Што се добива ако соединиш црн петок и топ листа?

Ако утре се разбудите како Хрват, што прво ќе помислите? Па, пред да смислам како на жена ми да ѝ кажам дека ова лето подобро да одвоиме пари за реновирање на куќата, отколку за одмор, ќе размислам дали да гласам за Пленковиќ или Милановиќ. А доколку се разбудите како Американец? Уф, пред да одлучам дали да подигнам нов кредит, знаете, отсекогаш сум сонувал да имам мал брод на Мисисипи, ќе подразмислам дали за нашата држава подобар е Бајден или Трамп. А што ако утре отворите очи и сфатите дека сте Германец? Хм, пред да си купам карти за Европско првенство во фудбал, сигурно ќе одлучам што да заокружам, ЦДУ или АФД, оти социјалдемокративе стварно не ги бива. А што прво ќе направите ако утре се разбудите во Русија? Ех, баќушка, утре одам да ѝ купам на Катја комплет Довлатов за роденден, уз пат ќе си го купам „КГБТ+“, на Пељевин, ама пред тоа ќе размислам дали да гласам или да не гласам за Путин.
А? Гледате вие ова? Цела планета оди на избори. Кај и да се свртиш фршти демократија и ветувања за подобра иднина. Од извори блиски на Марти Мек Флај, иднината не може да престане со штуцање. Лудило, ми рече Марти пред некој ден, седнати на шанк во 2028 година, секое мое враќање во иднината нов шок ме удира, сè подобро и поквалитетно живеење гледам околу себе, и не запираат бе, толку многу ветуваат прогрес, успеси и рајски решенија низ планетата што иднината не може да постигне. Во право е Марти, со онолкаво количество ветувања за совршена иднина, Аркадија, Елдорадо и Неверленд изгледаат како промашена инвестиција. Ти си мислиш овие лудациве само што не ја рокнале планетата во нуклеарна војна, оти кај и да се свртиш крв до колена, кога они, демант… каква војна, будало(?), какви нуклеарки, кретену(?), не гледаш дека сите одиме на избори? Што е следно? И Северна Кореја оваа година оди на избори?
А, господине Сeмјуел Клеменс, што ќе кажете Вие на ова? Гледате ли од Вашата Халеева комета што се случува на третиов камен од Сонцето? Ако таму некаде се мота и Дик Соломон, викнете го, па и тој да ѕирне какви позитивни чуда правиме! Да, господине Клеменс, нема веќе робовладетели и робови како во Ваше време. Ние сега и тука, ако не знаете, си имаме робовладетели демократи со полни усти цивилизациски вредности, па затоа и робовите станаа среќни робови кои одат на избори. Не, нема веќе ни камшици, во денешново модерно време на кое низ уши му течат вредности, имаме филери и фотошоп на нашите паметни гаџети (некои се дури и попаметни од нас), со кои, меѓу две реклами за бесплатни услуги засекогаш (кои ги плаќаме), можеме за една секунда да го разубавиме она што не ни се допаѓа кај себе и другите, а за да не грешиме, сè што правиме, зборуваме, мислиме или со страст воздивнуваме, гаџети уште попаметни од нашите, го снимаат, процесираат и чуваат во „облаци“.

И за оние што немаат редовен секс, кутрите, нашите добротвори најдоа решение, па сега кој нема секс во постела има туѓа интима на интернет и на други модерни алатки за образование и борба против интимна осаменост. Како сето ова го постигнавме, ќе прашате, господине Клеменс? Едноставно, одиме на избори и со полни гради дишеме демократија и нејзини вредности.
Може веќе утре овие прекрасни производители и продавачи (секако, бесплатно засекогаш) на демократија и цивилизациски вредности кои постојано се грижат за нашата иднина, за уште повеќе да нè демократизираат, ќе почнат да мешаат избори. Ти ѕвони среде ноќ телефон и слушаш, господине Џон До, знаете дека од оваа година имаме два изборни круга претседателски избори, па да ве прашаме, ако во прв круг се борат Бајден, Трамп и Путин, што мислите… тука тензична пауза… кој ќе влезе во втор круг со Путин, Бајден или Трамп? Колку откачено, нели, господине Клеменс? Уште да се појави некој гениј како Вас, па да напише роман „Путин во дворот на Белата куќа“?
Што правиш, Русјаков, провоцираш, си го бараш со боринче, нешто многу се правиш паметен, тоа ли?
Искрено, од сè по малку, ама не злонамерно. Едноставно сакам да сум дел од шоуто, смислувам начини како да се најдам на американска црна листа. Жими Макарти (не, Пол)! А ха, се надевам ќе ме процесираат, па ќе излезат од Стејт департментот со оној наратив: „Русјаков, потпирајќи се на првиот амандман (и така потпрен на него го изгужва миленцето, па уште трапав, ја турна и вазната), ја злоупотреби слободата на говор трансформирајќи ја во говор на омраза и во иста колумна ги напика Марк Твен (односно Семјуел Клеменс, кој некако, не знаеме, избегна да биде канселиран), Марти Мек Флај и Дик Соломон, заедно со озлогласениот Путин, со што во нашата уметност подметна руски инсинуации извадени од под шинелот на Гогољ. Веднаш по Јенките ќе улетаат нордистанците со нивните рестриктивни мерки, па ќе ми забранат да се приближам до тастатура како да сум Митник и ќе ми ги блокираат оние, сигурно нелегално стекнати, 6.873 денари на сметката. И ете ме мене, селебрити на сите медиуми.

Не сум циничен, напротив. Точно знам какво хумано дело прават со црниве листи (патем, господине Клеменс, црна листа ви е нешто како комбинација од црн петок и топ листа). Во Стејт департментот едноставно сфатија во каква очајна емотивно-духовна состојба сме (дури и во корпорациска реклама ни кажуваат дека сосед со сосед очи сака да си извади, што е скроз вистина), па одлучија да преземат нешто за наше добро. И ете ја црната листа на политичките црвени килими како доделување oскари за кревање адреналин и возбудување ерогени зони кај депресивно нордистанско пучанство. А маестрално го прават тоа, цареви се за шоу-бизнис и ентертејмент, онака етапно ни ги вадат, лауреат по лауреат, додека да нè доведат до катарза. Па така, вчера ги имаш Кочо и Рамиз (Рамиз го има па го нема, но тоа е, квантна механика, тунелски ефект), а веќе денес тука се Стевчо и Катица. Додуша има и малку протекции (Кејт си е нивна продукција, режија, сценарио и најважно, кастинг, како сами себе да се ставиле на црна листа), ама и сè уште сме во категорија споредни улоги, но којзнае, може веќе утре пред избори, ќе го извадат… што знам… Мицковски, на пример, бидејќи глупо е од него да ја купиме колата на доктор Емет Браун кога толку многу пари и енергија вложија во оние што потпишуваат договори за наше ништење со кои нè вратија во времето на великошовинистичките идеи, метод познат како враќање во иднината. Како и да е, може не планирале да ме стават на таа славна црна листа, ама белки ќе се најде некоја утешна награда за животно дело, оти еве, откако ни ја донесоа новата нормалност на Нордистан, на конкурси, јас живеам и творам како Трамбо (не, Рамбо… Т… Трамбо).