Фото: ЕПА

Земјите од југот или т.н. држави во развој воведуваат забрани заради заштита на своите суровини, не дозволувајќи т.н. модерна експлоатација од страна на западните компании и продавање на суровините по екстремно ниски цени. Сега тежиштето на прашањето за економски развој на неразвиените е градење капацитети за производство и преработка и издигање на степенот на преработка на производите што ќе ги извезуваат, а со тоа да ги динамизираат својот национален економски раст и растот на својот БДП. Второто прашање што се наметнува е дека на тој начин високоиндустриските западни земји ќе се доведат во позиција на дефицит на евтини
суровини за нивните индустриски капацитети… Како ќе реагираат развиените земји на овој тренд?

Зошто и како да се чуваат и користат националните природни ресурси

Неколку земји во развој го забранија извозот на домашни ресурси, суровини што ги произведуваат, особено за време на повеќеслојната економска криза. Тие земји развиваат нови економски политики во чиј фокус се домашната економија, раст и развој. Една од целите е развивање на сопствените ресурси и подобрување на капацитетите, но и да не се исцрпат сопствените резерви. На пример, таква е состојбата со Нигер, кој произведува ураниум, потоа Гана забрани извоз на непреработени минерали, особено литиум. Овој потег се протега како своевидна верижна реакција во повеќе држави на африканскиот континент, спроведувајќи нова стратегија за максимизирање на сопствените придобивки од своите природни ресурси, не дозволувајќи стратегиски суровини за багателни цени да бидат испорачувани во развиените земји во Европа.

Трендот на освестување започна

За трендот во развој според кој десетици африкански земји го забранија извозот на свои суровини во Европа, експертите од светот велат дека „на тој начин тие (африканските земји) му ставаат крај за неразумното користење на своите природни богатства од страна на трети држави (поразвиени понапредни западни земји), при што се намалува просторот за експлоатација, но и можноста за натамошно бескрупулозно богатење на европските земји корисници на африканското национално богатство“.
Според одредени економски експерти, и во минатото, а уште повеќе денес, постои „глад на развиените земји за африкански минерали и воопшто за суровини од неразвиените земји за во западниот високоиндустриски свет“, кои токму тие суровини што ги набавуваат по неверојатно ниски цени, во своите развиени економии ги трансформираат во продукти со висок степен на преработка чии цени на финалниот производ се и неколку стотини пати повисоки, а потоа ги пласираат на пазарите правејќи баснословни профити и екстра-профити.
Во еден таков контекст на односи, економските аналитичари тврдат дека африканските земји сѐ повеќе се фокусираат на заштита на своите природни ресурси, како и на развивање на сопствените преработувачки капацитети.

Одлуката на африканските земји не е случајност

Африканските држави се богати со суровини, ресурси, минерали… Таму има руди на ураниум со највисок квалитет во Африка (Нигер, според Светската нуклеарна асоцијација). Таа земја и го забрани извозот на ураниум. Исто така и Гана воведе забрана за извоз на необработено злато. Минатата година оваа земја донесе значајна одлука да го забрани извозот на непреработени минерали, особено литиум, кој е клучна компонента на батериите. Во врска со последново, преминот кон зелената технологија и зголемениот фокус на електричните возила од страна на големите производители на автомобили во развиениот свет ги поттикнаа африканските влади да ги преуредат своите извозни стратегии. Овој стратегиски потег им овозможува да го максимизираат приносот од нивните природни ресурси, притоа придонесувајќи за глобалната промена кон одржливи практики.

Новите стратегии на африканските земји и перспективите на таквите
практики во другите земји во развој, вклучувајќи ја и Македонија

