Фото: Маја Јаневска-Илиева

Граѓаните може да го манифестираат одговорот за манипулативни владеења со протест, но единствена легитимна можност вистински да ги променат работите се – изборите. Тогаш, граѓанинот ги казнува оние што не ја исполниле понудената политичка програма, направиле нешто сосема друго, излажале и работеле спротивно на она што го ветиле. Но четири години се предолг период за да се толерираат погубни политики што може да им нанесат сериозна штета на стратегиските интереси на државата, па затоа тука треба да профункционираат другите законски контролно-надзорни механизми, кои треба навреме да утврдат дали се излегува надвор од програмата и ветувањата што партијата на власт ги дала пред своите гласачи и да се побараат корекции

Постојат уставноправни контролно-надзорни механизми што можат да ПРЕВЕНИРААТ ОД ИЗИГРУВАЊЕ на изборните ветувања и/или заобиколување на понудените партиски/коалициски програми

Претстојните претседателски и парламентарни избори на некој начин меѓу македонските граѓани се доживуваат како пресвртен момент од кој треба да произлезе еден нов импулс што се очекува да го запре институционалниот колапс и да ја насочи државата кон политичка и економска предвидливост со што полесно ќе се реализираат стратегиските интереси, особено во делот на евроинтеграциите, владеењето на правото и борбата со корупцијата.
Тоа се основните заложби во сите партиски програми во редица изборни циклуси наназад, а повеќе од веројатно е дека и сега фокусот на партиските агенди преку кои ќе им се додворуваат на граѓаните во следниот период ќе биде со ист наратив, членство во ЕУ, ефикасно судство и нула толеранција за корупцијата.
Сето ова звучи примамливо доколку беше реално, но се покажа напати дека едно е програмата што им се соопштува на граѓаните, а подоцна друго се спроведува кога ќе се практикува власта. Затоа и се протнаа договорите со Бугарија и со Грција, затоа се прифати и преговарачката рамка со ЕУ таква каква што е, а затоа и се притиска да се направат нови уставни измени и да се впише бугарското малцинство во македонскиот устав. Тоа се политики што ги немало во ниту една изборна програма и за кои граѓаните не ѝ дале мандат на ниту една политичка партија, но очигледно некој на своја рака ги спровел.

Функционално собрание – најсилен браник

Народот може да го манифестира одговорот на ваквите манипулативни владеења со протест, но единствена легитимна можност вистински да ги промени работите се изборите. Тогаш ги казнува оние што го излажале и работеле спротивно на она што му го ветиле. Но четири години се предолг период за да се толерираат погубни политики што може да им нанесат сериозна штета на стратегиските интереси на државата, па затоа тука треба да профункционираат другите контролни механизми, кои треба да утврдат дали се излегува надвор од програмата и ветувањата што партијата на власт ги дала пред своите гласачи.
Прв контролор е Собранието, кое има мандат да формира разни анкетни комисии и да ги повикува на распит министрите што во своите ресори отстапуваат од изборните програми и кои спроведуваат проекти за кои народот не дал мандат. За жал, основниот проблем во Македонија е што Собранието се става во функција на Владата, а не обратно. Така, македонската јавност сведочеше на залудните обиди на собраниската комисија да добие одговор од министерот за надворешни работи Бујар Османи за што точно се преговара со Бугарија, но јавноста го доби одговорот кога беше предоцна. Слично беше кога се договараше и Договорот од Нивици. Колку министрите и да го избегнуваат јавното реферирање во Собранието, сепак останува на собраниските комисии пред јавноста да ги изнесат сите пречекорувања на мандатот што одреден функционер ги прави на своја рака, без мандат од граѓаните. И не само комисиите, коректор мора да биде и самото собрание, кое, кога се работи за националните интереси, не смее да прифаќа никакви отстапки што ги немало во изборните програми, а кои некој се обидува да ги протне на мала врата. Класичен пример како контролата може да дејствува е одбивањето да се направат последните уставни измени, со оглед на фактот дека тоа не било во ниту една изборна програма и народот не дал мандат за ново отворање на Уставот.

