По вчерашната акција во универзитетскиот кампус во Атина, грчката полиција спроведе акција и во солунскиот универзитет „Аристотел“, при што беа уапсени 49 лица и пронајдени се палки, гас маски, шлемови итн., јави дописничката на МИА од Атина.
Акцијата била по пријавите за предизвикана штета на библиотеката во изградба, а уапсените 49 лица денеска биле изнесени пред јавен обвинител.
Во рамките на полициската акција биле пронајдени и одземени 22 палки, 12 гас маски, 11 противпожарни апарати наполнети со боја, шест шлемови, четири пиротехнички материјали, предмети за сечење метал, чекан, но и полициски солзавец и шок-бомба.
Речиси исти предмети беа пронајдени и при вчерашната акција во универзитетскиот кампус во Атина, каде што беа уапсени три лица.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во седмичниот преглед што секоја недела го објавува на „Фејсбук“ се осврна и на ситуацијата во универзитетските кампуси во земјата, истакна дека „универзитети им припаѓаат на сите студенти“, а за оние студенти кои предизвикуваат штети, законот предвидува нивно испишување.
– Сакам да испратам порака дека нема да дозволиме т.н „забави“ во кампусите да се претворат во прослави на насилство и предизвикување катастрофи. За ваквите инциденти мора да постојат и последици, кои се предвидени со законот и достигнуваат до целосно испишување на студентите. А дисциплинските органи на универзитетите се одговорни да го спроведуваат законот, кој конечно мора да се спроведе – напиша Мицотакис.