Кои природни домашни ресурси ги има нашата земја? Што можеме да произведуваме во поголеми количества? Има ли начин Македонија да биде во чекор со некои од тие земји, да ги искористиме придобивките од природните ресурси? Може ли да привлечеме инвеститори?
Според Горанчо Петровски, металуршки инженер, во Македонија во рамките на СФРЈ сите економски исплатливи рудни наоѓалишта биле отворени и имале добра економска приказна!
– Дополнително на тоа имаше и планирани изградби на индустриски металуршки постројки за делумно преработување на рудните концентрати во полуфабрикати или во финални производи со помош на машинско-преработувачката индустрија – вели Петровски.
Такви комплекси, како што додава тој, биле рудниците за железна руда – изградба на РЖ-Скопје, ФЗЦ-Куманово, „Искра“ во Куманово, „Металски завод Тито“, „Брако“ во Т. Велес; потоа рудниците за цинков концентрат – Топилница за олово и цинк во Велес; рудникот за хром „Југохром“ во Тетово, кој подоцна бил пренаменет за производство на феросилициум; ископите на квалитетен доломит во Гостивар – фабриката за доломитни огноотпорни тули во Гостивар; ископите на квалитетен кварц „Силика“ во Гостивар; потоа рудникот за никел „Ржаново – ФеНи“ во Кавадарци, рудникот за бакар „Бучим“ во Радовиш и, како што нагласува Петровски, единствено овој концентрат богат со злато се носел на доработка во Бор, Србија. Имало квалитетни ископи на Варовник во Велес – фабрика за печење варовник во Превалец, квалитетни глини за производство на порцелан – „Порцеланка“-Велес, рудник за мермер во Прилеп итн.
– Поради разни причини за време на распадот на СФРЈ и болната транзиција (уништувањето на државната сопственост од тогашните кримо-политикантски раководства), најголем број од сите овие рударско-металуршки комплекси се уништија, затворија или продадоа на домашно-странски сопственици. Некои од рудните наоѓалишта го дадоа својот максимум и нивното економско- технолошко искористување стана нерентабилно, а со тоа и се ограничија расположливите ресурси за изградените фабрики – појаснува Петровски.
Како што вели тој, денес се останати како рентабилни рудиците за цинков концентрат и рудникот за бакар од металичните минерали и доломитни од Гостивар и мермерните комбинати во Прилеп на неметалични минерали.
– Во светот сите суровини се заштитени и се третираат како национално богатство и се стремат максимално да се искористат, а со тоа да се добие финансиска бенефиција, со изградба на фабрики за финална обработка или со наплаќање реална вредност на концесија на компаниите што вршат ископ и продажба на добиените концентрати – додава металуршкиот инженер.
Тој истакнува дека од останатите рентабилни рудници на металични концентрати се рудниците за цинков концентрат и рудникот за бакар. Додека, пак, преработката на олово-цинковите концентрати во Велес се затвори со производство од неколку причини, вклучувајќи ги и комплексните геополитички состојби.
Според него, исто така многу големо рудно наоѓалиште се мермерните ископи во околината на Прилеп, кои се со многу висок квалитет и, како што вели тој, голема штета е што истите тие им се продале на странски сопственици, кои само го вадат мермерот во форма на големи блокови и го транспортираат во Грција на доработка и преработка.
– Со ова природно богатство мора во иднина да се раководи поквалитетно и да се направат напори и насоки целосната преработка да се одвива во Македонија. Исто така во овие наоѓалишта има големи количества ретки благородни минерали – рубини, сафири и смарагди, кои се издвојуваат и продаваат на црниот пазар – посочува Петровски.

И Македонија е богата со минерали

Според геолозите, во Прилепскиот Регион има корундот, еден од најпознатите рубини во светот, а исто така и во рудниците за минерали може да се најдат и сафири и смарагди. За жал, продажбата на овие скапоцени камења, како што додаваат тие, воопшто не е регулирана со закон. Според нив, Македонија не гледа бенефиција од ова затоа што целото наше богатство се изнесува по тајни канали на црниот пазар. Тие укажуваат дека треба да има некоја измена во Законот за минерални суровини за да може да се доработи оваа тема и да можеме да управуваме со овој камен. Во меѓувреме, големи количества одат на тие црни берзи и ние полека го губиме македонскиот рубин.
Според експертите, во Прилепско има околу 15 рудници за архотектонски камен во кои се пронаоѓаат овие скапоцени камења. Еден од проблемите е тоа што годишно од Прилепско се ископуваат минерални суровини во висина од околу 70 милиони евра, а Општина Прилеп од тоа добивала само околу 1 отсто или од 600 до 700 илјади евра и плати за уште околу 1.500 луѓе што работат во тие рудници. Според експертите, и тука се потребни итни промени.
– Ние мислиме дека е потребно да се формулира поинаку Законот за минерални суровини, односно да се формулира на ископна маса, а не на концесиски надомест. Сега тој што ископува повеќе маса, што врши поголем откуп, нормално треба и повеќе да плати. Концесискиот надомест е врз основа на квадратни километри – велат геолозите.
Металуршкиот инженер Петровски додава дека покрај природните богатства, за индустријата се многу важни и суровините што произлегуваат од рециклажа на отпад, а комерцијално најинтересни се металните отпадоци.
– Сите држави во Европската Унија имаат стратегија на заштита на овие суровини и забрана на продажба на непреработени материјали и надвор од ЕУ – објаснува Петровски.

Кој е освестен, а кој се освестува?

Токму по истиот терк сега земјите од југот или т.н. држави во развој воведуваат забрани заради заштита на своите суровини, не дозволувајќи т.н. модерна експлоатација од страна на западните компании и продавање на суровините по екстремно ниски цени. Сега, тежиштето на прашањето за економски развој на неразвиените е градење капацитети за производство и преработка и издигање на степенот на преработка на производите што ќе ги извезуваат, а со тоа да го динамизираат својот национален економски раст, како и растот на својот БДП. Второто прашање што се наметнува е дека на тој начин високоиндустриските западни земји ќе се доведат во позиција на дефицит на евтини суровини за нивните индустриски капацитети. Следствено на тоа, ќе следуваат пад на економскиот раст и стагнација на западните развиени држави. Со тоа ќе тргне домино-ефектот на пад на стандардот, вклучувајќи ги и политиките на активирање на „аргументите на силата“, што во иднина не носи ништо добро на глобален план.