Моментно во Македонија има недостиг од медицински сестри. Тој недостиг изнесува 50 проценти или околу 8.000 сестри, беше посочено на денешниот прв симпоизум на Друштвото на медицински сестри од примарната заштита, што се одржа во Прилеп. При тоа беше истакнато дека одливот на сестри ќе продолжи заради нерешениот стастус на сестрите, несоодветни услови за работа, ниските плати…
– Конечно дојде време да се чуе нашиот глас. Како сестри во примарната здравствена заштита сме заборавени. Но, со заеднички сили можеме да ги надминеме проблемите. Мора да се подобри статусот на сестрите во општеството, но и условите за работа – рече Елизабета Настеска, вработена во приватна здравствена установа во Прилеп, на симпозиумот кој беше на тема „Право време за движење напред – нови професионални стандарди.
Според м-р Гордана Бешлисока, претседателка на Здружението на медицински сестри, акушерки и стоматолошки сестри, миграцијата не може да се спречи, но можат да се подобрат условите за работа.
– Сестринството треба да е во чекор со совеменото здравство. Мора да има здрава работна околина за да се придвижиме напред. Потребна е критична маса за да се сменат состојбите. Мора да им се признае компетенцијата на сестрите – рече Бешлиоска.
Според Злате Мехмедовиќ, координатор за реформи во примарната здравствена заштита, потребна е децентрализација на системот, да се доближат услугите до граѓаните.
– Лани започнавме со реформите. Започнаа со режимот за препишување на лекови, променет е начинот на дијагностички услуги во лабораторија. Здравствените работници имаат компетенции да даваат соодветни сулуги со што пациентите брзо ќе ги добијат услугите – рече Мехмедовиќ. Ка.М.