Фото: Маја Јаневска-Илиева

ТЕНИС – ТУРНИР ВО ЛАРНАКА
Ѓорческа загуби само два гејма

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа со убедлива игра го почна својот настап на турнирот на земјена подлога во кипарскиот град Ларнака, вреден 25.000 долари. Ѓорческа славеше со 2-0 во сетови на дуелот со претставничката од Кипар, Марија Сиопача, притоа загубувајќи само два гејма, и тоа и во двата сета по еден (6-1, 6-1).
Ѓорческа, која на турнирот настапува и во конкуренција на двојки, заедно со Србинката Лола Радивојевиќ, во второто коло во поединечна конкуренција ќе се сретне со победничката од дуелот помеѓу Французинката Селена Јаничијевиќ, која е осма носителка на турнирот, и италијанската претставничка Матилде Паолети. Г.И.


ТЕНИС – ИНДИЈАН ВЕЛС

Синер ја забележа 18-та победа во низа

Италијанскиот тенисер Јаник Синер (рангиран трет во светот) се пласира во четврт-финалето на мастерс-турнирот во Индијан Велс (САД), откако го совлада Американецот Бен Шелтон (рангиран 16-ти) со 7-6 и 6-1. Победникот на годинашниот Австралија опен на тој начин ја забележа својата 18-та победа во низа, а 15-та од почетокот на 2024 година. Синер за пласман во полуфиналето на Индијан Велс ќе игра со Чехот Јиржи Лехечка, кој, пак, го победи Стефанос Циципас од Грција со 6-2, 6-4.
Во четврт-финалето се пласира и германскиот претставник Александер Зверев, кој со 2-1 во сетови (5-7, 6-2, 6-3) го победи Австралиецот Алекс де Минор, па сега го очекува дуелот со Шпанецот Карлос Алкараз (втор на АТП-листата).
На турнирот за тенисерки во Индијан Велс, светската тенисерка број еден, Ига Швјонтек од Полска, ја победи Казахстанката Јулија Путинцева со 2-0 во сетови (6-1, 6-2) и следна ривалка ќе ѝ биде Каролина Вознијацки, која, пак, ја совлада Германката Анџелик Кербер со 2-0 во сетови (6-4, 6-2). Г.И.