Кога започнаа вечните уставни расправи за дефинирање на нацијата во Македонија? На 25 февруари, пред точно половина век, беше донесен Уставот на Социјалистичка Република Македонија, приспособен со претходно усвоениот устав на Социјалистичка Федеративна Република Југославија од 11 февруари 1974 година. Македонска политичка историја отсекогаш го земала АСНОМ како „нулта точка“ од каде што почнуваат институционалниот развој и државноста на Македонија. Некако волшебно, пак, од АСНОМ се префрламе на Уставот од 1991 година и потоа ги опишуваме сцилите и харибдите низ кои минувавме во годините македонска независност, соочени со уставни измени диктирани од внатрешното меѓуетничко усогласување, но и од надворешните притисоци. Меѓутоа, тоа не е тема на мојот денешен муабет.
Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година има посебно место во современата македонска политичка историја. Прво, клатното во Југославија, токму со сојузниот устав од 1974 година одлучно се придвижува кон федерализмот (па, дури и конфедерализмот) за сметка на концептот на еден силен федерален центар. Републиките во поранешната СФРЈ, со уставното устројство од 1974 година, добиваат буквално онолку атрибути на државност и суверенитет колку што може да впијат и да проголтаат. Некои историчари и коментатори велат дека овој развој на настаните бил предизвикан од падот на Александар Ранковиќ на Брионскиот пленум од 1966 година, како и од подемот на Едвард Кардељ, други бараат објаснување во староста и истрошеноста на Јосип Броз Тито и така натаму. Но факт е дека пред усвојувањето на југословенскиот устав од 1974 година се случува чистка на новата генерација југословенски комунисти низ земјата, па така, страдаат групата околу Стане Кавчич во Словенија („Цестовна афера“), протагонистите на „Хрватската пролет“ („маспок“), како и српските и македонските „либерали“. Југославија зачекорува во новото уставно устројство со враќање на старата, денес пејоративно наречена „догматска“ генерација политичари.
Второ, Македонија излегува со храбра и инклузивна дефиниција на нацијата, па во првиот член на тогашниот устав се вели „Социјалистичка Република Македонија е национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа, и на сите работни луѓе, и социјалистичка самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност“. Исто така, Уставот дефинира широки јазични права за народностите, како и формирање комисија за меѓунационални односи во Собранието, составена од еднаков број членови Македонци, Албанци и Турци. Цели 15 години подоцна, на бранот на уставните национализми низ поранешна Југославија, последното социјалистичко собрание ќе ги избрише албанската и турската народност од уставната дефиниција на нацијата, па ќе се отвори „Пандорината кутија“, која ни до ден–денес никако да се затвори.
Трета точка што денеска ја подзабораваме е дека уставите на СР Македонија и на СФР Југославија од 1974 година беа правна основа за македонското раздружување од југословенската федерација. Во тогашниот македонски устав „правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување“ е наведено и во преамбулата и во основните начела, а потоа со уставните амандмани од 1989 година се прецизира и постапката за раздружување (референдум и двотретинско мнозинство). Исто така и во југословенскиот устав се гарантира „правото на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување“ на секој од народите.
