Не смееме да заборавиме дека темелите на современата македонска држава беа поставени на Првото заседание на АСНОМ, кога дојде до државно конституирање на македонскиот народ и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Токму тоа е историскиот наратив што го пренесуваат спомениците и спомен-обележјата од НОБ, односно триумф во вековната борба за македонска држава, велат историчарите со кои говоревме за оваа проблематика
Нецивилизиран однос на локалната власт во Тетово кон спомениците од НОБ
Спомениците, бистите на народните херои и меморијалните комплекси од Народноослободителната и антифашистичка борба од Втората светската војна во Македонија имаат извонредна национална и државотворна вредност за македонскиот народ, но и за сите други македонски граѓани. Оттука, според нашите соговорници, секое проблематизирање или релативизирање на спомен-обележјата или спомениците од НОБ се ирационални, а во одредена смисла се насочени и против основните темелни вредности на македонската држава. Во еден подолг период, македонските граѓани беа сведоци на намерно оштетување споменици или бисти на народните херои од антифашистичката борба, но последната постапка на Општина Тетово, поврзана со поставувањето на бистите на народните херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Ципоски-Мерџан, е апсурдна.
Националната установа Музеј на тетовскиот крај и Сојузот на борци-Тетово информираа дека по поставувањето на бистите на споменатите народни херои во Спомен-куќата на Комунистичката партија на Македонија во населбата Два Бреста, Тетово, пристигнала општинска инспекција, која реагирала на повторното поставување на бистите. Миќо Стојчевски, директор на Музејот на тетовскиот крај, образложи дека бистите се поставени во дворот на спомен-куќата што е сопственост на националната установа Музеј на тетовскиот крај.
– Едноставно не е нивна ингеренција, ова е музеј и имаме право да поставиме бисти, да се изложат привремено и трајно ако треба. Ние имаме статус, имаме управен одбор, имаме комуникација со Министерството за култура и не знам зошто и по кој повод дојдоа да направат притисок. Ние им дадовме на знаење дека немаат надлежност, зашто ова е имот на Република Македонија, имот на националната установа Музеј на тетовскиот крај, и докажавме и дадовме документ дека ова е наша надлежност и дека нивната надлежност завршува кај вратите на музејот – изјави за медиумите Миќо Стојчевски.
Со свој став излезе и тетовската организација на Сојузот на борци, а поранешниот претседател Стојан Петрушевски нагласи дека во речиси 20 години како организација барале, но не добиле одговор од општината за враќање на бистите во центарот на Тетово, а сега има реакција од локалната власт кога сето тоа е направено во договор со друга установа.
– Долги години тие бисти стојат во канцеларија. Нивното место е да се постават каде што ќе можат граѓаните да ги гледаат и да ги чествуваат тие паднати борци. Ние како организација повеќепати се обраќавме до локалната самоуправа да ги врати бистите онаму каде што им е местото. Ние бевме свесни дека тоа не може да се случи на истото место, но изработивме проект да се постават пред Споменикот на револуција, како најсоодветно место. Не наидовме на разбирање кај локалната самоуправа. Се изредија тројца градоначалници, меѓутоа се гледа дека тоа не може да се случи во скоро време. Нѐ иритира реакцијата на локалната самоуправа, која проблематизира зошто сега се поставени бистите. Од друга стана, пред Домот на културата може да се постави споменик на Наим Фрашери, а Домот носи друго име – на Иљо Антески-Смок, а овие не може да се постават во музејот, иако природно припаѓаат тука – вели Петрушевски.
За оваа проблематика неколку наши соговорници посочуваат дека постапката на Општина Тетово е поврзана со претстојните парламентарни и претседателски избори, но и континуитет на негирање на темелните вредности на македонската држава. За оваа тема разговараме и со неколку историчари, кои ни укажаа дека споменикот е вид на структура што е експлицитно создадена за да се одбележи личност или настан што се значајни за државата или општеството, како дел од националното сеќавање на историските времиња. Затоа спомениците се важни и може да имаат трајно влијание во државата или општествата што ги градат. Меѓутоа, нашите соговорници велат дека мора да се нагласи и историскиот наратив што го пренесуваат спомениците, бидејќи тие го потсетуваат општеството како треба да се сеќава на сопственото минато, односно дека треба да го цениме минатото.
