Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамна изјави дека е задоволен од приливот на странски директни инвестиции (СДИ), кои лани изнесувале 4,5 милијарди евра, а во јануари годинава 118 милиони евра. Имено, според прелиминарните податоци, во текот на 2023 година, приливот на СДИ во Србија изнесувал 4,522 милијарди евра, што претставува раст од два отсто во однос на 2022 година, одговори централната банка на прашањето на медиумите.
Според последните јавно достапни податоци по земји, кои се однесуваат на првите три квартали од 2023 година, најголем прилив на СДИ во Србија е забележан од европските (68,1 отсто) и од азиските (30,2 отсто). Гледано по земји, во првите три квартали од 2023 година, најголеми СДИ во Србија се од Кина – 818,4 милиони евра, Холандија – 622,5 милиони евра, Велика Британија – 217,4 милиони евра, Австрија – 215,9 милиони евра и Германија – 158,6 милиони евра, при што треба да се има предвид дека значајните инвестиции доаѓаат од Холандија и поради фактот што некои странски инвеститори ги реализираат своите инвестиции од подружници во Холандија поради даночни поволности, иако седиштето на матичната компанија е во друга земја.
На прашањето дали очекуваат зголемување на приливот на СДИ годинава, централната банка одговори дека при подготовката на своите макроекономски проекции, НБС внимателно и конзервативно ги оценува сите случувања.
– Затоа, приливот на СДИ за 2024 година го проектираме на ниво слично на ланското, каде што е важно да се истакне дека приливите на СДИ во Србија во последните неколку години ги надминаа нашите проекции и бележат рекордни нивоа речиси секоја година – одговорија оттаму.
Гледајќи ги активностите од податоците од веб-страницата на НБС, може да се забележи дека за три квартали странските инвеститори инвестирале најмногу во преработувачката индустрија, поточно 932 милиони евра. Во рамките на тоа, најголеми инвестиции имало во производството на гума и пластика – 384 милиони евра. Во градежништвото се инвестирани помалку од 500 милиони евра, а во рударството странците вложиле 359 милиони евра. Во финансиски дејности се инвестирани 300,8 милиони евра, а во трговијата на големо и мало меѓугодишните инвестиции изнесуваат 165 милиони евра. Странците во првите три квартали од минатата година инвестирале само 23 милиони евра во земјоделството. Р.С.