Македонија се простува од човекот што остави длабока трага во македонската наука. Замина врвен универзитетски професор, нуклеарен физичар, филозоф, енергетичар и академик, но истовремено и голем патриот, човек што одамна ги надмина границите на Македонија. Објавил околу триста научни труда, од кои две третини во меѓународни списанија и монографии. Неговите резултати се користени во многу странски статии, монографии и докторски дисертации. Учествувал на меѓународни научни собири во дваесетина земји на Европа, Америка и на Азија, најчесто како поканет експерт. Бил рецензент на меѓународни научни списанија и референт за избор на професори на универзитети во Европа и Америка…
Ин мемориам: академик Јордан Поп Јордановќ
Почина академик Јордан Поп-Јорданов, редовен член на МАНУ. Замина човекот што остави длабока трага во македонската наука, образование, култура, спорт, воопшто во јавниот живот, како врвен интелектуалец, патриот и човек што постојано се стремеше кон освојување нови врвови. За академик Поп Јорданов како истакнат универзитетски професор, нуклеарен физичар, филозоф, енергетичар и академик на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) зборуваат неговите дела. Дипломирал филозофија во Скопје (1956 година) и електротехника во Белград (1960 година). Докторирал на Отсекот за техничка физика на ЕТФ во Белград, 1964 година. Бил визитинг-професор на неколку универзитети во Европа и САД. Истражувал во повеќе области: физика на неутрони и реакторска физика, енергетика и обновливи извори, фотоволтаичен ефект, расејување честички, состојба на природната околина и климатските промени, организација на науката, когнитивните процеси од филозофски и феноменолошки аспект, здравствени ризици од електроцентрали, моделирање на процесите на мозочните клетки и др.
Неговите главни научни придонеси се однесуваат на нуклеарна техника („метод на Поп-Јорданов“ во реакторска неутроника); електроенергетика (мултидимензионална интерпретација на околински ризици); одржлив развој (негентропски концепт и ментални индикатори); невронаука (квантни ментални спектри) и филозофија на природните науки (интерпретација на микрочестичен дуализам).
Бил претседател на Научниот совет на Институтот за нуклеарни науки во Винча (1969–1970) во време кога тој институт беше најафирмиран научен центар во Југоисточна Европа, како и декан на Електротехничкиот факултет во Белград (1977–1979). За дописен член на МАНУ е избран на Првото редовно изборно собрание во 1969 година, а за редовен член во 1974 година. Во два мандата бил претседател на МАНУ (1984–1991). Од 1993 раководи со Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ, кој се разви во меѓународно афирмиран „центар на одличност“.
Реализирал голем број проекти, од кои над дваесет имале меѓународен карактер. На редовни и постдипломски студии на Електротехничкиот факултет во Белград држел настава по атомска и статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродинамика. На истиот факултет основал и постдипломска насока за сончева енергија, прва во Југославија од оваа проблематика. Предавал и на постдипломски студии на Природно-математичкиот и Филозофскиот факултет и во Центарот за мултидисциплинарни студии на Белградскиот универзитет, како и на Електротехничкиот факултет во Скопје.
Автор е на универзитетските учебници „Нерамнотежна статистичка физика“ (1981) и „Квантна електродинамика“ (1983 година), како и на неколку книги во земјата и во странство. Објавил околу триста научни труда, од кои две третини во меѓународни списанија и монографии. Неговите резултати се користени во многу странски статии, монографии и докторски дисертации. Учествувал на меѓународни научни собири во дваесетина земји на Европа, Америка и во Азија, најчесто како поканет експерт. Бил рецензент на меѓународни научни списанија и референт за избор на професори на универзитети во Европа и Америка.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои: Годишна награда на Институтот за нуклеарни науки во Винча „за индивидуално научно остварување“ (1964 година), Јубилејна награда на Институтот во Винча „за развој на научна област“ (1968 година), награда на ВРЕН-УНЕСКО за најдобар труд на Светскиот конгрес по обновлива енергија во Денвер (1996 година), награда на Светската иновациона фондација „За извонреден придонес за науката и човештвото“ (2003 година) и др. Член е на пет странски академии на науки (Светската, Европската, Интернационалната, Медитеранската и Њујоршката), како и почесен член на Светската иновациона фондација. Како учесник на НОБ во Македонија носител е на Партизанска споменица 1941. Бил и прв првак на Македонија во тенис (1950 година).
По повод смртта на акад. Јордан Поп-Јорданов, Македонската академија на науките и уметностите ќе одржи Комеморативна седница на 15 март 2024 година, во 12 часот. Д.Ст.