Иновативната алатка е-твининг се применува и во ООУ „Браќа Миладиновци“, с.Миладиновци, Илинден – ПОУ Мршевци

Во ООУ „Браќа Миладиновци“ во селото Миладиновци, Илинден, наставничката по англиски јазик, Емилија Стојановска, секојдневно се труди да ја разигра наставата со вклучување на учениците во онлајн проекти. На тој начин тие, покрај другите многубројни придобивки, имаат можност и да се запознаваат и да разговараат со врсници од други училишта од цела Европа. Имено, станува збор за едукативната онлајн платформа Е-твининг преку која наставници и ученици од Европа, па и пошироко, имаат можност да соработуваат и да учат заедно на одредена тема.
Проектите може да се одберат според интересите на учесниците. Тие може да бидат поврзани со екологија, детски игри, читање и творење, а може да се работи и за содржини од тековните наставни предмети: Англиски јазик, Географија, Математика, Физика, Физичко и здравствено образование итн.
Оваа учебна година главна тема на е-твининг проектите е благосостојбата на учениците и грижата за менталното здравје.Токму во таа насока се ангажирани и учениците од петто одделение од ПОУ Мршевци, кои од септември, па сѐ до јуни работат на проектот „In Someone Else’s Shoes“, или „Како е да се биде во туѓа кожа“ и секој месец одбележуваат важни настани поврзани со лицата со посебни потреби.
Како дел од проектот, учениците имаа можност да научат нешто повеќе за лицата со физички хендикеп, за слепите лица, како да се справат со врсничко насилство, за лицата со Даунов синдром и со аутизам. Преку низа активности, тие на часовите ги прошируваат своите сознанија на оваа тема, ја развиваат својата свест и градат чувство на толеранција и емпатија.


На пример, се обидоа да играат одбојка седнати и со покриени очи, да декодираат и да пишуваат со Брајова азбука и да упатат пораки против врсничко насилство. Покрај овие придобивки, учениците исто така стекнуваат нови, но и ги усовршуваат своите дигитални способности, бидејќи во текот на проектот работат со голем број иновативни дигитални алатки. Исто така, учениците учат начини како да се заштитат на интернет и како правилно и безбедно да функционираат во виртуелниот свет, што е особено важно во ова модерно време на дигитализација.
Клучно за овие активности е тоа што покрај традиционалната настава, на учениците им се нуди можност за проширување на нивните знаења и хоризонти. Тие имаат можност и да научат вештини што ќе им помогнат да се развијат во совесни личности што ќе знаат правилно да се грижат за себе, за другите и за околината.
Го поздравуваме овој начин на работа и се надеваме дека и учениците од многу други училишта ќе имаат можност да учествуваат во некој сличен проект што ќе придонесе за голем број позитивни промени кај децата, а на тој начин ќе се подобри работната и креативна атмосфера во самото училиште.