Архиепископот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г. г. Стефан испрати телеграма со сочувство до неговата светост, патријархот Московски и на цела Русија, г.г. Кирил за загинатите во терористички напад во концертната сала „Крокус сити холл“ во близина на Москва.
-Ваша светост, Длабоко сме нажалени од веста за грозоморниот терористички напад во концертната сала „Крокус сити холл“ во близина на Москва каде животот го загубија многу невини луѓе помеѓу кои и деца. Сострадувајќи со болката на семејствата на постраданите, од Свое, како и од името на клирот и на верниот народ на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, искажуваме најискрено сочувство, молејќи се за спасение на душите на починатите, а на повредените им посакуваме побрзо закрепнување – се посочува во телеграмата.
Вооружени напаѓачи во петокот вечерта влегоа во концертната сала во Красногорск, кај Москва, и почнале да пукаат кон посетителите, а потоа фрлиле запаливи средства, што предизвикало пожар.
Бројот на жртвите од масовното пукање во концертната сала „Крокус сити хол“ во близина на Москва достигна 152, а меѓу нив има и три деца, соопштија денеска руските власти.