Претседателот на државата може да го коригира застранувањето од курсот

Понатаму, еден снажен контролно-надзорен институт за тоа дали ревносно се спроведуваат политиките што пред избори им биле ветени на граѓаните е -претседателот на државата. Тој е избран од народот, така што има легитимно право пред да ѝ го довери мандатот на партијата што освоила најмногу гласови на изборите да ја побара програмата и од мандатарот од прва рака да слушне кои се неговите намери и планови, дали ќе се држи до она што го ветил пред граѓаните или, пак, има и некои други планови. Дополнително, доколку утврди дека делови од програмата не се во согласност со Уставот, со стратегиските интереси и слично, може да предупреди на последиците и да побара корекции ако утврди дека тоа не им било ветувано на граѓаните пред избори. Претседателот е тој контролен механизам, баланс, кој треба да не дозволува работите да излезат надвор од рамката и да види дали му го дава мандатот на премиер што ќе постапи онака како што му одобриле граѓаните на непосредни избори. Пред седум години поранешниот претседател Ѓорге Иванов побара две работи од тој што ќе состави влада, заштита на државните интереси на Македонија и, второ, системска реформа на системот на национална безбедност. Неговиот мандат потоа заврши, а тогашниот мандатар, потоа и премиер, Зоран Заев без да го има тоа ставено во изборната програма, која им ја нудеше на гласачите, најпрво во 2017 година го потпиша Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, а една година потоа и Преспанската спогодба со Грција, со што се промени уставното име на државата, иако претходно на граѓаните им ветуваше дека нема да има промена на уставното име.
Македонија има полупретседателски систем каде што претседателот го добива мандатот од граѓаните и да биде неговата тежина уште поголема, за да обезбеди мандат треба да биде исполнет цензус од 40 отсто. Без оглед што има помали ингеренции, претседателот на државата сепак е врховен командант на вооружените сили, има одредени ингеренции во службите за разузнавање, но генерално треба да биде човек околу кој ќе се сплотува општеството, кое токму од него очекува да биде коректор и баланс на политиките што се практикуваат.
– Тоа што нашиот претседател го избираме на непосредни избори говори дека тој ја црпи функцијата директно од народот. Ова што сега се заговара тој да се избира во Собранието е само за да се задоволат етничките апетити на партиите од албанскиот етнички блок, да се пофалат пред сопствениот електорат со уште едно достигнување, дека покрај министри, претседател на Собрание, премиер, сега и претседател на државата станал Албанец. Тоа се веќе потрошени флоскули и не поминуваат ниту меѓу македонските граѓани од албанска етничка припадност, кои живеат сѐ потешко и уште повеќе се иселуваат последните години. Претседателот на државата мора да биде човек што ќе обединува, но и човек од кого народот очекува да ги има во радарот сите политички процеси во земјата, да утврдува дали е нешто лошо, дали е спротивно на националните интереси, дали го немало во изборната програма на партиите и да алармира веднаш. Има моќ да им ги враќа законите, без оглед што тие пак ќе ги изгласаат и потоа ќе мора да ги потпише. Доволно е да излезе и да каже дека тоа е лош закон и дека не се согласува со него. Така ќе ја алармира и јавноста, таа да притиска до партиите да не застрануваат од она што претходно го ветувале и да не носат закони што се лоши за граѓаните – велат повеќето аналитичари што ја прокоментираа честата тенденција за напуштање на партиските програми и водење политика на своја рака, без мандат од граѓаните.
Според нив, претседателот на државата треба да престане да се однесува како англиска кралица и да се слика само кога прима акредитиви од странските амбасадори, туку активно да учествува и да ги контролира сите процеси.
– Може повеќепати да се обраќа во Собранието, не само на Нова година, може да свикува лидерски средби, да го свикува Советот за безбедност, така што ако сака нешто да направи и да коригира одредени состојби, има еден куп алатки на располагање, но под услов да не ги слуша партиските директиви од страна на оние што го номинирале и му помогнале да стапи на функција – посочуваат соговорниците.

Уставниот суд – чувар на државата, уставноста и на законитоста

Особено ефикасен контролен механизам за тоа дали се спроведуваат партиските програми во пракса кога партиите ќе ја освојат власта може да биде и Уставниот суд, под услов и тој да не е политички инструиран.
Конкретно, ако Преспанската спогодба не беше најавена во предизборната програма на актуелната власт, а потоа беше потпишана и предизвика турбулентни промени во системот, Уставниот суд како коректор можеше да утврди прекршување на целата процедура по повеќе точки и наместо предметот со години да го држи во фиока, можеше веднаш да се произнесе и да каже дали постапката е во согласност со Уставот или не. Истиот коректив може да го употребува и за многу други закони што се носат како резултат на политички договор меѓу коалициските партнери, кои ниту биле ветени пред граѓаните, а уште помалку значат подобрување на нивното живеење.
– Зборуваме за утопија, со младите и работоспособни луѓе заедно се иселија и правдата и перспективноста. Кога ќе видиме кого сѐ партиите кандидираат за пратеници и носители, сѐ е јасно – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Според него, некакво придвижување во секој поглед, па и во делот на исполнителноста на изборните програми и ветувањата дадени на граѓаните, е можно единствено само со чесни луѓе.
– Само со експерти и чесни кадри може придвижување – потенцира Пекевски, притоа додавајќи дека одлуката е кај партиските лидери, дали ќе се одлучат за партиски лојалисти или експерти.
Очигледно сите механизми на контрола постојат, прашање е како да се постигне нивна департизација, односно да се ослободат од влијанието на партиите и да почнат да се грижат за националните и граѓанските интереси, оти во спротивно, порано или подоцна, и тие ќе бидат казнети од граѓаните на некои следни избори.