Премиерата на филмот ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот ќе бидат отсвирени најпознатите песни од бендот, но и македонски песни и џез-стандарди во препознатливиот народен ритам

Младинскиот културен центар ја најавува светската премиера на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на МКЦ, „Росфорт“ и „Румракет“, на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „ЦПХ: Докс“ утре во Копенхаген, Данска. Музичкиот документарен филм, кој се снимаше во текот на април лани, претставува музичко патешествие на групата „Ефтеркланг“ во потрага по македонски музичари за составување голем ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот „Македониум“, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност.
Премиерата на филмот ќе биде проследена со уникатен концерт на ансамблот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, во кој членуваат 22 македонски музичари. Во рамките на концертот ќе бидат отсвирени најпознатите песни од бендот, но и македонски песни и џез-стандарди во препознатливиот народен ритам.
Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови за новиот суперсостав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски-Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.
Режисер на филмот е Андреас Јонсен, наградуван дански документаристички режисер, чиј филм „Аи Веивеи: фејк кејс“ го отворил изданието на овој фестивал лани. Покрај бендот „Ефтеркланг“, во ансамблот членува и Женскиот младински хор при МКЦ, со 16 хористки, потоа музичарите Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.

– Неверојатно сме возбудени за можноста, ете, да се испробаме и во филмот. МКЦ стои гордо како продуцент на овој музички документарен запис, чија идеја потекна токму од тука, од еден од настапите на „Ефтеркланг“ на музичкиот фестивал „Здраво, млади“. Инспирацијата од Крушево, од монументалноста на споменикот „Македониум“, кој покрај државотворниот симболизам, буди и чувства на уметничка независност и израз, беше токму вистинската линија за нарација на целиот филм. Веста дека премиерата на филмот ќе се случи на фестивалот во Копенхаген беше огромно изненадување -вели Владица Младеновски од МКЦ.
Светската премиера заедно со концертниот настап ќе се случи во познатата сала „ДР концертхусет“, која за време на изградбата во 2007 година важела за најскапата музичка сала што е некогаш изградена. Архитектот Жан Нувел за дизајнот доби Прицкерова награда за архитектура.
Реализацијата на филмот е поддржана од страна на Министерството за култура на Македонија со 250.000 денари, потоа Данскиот уметнички совет и „Калчр мувс Јуроп“, програма на Европска Унија.