завршена приказна“. Едно од толкувањата на политичките аналитичари во јавноста, за избегнувањето на политичките субјекти да се изјаснат за барањето на европската институција за активирање на хашките случаи, е наближувањето на изборите, претседателски и парламентарни. Особено е индикативно, во овој предизборен период, кога веќе отворено се промовираат изборните програми на партиите, што речиси никаде како заложба во контекст на воспоставување на владеење на правото не се споменуваат хашките случаи.
– Речиси боде очи невидливоста на хашките случаи во изборните програми на партиите – и кај оние од сѐ уште владејачката коалиција, но и кај опозицијата. Таквиот однос на партиите спрема ова контроверзно прашање, кога станува збор за опциите за формирање влада по изборите, беше сосема предвидлив, иако принципиелно е неприфатлив. Сите размислуваат за сите политички опции за коалицирање со партии од албанскиот политички фактор (кој реално е најзасегнат од можноста за активирање на хашките случаи) и си држат отворена врата за постизборно коалицирање. Никоја од партиите не поставува принципиелна рамка што би ограничила, би поставила принципиелни црвени линии за политичко коалицирање. Со таква идеја, според која сѐ е дозволено за освојување на власта, сѐ што е контроверзно како тема се игнорира од партиите, или се избегнува да се одговори кога ќе се постави како прашање, а не се ни помислува да се стави како обврска во изборна програма – вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска од Институтот за правни и политичкоправни истражувања.

Неодговорените прашања ги поткопуваат основите за општествено помирување и меѓуетничка доверба

Дваесет и три години по случувањата што се предмет на интерес во хашките случаи, се чини дека за политичкиот и правниот систем во Македонија не се доволен период за соочување со вистината и постигнување правда за злосторства врз цивили, кои никогаш не застаруваат. Покрај сите политички непринципиелни предизвици што ѝ се поставуваат на Македонија на нејзиниот неправедно долг пат во евроинтегративните процеси, најпринципиелното и наедно најстрого барање (поглавје) во преговорите со ЕУ е она за владеење на правото! Веќе аксиомска е онаа одредница за поглавјето 23, кое прво се отвора и последно се затвора во преговарачкиот процес со ЕУ. Во сета таа контроверзност во условите за евроинтеграции на Македонија, базично се поставува прашањето можно ли е владеење на правото без правда за воени злосторства што не застаруваат.
– Дефинитивно не е возможно владеење на правото со политичко игнорирање на барањето правда за злосторства против човештвото. И не станува збор само за хашките случаи туку веќе речиси никој од политичките партии не ги споменува внатрешно раселените лица по конфликтот од 2001 година, уништените домови, генерации луѓе на кои им е сменета судбината (па, и на некој начин уништен животот) што не можат да се вратат во родните домови… Од политички опортунизам сето тоа е препуштено на заборавот и на неправдата. Без потреба од правда, се поткопуваат сите основи за здраво општествено помирување и меѓуетничка доверба. Што е уште позагрижувачки во македонскиот политички амбиент, наместо да се создаваат услови за постигнување правда за жртвите од конфликтот во 2001 година, од политичкиот субјект (ДУИ) што изникна од милитантната групација што го предизвика конфликтот сѐ уште слушаме закани за немири ако не бидат дел од секоја власт. Не само што не се осудува заканата со насилство туку редовно се користи според потребите во партискиот вокабулар. Таквиот однос придонесува за постојана правна, политичка, па и физичка несигурност во Македонија – вели професорката Мирјана Најчевска.