Добро е што во државата ќе има најмалку две коалиции кои се залагаат за брза интеграција на Македонија и ќе победат на изборите за земјата непречено да го продолжи својот евроинтеграциски пат, изјави денеска претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Прашан зошто СДСМ нема да коалицира со ДУИ и други партии во Европски фронт, како што се најавуваше, Ковачевски рече дека „за тоа дали со некого ќе одите заедно на избори или ќе имате постизборна коалиција или нема да имате, тоа сепак е одлука на политичките органи на политичките партии“.
– Утре колку што знам дел од политичките партии во државата ќе потпишат коалициски договор, што имаат една заедничка работа а тоа е брза интеграција на Северна Македонија во ЕУ. Од друга страна партијата што ги направи најдобрите резултати во делот на европската интеграција и зачленувањето во НАТО, а тоа е СДСМ исто така има коалиција која што се залага за европски и евроатлански интеграции. Ние таа коалиција веќе ја имаме официјализирано – рече Ковачевски.
Ковачевски рече дека дел од коалициските партнери го поддржале нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски.
– Добро е што во државата ќе има најмалку две коалиции кои се залагаат за брза интеграција на Северна Македонија во ЕУ и коишто ќе извојуваат победа со што Северна Македонија непречено ќе го продолжи својот пат во европските интеграции кои се клучното стратешко прашање за нас и од кое заврши унапредувањето на многу процеси во државата – рече претседателот на СДСМ, кој присуствуваше на панел-дискусија за Инвестиции во спортот.