По започнувањето на руско-украинската војна, Европската комисија (ЕК), како инстантна помош за Украина, привремено ги суспендира сите царини и квоти за украински стоки за период од една година. Така, ЕК овозможи неограничена испорака на украинските земјоделски производи на европскиот (па, и на светскиот) пазар. Но, од оваа временска дистанца, се констатира дека таа мерка ги дестабилизира пазарите во ЕУ и ја загрози егзистенцијата на европските земјоделци. И покрај протестите на земјоделците од ЕУ, кои презентираа докази за штетата нанесена од преплавеноста со евтини украински производи, Брисел ја продолжи мерката за уште една, па за уште една година во 2023 година. Сега се случува нешто друго…

Амбасадорите на Европската Унија не ја потврдија одлуката за продолжување на трговските правила за Украина

Амбасадорите на Европската Унија не ја потврдија одлуката за продолжување на трговските правила за Украина за уште една година, пренесува „Политико“, повикувајќи се на сопствени извори во Унијата. Инаку, се очекуваше амбасадорите да одобрат привремен договор со кој на украинските производители на храна ќе им се овозможи бесцарински пристап до пазарите на ЕУ до јуни 2025 година. Сепак, неколку земји – особено Франција – побараа повеќе време да го проценат влијанието на договорот, изјавија за „Политико“ неименувани дипломати и официјални претставници на ЕУ.
Набрзо по започнувањето на воената операција на Москва во Украина, Европската комисија привремено ги суспендира сите царини и квоти за украински стоки за период од една година за да овозможи испорака на украинските земјоделски производи на светските пазари. Сепак, голем дел од понудата ги поплави источноевропските земји, дестабилизирајќи ги пазарите во ЕУ и загрозувајќи ја егзистенцијата на локалните земјоделци. Брисел ја продолжи мерката за уште една година во 2023 година, и покрај протестите на земјоделците од ЕУ, кои беа преплавени со евтини украински производи.
Во јануари Европската комисија предложи да се суспендираат царините и квотите за украинските земјоделски производи за уште една година. Сепак, за живината, јајцата и шеќерот е вклучена одредба за „итна кочница“, што значи дека ќе се воведат царини доколку увозот ги надмине просечните нивоа во 2022 и 2023 година.
Преговарачите на Европскиот парламент и белгиското претседателство со ЕУ се согласија на листата да ги додадат овесот, пченката и медот. Се бара и Европската комисија побрзо да реагира во случај на зголемување на увозот.
– Договорот сè уште не е онаков каков што сакавме да биде – изјави францускиот министер за земјоделство Марк Фесно и додаде дека солидарноста со Украина не треба да биде „по цена на прекумерна дестабилизација“ на европските пазари.

Полска ќе воведе целосна блокада на житото, семето од репка и
сончогледот за транзит низ Полска

Независно од одлуката на европските амбасадори, полската влада веќе најави дека ќе воведе целосна блокада на житото, семето од репка и сончогледот во транзит низ Полска. Одлуката се очекува да важи од 1 април и, наводно, владата има намера да ја воведе како привремена, но целосна.
Со таквата одлука полската влада става јасно на знаење дека веќе нема трпение за извозната политика на Украина, а за ваквата одлука многу придонесоа домашните земјоделци со своите протести, пишува „Агроинфонет“ и посочува дека резервите од домашна пченица се големи, додека во Германија, традиционалниот полски купувач на обработливи и други земјоделски производи, сѐ повеќе пченицата пристигнува од Украина.
Оваа вест ја пренесоа некои полски медиуми повикувајќи се на документ што наводно го потпишале претставниците на земјоделците што ги организираат протестите и тамошното ресорно министерство. За таа тема ќе се разговара во следната рунда преговори, информираат од АПК.
Во исто време, ЕУ не се откажува од царината за увоз на жито од Русија од 95 евра за тон пченица, што, според прогнозите на експертите, ќе го запре нејзиниот увоз. Сепак, никој сè уште не го споменува сосема сигурното сценарио Украина да ги замени тие количества со свои житарки, бидејќи воведувањето даноци за руската стока ќе придонесе да се зголеми побарувачката за украински исто така евтини жита.

Реагираат и берзите

Овие вести од почетокот на неделата веќе ги потресоа берзите, а се зголемува и прометот со жита во пристаништето Одеса. Порталот наведува дека дневно се истовараат од 1.000 до 1.400 вагони со жито. Поморскиот коридор овозможи намалување на транспортот преку копнените премини и ги поевтини транспортните трошоци. Пченицата за сточна храна најмногу оди во Шпанија и цената е 168 евра за тон, а во таа цена се вклучени и трошоците за испорака до пристаништето на купувачот.
– Најавата за воведување царини од 95 евра за тон за пченицата од Русија и Белорусија носи скок на цените. Ќе има и 50 отсто царина за маслодајните семиња и нивните производи. Оваа давачка создава подобра позиција за домашните земјоделци и трговци и им носи поголема заработка – се посочува во извештајот на „Агроинфонет“.
Таму се наведува и дека новите мерки на ЕУ може да му наштетат на извозот на жита и маслодајни култури, бидејќи во 2023 година увозот од Русија изнесувал четири милиони тони. Сепак, ова е сè уште само еден процент од увозот во ЕУ.
Аграрните аналитичари, коментирајќи ги последните случувања на пазарот на жито, велат дека воведувањето царини за руските производи ќе го поттикне пазарот и ќе доведе до поскапување, но не толку спектакуларно. Тие сметаат дека ваквата одлука на ЕУ била политички мотивирана за да се смират малку незадоволните земјоделци што протестираат. Сепак, како што укажуваат некои од аналитичарите, револтот на земјоделците помалку или повеќе е насочен кон украинската пченица. Тие сметаат дека оваа одлука ќе донесе нарушувања, но не до толкава мера да очекуваме експлозија на цените на светскиот пазар, ниту пак дека пченицата ќе поскапи за 50 отсто, како што сега се најавува. Особено што Русија е најголемиот извозник на пченица, но нејзиниот главен пазар не е ЕУ, туку веќе ги вклучува Турција, Египет, Иран, Мароко…

Подготвил: Mарјан Велевски