„Театар комедија“ ќе го прослави Светскиот ден на театарот со првата премиера за годинава. Вечерва, во 20 часот, на големата сцена ќе биде премиерно изведена претставата „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ и во превод на македонски јазик на Маја Трајаноска Ивановска. Во претставата играат: Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Григор Јовановски, Тони Денковски, Сергеј Димовски, Виктор Арсов, Жаклина Петровска и Маја Љутков. Костимографка на претставата е Ивана Каранфиловска Угуровска, сценографка Вишња Вујовиќ, композитор Оливер Јосифовски, соработник за сценски движења Димитриос Сотириу, дизајн на светло Крис Јегер, мајстор на светло Слободан Илиоски.
Драмскиот текст „Пар распар“ на Нил Сајмон првпат е поставен на сцената на театарот „Бродвеј“ во 1965 година. Оттогаш е адаптиран во различни форми што вклучуваат еден успешен филм, телевизиска серија и голем број сценски поставки низ целиот свет, што го прави едно од најпознатите и најтрајни дела на Нил Сајмон.:
– Базирани на спротивностите (редот против хаосот, законот против анархијата) и карактерните разлики, ликовите Оскар и Феликс се моќно дуо, архетипски пар што ќе инспирира безброј серии и филмови на поджанрот другарска комедија. Причината за ваквиот успех кај публиката ја пронаоѓаме во вештиот и остроумен хумор на Сајмон, како и неверојатната леснотија со која создава впечатливи ликови – вели драматургот Тамара Барачков за „Пар распар“ на Сајмон.
„Пар распар“ користи хумор и духовитост за да ги истражи универзалните теми на пријателството, компатибилноста и личниот развој, и токму тоа го прави овој драмски текст безвременска и омилена класика во светот на комедијата.
Првата реприза е на 29 март (петок), со почеток во 20 часот.