Според нашите соговорници, бистите на народните херои Ѓоце Стојчевски-Амбарче и Тодор Ципоски-Мерџан, како и преостанатите споменици и спомен-обележја од НОБ, се симбол на македонската државност. Поради одредени историски околности, македонскиот народ релативно доцна создаде сопствена држава, но создавањето на македонската држава беше творба на повеќевековна борба и стремеж за слобода и за сопствена држава на неколку македонски генерации. Всушност, Народноослободителната и антифашистичка борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна е кулминација и завршување на процесот за создавање на македонската држава и кодификација на македонската нација. Не смееме да заборавиме дека темелите на современата македонска држава беа поставени на Првото заседание на АСНОМ, кога дојде до државно конституирање на македонскиот народ и заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава. Токму тоа е историскиот наратив што спомениците и спомен-обележјата од НОБ го пренесуваат, односно триумф во вековната борба за македонска држава, велат историчарите со кои говоревме за оваа проблематика.
Со одржувањето на спомениците, спомен-обележјата и меморијалните комплекси посветени на НОБ, во Македонија се чествуваат илјадниците знајни и незнајни македонски национални херои што се жртвуваа за единството, безбедноста, суверенитетот и развојот на македонскиот народ и држава. Народноослободителната и антифашистичка борба е неразделен дел од македонското државотворно битисување, затоа спомениците и спомен-обележјата од НОБ имаат цел да ги потсетат денешните, а и идните генерации, дека македонската држава не беше подарена од никого, туку беше извојувана со сопствени сили, велат нашите соговорници. Д.Ст.
Тодор Пецов Циповски
Тодор Пецов Циповски, познат по прекарот Мерџан, е македонски комунист, учесник во НОВ и народен херој. Тој потекнувал од мошне сиромашно занаетчиско семејство. Поради тешката економска состојба морал да го напушти својот дом на дванаесет години и да појде на печалба во Белград. Тешкотиите и неприликите на тогашниот живот го изградиле како силна и борбена личност. Во 1940 година бил примен за член на СКОЈ. На почетокот од 1941 година, како член на СКОЈ, е уапсен од белградската полиција. Од затвор е пуштен по капитулацијата на Југославија, во април 1941 година. Од Белград веднаш доаѓа во Тетово и стапува во врска со партиската организација. Извесно време работел и во Скопје како член на месната скоевска организација, а во јануари 1942 година бил примен за член на КПЈ.
Во 1942 година преминал да работи во Тетово. Во јули 1942 година станал член на Околискиот комитет на Партијата во Тетово, а подоцна и негов секретар. На оваа должност останал сè до смртта. Во текот на 1942-1943 година, Околискиот комитет на КПЈ за Тетово долго време бил без врска со Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Но благодарение на Циповски, револуционерите од овој крај, иако отсечени од покраинското раководство, останале доследни на револуционерната борба. Тогаш се покажал како добар организатор и одличен раководител. На 19 март 1943 година во неговата куќа е одржана првата седница на ЦК на КПМ. Во август 1944 година Циповски е делегат на Првото заседание на АСНОМ. Загинал херојски на 19 септември 1944 година, при нападот на балистите над селото Беличица, Мавровско. За народен херој на Југославија бил прогласен на 11 октомври 1951 година Д.Ст.
Ѓоце Илиев Стојчевски
Ѓоце Илиев Стојчевски-Амбарче е македонски партизан, учесник во НОВ и народен херој. По завршувањето на основното училиште, иако надарен ученик, поради лошата материјална состојба во семејството, Ѓоце го напуштил училиштето и останал да му помага на татка си во волновлачарницата, посетувајќи го притоа занаетчиското училиште. Чувствувајќи ги националната обесправеност и суровиот експлоататорски режим на големосрпската буржоазија врз себе и врз својот народ, Ѓоце се вклучил во напредното работничко и револуционерно движење. Бил библиотекар во локалната библиотека, секретар на Месниот комитет на КПЈ и учесник во НОД во 1941 година.
Во НОАВМ бил политички комесар на Шарпланинскиот партизански одред во 1943 година. Во борбата со балистички сили кај селото Шипковица во 1943 година бил ранет, заробен и спроведен во затворот во Тирана. По капитулацијата на Италија избегал, се вратил во Македонија и се приклучил на партизански одред. Загинал во борбата кај селото Беличица, а на 11 октомври 1953 година бил прогласен за народен херој на Југославија. Спомен-куќата на Стојчевски е прогласена за значајно културно наследство на Македонија. Д.Ст.