Веќе при самата расправа за донесување на југословенскиот устав доаѓа до вистинска бура во Србија каде што професорот Михајло Ѓуриќ ќе заврши и во затвор поради објавувањето на неговиот говор при јавната расправа. Во овој тогаш контроверзен текст, наречен „Смислени метежи“ („Смишљене смутње“), тој дури двапати ја спомнува Македонија, и тоа првпат во контекст на непостоење гаранции за „правата на српскиот народ“, а потоа и повлекувајќи паралели помеѓу уделот на Албанците во СР Србија и СР Македонија, и оттаму извлекувајќи заклучок за нанесената неправда кон Србија каде што албанската народност добила покраина и покрај тоа што процентуално е помал уделот на тамошните Албанци, споредено со македонскиот случај. Нормално, во Македонија ова резонирање ќе биде дочекано на нож и ќе ја возбуди македонската стручна и општа јавност. Овие македонско–српски тензии ќе тлеат сè до ерата на Слободан Милошевиќ кога сериозно ќе се начнат односите помеѓу двата народа затоа што тогашната српска врхушка наеднаш ќе се сети на „состојбата со српските воени гробишта во Македонија“ (ни малку полоша од состојбата со српските воени гробишта во самата Србија), на „дискриминацијата на српскиот народ во Македонија“, па на „имотните листови за манастирите“, кои биле „задужбини“ на српските кралеви од средновековието и куп други прашања. Сенките на овие заострувања допираа дури и до денешницата кога нештата започнаа да се поправаат во времето на претседателот Борис Тадиќ, за потоа актуелниот српски претседател Александар Вучиќ целосно да ги исчисти „Авгиевите штали“ на македонско-српските односи.
Во историјата нема можност за експерименти, па неблагодарно е сега да се дискутира што ќе се случеше ако во 1989 година не поминеа амандманите за бришење на албанската и на турската народност. Демократизацијата и гласноста од доцните 1980-ти низ поранешниот реалсоцијалистички блок го разбудија и го запалија и етничкиот национализам. Како одговор на бришењето веднаш беше истакнато барањето за востоличување на албанската заедница на ниво на уставотворен народ, еднаков со македонскиот. Оваа точка прво беше избистрена во дебатите што ги организираше косовското друштво на книжевници, предводено од Ибрахим Ругова, а потоа беше ставено и во платформата за албанскиот народ во Југославија, при координацијата на сите новоформирани етнички албански партии на просторите на поранешна Југославија.
За жал, за разлика од македонско-српските меѓудржавни односи, кои на крајот на краиштата изнајдоа излезно решение, во случајот на македонско-албанските односи сè уште сме во потрага по формула. Ако 1989 година беше врвот на бранот на национализмот, кој скрати дел од стекнатите права на албанската заедница во Македонија, тогаш во 2024 година сведочиме на зенит на етничкиот триумфализам, кој за Македонците, како доминантно населени во земјата, личи на воведување апартхејд. Не е можно, при демократски услови, една политичка партија да има неограничена моќ, а притоа да освојува помалку од десет проценти од гласовите и да има само 11 од 120 пратеници.
Гледано ретроспективно, македонскиот устав од 1974 година бил сериозен исчекор за државата, како за стабилизација на внатрешните меѓуетнички односи така и за целосно заокружување на македонската државност и суверенитет при раздружувањето од југословенската федерација. За жал, македонското уставно решение од 1991 година, повторно гледано ретроспективно, не го издржа тестот на времето и придонесе кон влошување и на внатрешните состојби во државата, особено меѓуетничките поради надменоста на уставотворците, кои целосно ја изигнорираа Декларација за рамноправен статус на Албанците во Македонија од пратеничката група на ПДП-НДП, но и на меѓународен план поради нивната неспособност да ја предвидат грчката и подоцна бугарската реакција на македонското прогласување независност и на определени решенија од македонскиот устав.
Во 2024 година, Македонија се подготвува да ја изоди и последната отсечка на својот пат кон Европската Унија, па да се вклучи во континенталниот проект за интеграција. Веројатно тоа е знак дека треба да се почне сериозна дебата и да се констатира дека уставните национализми водат во ќор-сокак, како македонскиот од 1989 и 1991 година така и актуелниот изблик на албански уставен национализам. Етничкиот национализам, во секоја своја форма, на крајот станува само прибежиште за никаквеците од сите етникуми, смоквин лист што не може да ја скрие грдата голотија на нивната расипаност, на уништувањето на јавниот интерес и приватизацијата на институциите за лични цели. По половина век расправа за уставната дефиниција на нацијата, Македонија конечно е подготвена за исчекор кон граѓански устав.
Ивица Боцевски