Тие си влијаеле еден на друг, на суптилен и впечатлив начин. Ниту еден од нив не би бил тренерот што е денес без влијанието од другиот. Нивното ривалство, почнато во Германија, продолжи синоќа, со дуелот во англиската Премиер-лига помеѓу Ливерпул и Манчестер сити
ФУДБАЛ
Ривалството помеѓу Јирген Клоп и Пеп Гвардиола, можеби двајцата најголеми фудбалски тренери во нивната ера, се роди во Германија, но стана легендарно во Англија, пишува „Скај спорт“. Клоп беше тој што ја доби нивната прва средба веднаш по пристигнувањето на Гвардиола во Баерн, со 4-2 во Суперкупот на Германија, а ривалството продолжи синоќа со дуелот во англиската Премиер-лига помеѓу Ливерпул и Манчестер сити. Ова е балансирано ривалство на свој начин. Додека се подготвуваа за мечот вчера, примамливо е да се гледаат двајцата како спротивности. И двајцата брилијантни, но со своја уникатна визија за тоа како треба да се игра оваа голема игра, пишува „Скај спорт“.
Има одредена основа за тоа, особено во раниот дел од нивните кариери. Гвардиола дојде да ја симболизира шпанската школа со неговиот акцент на поседот и позициската игра. Клоп беше страстен со германскиот „гегенпресинг“. Првично, окарактеризиран како хевиметал-фудбал, до ден-денес тој тврди дека речиси секојдневно им зборува на своите играчи за доблестите на контрапресингот. Тоа одамна е стилизирано како хаосот на Клоп против контролата на Гвардиола, пишува „Скај спорт“.
За волја на вистината, тие си влијаеле еден на друг, на суптилен и впечатлив начин. Ниту еден од нив не би бил тренерот што е денес без влијанието од другиот. Гвардиола, кој некогаш можеби го сметаше Жозе Мурињо за свој идеолошки ривал, признава дека бил обликуван од пресметките со Клоп.
– Тој ми помогна, неговите тимови ми помогнаа да бидам подобар тренер. Тој ми даде друго ниво да размислувам за тоа, да се докажам, што треба да направам за да бидам подобар тренер. Тоа е причината зошто уште сум во овој бизнис. Има некои менаџери што ве предизвикуваат да направите чекор напред – вели Гвардиола.
Ако Мурињо повремено го збунуваше Гвардиола, најзапаметено во полуфиналето на Лигата на шампионите во 2010 година, кога неговиот Интер ја сопре Барселона. Осум години подоцна, во четврт-финалето на Лигата на шампионите на „Енфилд“, Ливерпул го победи Сити со три гола за само 31 минута, што ги сопре надежите на Гвардиола за освојување на турнирот. Сити го загуби и реваншот и иако ја освои титулата во Премиер-лигата, нивниот единствен пораз во натпреварувањето во таа фаза беше поразот од Ливерпул со 4-3 во јануари. Пресингот, темпото и агресивноста на тимот на Клоп претставуваа нов проблем, пишува „Скај спорт“.
Неговите идеи околу поседот се неспорни, се чини дека Гвардиола употреби половина деценија наоѓајќи начини да спречи неговиот тим да биде толку изложен на транзицијата, имајќи го на ум Ливерпул. Типично, со оглед на неговата тактичка брилијантност, тој во голема мера успеа, пишува „Скај спорт“. Но тој е променет од процесот. Човекот, кој некогаш сонуваше да постави тим полн со играчи од средниот ред, сега игра со центарфор и има дефанзивци во средината. „Потребни ви се соодветни бранители“, беше неговата изјава по освојувањето на титулата минатата сезона.
Ова се роди од желбата да се блокира транзицијата, прво со бекови што се движат внатре, а сега со поранешни централни бекови како Мануел Аканџи. Што се однесува до англискиот дефанзивец Џон Стоунс, тој сега игра како нешто повеќе слично на де факто број 10, пишува „Скај спорт“.
Можеби сево ова ќе се случеше без Клоп, но Ливерпул секако го создаде тоа чувство на итност, принудувајќи ги Гвардиола и неговиот тим да ги најдат решенијата, барајќи да станат подобри. Очигледниот пример за тоа дојде во пролетта 2019 година кога сопствената неверојатна победничка серија на Ливерпул го принуди Сити да остане совршен во текот на последните 14 натпревари за да ја задржи титулата во Премиер-лигата за еден бод. Ливерпул ја освои Лигата на шампионите.
Што се однесува до Клоп, неговите идеи еволуираа поради Гвардиола. Најзабележителна е трансформацијата на Трент Александар-Арнолд од конвенционален бек во модерен играч за врска.
„Зошто би го направил најдобриот десен бек на светот играч од средниот ред? Не го разбирам тоа навистина“. Тоа беше ставот на Клоп кога англискиот селектор Герет Саутгејт го испроба во 2021 година. Не долго потоа, тој ја прифати новата хибридна улога популаризирана од неговиот колега од Сити, пишува „Скај спорт“. Пошироко, Клоп усвои потрпелива игра далеку од хевиметал-фудбалот, а симболично, тој дури и го ангажира Тиаго Алкантара во Ливерпул, плејмејкерот што Гвардиола го однесе во Баерн во 2013 година.
Можеби приказната се заокружува, има уште едно поглавје за пишување, кога ќе заврши, секој ќе има право да се запраша колку повеќе можел да добие ако другиот не бил тука, но, и двајцата имаа свои моменти, како резултат на тоа нивната репутација е посилна, а ова беше ривалство што се зголемуваше, пишува „Скај спорт“. Н.М.