Зголемени стапките на дебелина
Во триесетте години помеѓу 1992 и 2022 година, стапките на дебелина кај децата и адолесцентите се зголемени за четири пати, додека кај возрасните се зголемиле повеќе од двојно, покажува новото истражување спроведено на дури 222 милиони испитаници во 190 земји.
Денес во светот има околу една милијарда дебели луѓе. Овие алармантни трендови укажуваат на итна потреба од глобално дејствување и промени во пристапот кон исхраната и физичката активност. Според истражувањето објавено на 1 март во угледното списание „Лансет“, само за три децении има огромен пораст на бројот на дебели луѓе. Овие загрижувачки податоци укажуваат на неопходноста од издигање на свеста кај јавноста за важноста на здравиот начин на живот и поддршка на иницијативите што промовираат правилна исхрана и редовна физичка активност.
Најчести причини за дебелина во светот денес се примарните
Овие алармантни податоци се одраз на нездравиот живот и физичката неактивност. Дебелината значи состојба на прекумерно таложење маснотии во телото. Таа е резултат на нерамнотежа помеѓу внесувањето енергија преку храна и пијалаци и нејзината потрошувачка во телото. Зголемувањето на дебелината во зрелоста не се карактеризира со зголемување на бројот на масни клетки како во детството, туку со зголемување на нивниот волумен.
Машкиот тип на дебелина е абдоминална дебелина (рамена, гради, горниот дел на стомакот), а женскиот тип е глутеална дебелина (долниот дел на стомакот, задникот, колковите).
Причините за дебелината се различни. Можеме да ги поделиме во две главни групи. Примарни причини за дебелината се кога причините се генетски, влијанието на околината и навиките на поединецот, а секундарни причини кога дебелината е последица на болест.
Најчести причини за дебелина во светот денес се примарните. Комбинацијата на прекумерно внесување енергија богата со јаглехидрати и масти со намалена физичка активност, што е карактеристично за модерното време, е најчеста причина за толку голем број дебели поединци во општеството. Исто така, за ова придонесуваат и генетските фактори што влијаат на тоа како поединецот го разградува и складира масното ткиво и земањето одредени лекови.
Дебелината има цела низа последици врз здравјето
Дебелината има цела низа последици врз здравјето на поединецот: отпорност на инсулин – масното ткиво активно лачи хемиски соединенија и тие може да доведат до отпорност на инсулин; зголемена концентрација на холестерол и триглицериди во крвта, зголемена инциденца на дијабетес, заедно со инсулинската резистенција, појавата на дијабетес, болести на срцето и крвните садови, зголемен крвен притисок, забрзана атеросклероза, зголемена шанса за срцев и мозочен удар и периферна артериска болест. Срцето мора да работи понапорно кај дебелите луѓе, поради што се јавува хипертрофија на левата комора. Последици се и почесто формирање камења во жолчката, пулмонални компликации, отежнато дишење и апнеја при спиење, почеста појава на рак (дебело црево, ендометриум, дојка), механичко оптоварување на зглобовите, замастен црн дроб. Неопходно е да се земат предвид и менталните проблеми што доаѓаат со дебелината, како депресија, срам и вина, социјална изолација и помал успех на работа.