Толку директори се сменија, толку градоначалници се сменија, а ниту еден не беше доволно доследен да ги реши хроничните проблеми на граѓаните. Ова се навистина долготрајни сериозни проблеми, особено затоа што чести жртви на овие агресивни кучиња се и децата… Си минуваат месеци и години, ние постојано пишуваме за проблемите, ама тие наместо да се решаваат, само повеќе се трупаат. Кога ќе го дочекаме јунакот што ќе го реши овој проблем во Скопје?
Побезбеден град од нашиов нема. Стотици кучиња ни ги чуваат граѓаните, бутиците, продавниците, улиците, па дури и домовите. Еве, една моја сосетка не знае дали да се смее или да плаче, а и јас со неа. Еве што доживеа само пред неколку дена…
„Еве, оддома не можам да излезам затоа што пред врата ми стои некој кангал што првпат го гледам, си ги знам маалските улични кучиња, а и тие мене ме познаваат затоа што редовно им давам храна. Ама овој кангалов, кој по физиономијата и лузните по телото бил користен за борби, не ми влева верба дека слободно можам да излезам оддома до продавничката отспротива и да пазарам. А не дека не пробав. Ама агресивниот лаеж што ми го упати напуштениот ’миленик’ ми испрати друга порака. ’Седи си мирна’. Секако дека се обидов да најдам начин, треба и јас денес да ручам, да испазарам… кучето очигледно имаше наумено тука да си седи пред мојата врата. Прво пробав со храна, која од старт беше лоша идеја, затоа што не сакаше ни да ја погледне ни да ја помириса. Се обидов со убаво да му се приближам, секако од ограда, затоа што не би сакала да се ставам во ризик, особено кога сум со мали деца, кои се преплашени и на кои не им е сеедно. Последната шанса што ми остана е да се вооружам со голем стап. За да нема забуни, ниедно куче не сум бркала и тепала, но овде станува збор за моите деца, а јас немам како да излезам од домот. Конечно се повлече, иако не се исплаши од мене, се исплаши од стапот, кој очигледно доста долго време го добивал по грб штом избега како од ѓавол“….
И ова не е случај само кај мене во комшии. Ова се случува речиси насекаде во метрополава, а најмногу во населбите на периферијата, на влез и излез од градот.
Жалосно или застрашувачко, оценете сами.
Скопје врие од бездомни кучиња. Расни и не толку расни, мали, големи, кангали, шарпланинци, боксери, питбули, стафорди, но и насилни и застрашувачки раси од кои се заледува крвта само што ќе го видите кучето. И оваа информација не ја пишувам тукутака. За нејзината веродостојност говорат секојдневните полициски билтени, каде што минимум двајца скопјани биле искасани од улични кучиња. За само десетина дена, ако минимум по двајца се каснати, имаме 20 скопјани што со ништо не ги предизвикале кучињата, а добиле не само болни рани туку и главоболки од трчање по болници, примање вакцини против тетанус…
За жал, оваа информација јавно ја потврди и директорката на јавното претпријатие „Лајка“, Радмила Пешева. Според нејзините тврдења, бројот на улични кучиња во Скопје се зголемил како резултат на неодговорното однесување на соседните општини, кои си ги истовараат уличните кучиња на периферијата на Скопје. Токму тие кучиња, итајќи по улиците, стигнуваат до сите населени места, па ги има и во централното градско подрачје, во градскиот парк, ма ги има насекаде.
Некои од нив се користени за борби, ама веќе „си го отпеале своето“, па најлесно било да се пуштат на улица, други веќе им здосадиле на оние што ги чувале, трети „масовно“ биле произведувани со надеж дека на сопствениците ќе им донесат пари, ама немале педигре, па затоа заслужиле да ни го „украсуваат“ градот.
Овој хаос лека полека излегува од контрола. Толку градоначалници се сменија, божем и „Вардариште“ се смени со „Лајка“, ама се чини сѐ е залудно. Бројот на кучиња по скопските улици неконтролирано расте. Не се најде ниту еден градоначалник да му стави крај на овој хаос, ниту еден директор на претпријатието за хуман третман на животните не успеа да ги залови и заштити овие кучиња. А сите ветуваа „брда и долини“, сите најавуваа дека ќе му се стави крај на овој хаос.
Едни ветуваа заловување и вдомување, други пак заловуваа маалски миленици, тактика што беше тотално погрешна, бидејќи тие не се проблематичните кучиња во случајот.
Проблем се тие напуштените и исфрлените, тие исплашените и малтретираните, кои за ништо не се виновни, ама сите го вперуваме прстот во нив. И тие бараат сигурност како што ја имаат маалските миленици, но не знаат како да ја добијат со оглед на тоа што знаат само за ќотек и насилство.
Мачна е целата оваа состојба, целиот овој хаос го измори народот.
Толку директори се сменија, толку градоначалници се сменија, а ниту еден не беше доволно доследен да ги скрати овие проблеми на граѓаните, бидејќи ова навистина се сериозни проблеми, особено затоа што чести жртви на овие агресивни кучиња се и децата…
Си минуваат месеци и години, ние постојано пишуваме за проблемите, ама тие наместо да се решаваат, само повеќе ќе се трупаат. Кога ќе го дочекаме јунакот што ќе го реши овој проблем во Скопје?