Живееме во свет во кој една милијарда луѓе имаат некаква форма на попреченост, а една петтина од нив (од 110 до 190 милиони) имаат значителна попреченост, според податоците на Светската банка. Интересно е што често производите дизајнирани за овие лица почнуваат да ги користат сите луѓе. Издвојуваме неколку такви предмети што првично биле дизајнирани за лица со телесен инвалидитет.
1. Машина за пишување / тастатура: Таа е замисла на италијанскиот пронаоѓач по име Пелегрино Тури. Тој забележал дека неговата пријателка, грофицата Каролина Фантони да Фивицано, не можела да пишува писма со рака поради нејзиното слепило. Така, во 1608 година, тој ја развил првата инкарнација на машината за пишување. Тури исто така измислил карбонска хартија како начин за снабдување на машината со мастило. Во меѓувреме, машината за пишување се претворила во тастатура.
2. Електрична четка за заби: Забната хигиена е важна за секого, но луѓето со ограничени моторни вештини навистина се мачеле да ги одржат забите чисти. Меѓутоа, во 1954 година, електричната четка за заби „броксодент“ била создадена за да им помогне на луѓето со ограничена сила, мобилност и контрола да ги измијат забите подобро и побрзо. Но се покажало дека електричните четки се супериорни во однос на стандардните четки за заби, па сега повеќето стоматолози ги охрабруваат сите да ги користат.
3. Апликации за препознавање говор во текст и глас: Ако некогаш сте имале Алекса да одговори на прашање или сте ги следеле вербалните упатства на вашата џипиес-апликација, сте користеле технологија за говор во текст. Оваа технологија се наоѓа во огромното мнозинство на мобилни телефони, но една од причините за пронајдокот била да им се даде на луѓето што физички не можат да пишуваат можност да ги запишат своите мисли и зборови „на хартија“. Софтверот е измислен во 1990-тите.
4. Аудиокниги: Брајовото писмо сè уште е корисна алатка за читателите со оштетен вид, но аудиокнигите ѝ олеснија на оваа популација да ужива во добра приказна. Идејата се родила во 1932 година, благодарение на Американската фондација за слепи. Групата снимала книги на винилни плочи, но како што напредувала технологијата, така се зголемувале и можностите. Денес секој може да ужива во практичноста и едноставноста на аудиокнигите.