Карановиќ е еден од ретките квалитетни спортисти, кој и како функционер му останал верен на својот спорт. Како активен играч стигна до дресот на младинската репрезентација на поранешна Југославија, а како спортски работник дури и во најтешките моменти успеа да ги менаџира активностите во Одбојкарската федерација на Македонија
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (287)
Ретки се оние спортисти што буквално целиот живот, спортски и работен, го посветиле на спортот во кој некогаш биле активни и со своите квалитети стигнале и до репрезентативниот дрес. Кај многу од нив дружењето со саканиот спорт завршува во моментот кога ќе решат да ја напуштат арената. Тогаш докрај ја спуштаат завесата и веќе не помислуваат ниту онака рекреативно да се занимаваат со спортот во кој поминале многу возбудливи години. Спортските доживувања остануваат во сеќавањата и во нивната меморија за да ги потсетуваат на едно убаво време низ кое врвеле во својата младост.
Во почетокот веќе реков оти се ретки оние што по завршувањето на кариерата и натаму целосно, како стручни лица или функционери, остануваат во спортот. Таков е примерот и со Зоран Карановиќ. Доволно е да се спомене неговото име и веднаш се помислува на одбојката. И навистина е така, Карановиќ е личност што и од играчки и од организациски аспект остави голем печат во македонската одбојка. Дури, ако некој сака да го определи неговото место и да каже каде неговиот придонес во одбојкарскиот спорт бил поголем, тешко ќе може да го стори тоа. Затоа многумина што го познаваат и следат во текот на кариерата ќе речат – на двете позиции. Се чини дека ова е вистинскиот одговор, зашто Карановиќ се издигна и како играчка, но и како личност со организаторски способности. Како играч стигна и до репрезентативниот дрес на Југославија, а како функционер животот му поминува во постојана борба за одржување на нивото на Одбојкарската федерација на Македонија. Тој и тогаш кога федерацијата се судираше со многу проблеми и се наоѓаше речиси пред колапс, со крајни напори успеваше да ги изменаџира работите и да продолжи да плови по немирните води. Кога многумина ќе помислеа готово е со одбојката, таа повторно ќе се издигнеше како феникс и ќе нѐ потсетеше на времињата кога Вардар беше шампион на поранешната држава и кога низ репрезентативните селекции на таа земја продефилираа многу македонски одбојкари, почнувајќи од Никола Донев и Трифе Трифуновски, потоа олимписката „тројка“ во состав Владимир Богоевски, Александар Тасевски, Горан Србиновски, по нив Горан Јанков, а по него и една група млади одбојкари меѓу кои и Зоран Карановиќ, кој со успех настапуваше за младинската репрезентација на поранешната држава. Потоа, со заеднички напори на сите што беа вклучени во одбојката, дојдоа и поубавите репрезентативни години и учества на нашиот сениорски национален тим на европските првенства.
Роден во одбојкарски град
Кога пишувам за Зоран Карановиќ, веднаш да кажам и една работа што како новинар не ја знаев и од која многу се изненадив. Имено, Карановиќ, трагајќи по историјата на македонската одбојка, дошол и до податокот оти битолски Пелистер бил првиот македонски претставник во Првата југословенска лига. Да стануваше збор за ракомет, фудбал или кошарка можеби немаше да ми беше чудно, но дека битолчани во минатото биле толку добри одбојкари, тоа не го знаев.
– Да тоа е точно. Битолчаните први од македонските клубови се натпреварувале со најдобрите одбојкарски екипи од поранешна Југославија и биле членови на елитната лига уште во 1946 година. Дури многу години подоцна во прволигашката конкуренција настапуваа Вардар, Работнички, Борец и Струмица. Најголеми остварувања имаше Вардар, кој во 1976 година ја освои шампионската титула во Југославија и учествуваше во Купот на европските шампиони. Јас, пак, со оглед на тоа што сум роден во Струмица, каде што мојот татко бил на служба во поранешната ЈНА, некако нормално беше уште во детските години да ја засакам одбојката, бидејќи овој спорт беше еден од најквалитетните во градот под Беласица. Тука се родија многу големи играчи, чиј предводник беше Никола Донев, кој, пак, беше и првиот одбојкар од Македонија што заигра за сениорската репрезентација на Југославија. Практично, што се вели, од мали нозе ја засакав одбојката, па кога се преселивме во Скопје, имав среќа да налетам на еден вистински одбојкарски ентузијаст и голем педагог, Војче Синадиновски. Тој во тие 60-тите години на минатиот век беше човекот што го внесе Вардар во Првата лига, за која дотогаш и не можеше да сонуваме оти и ние еден ден ќе имаме одбојкарски прволигаш. Синадиновски беше професор по физичко воспитување во ОУ „Владимир Назор“ и благодарејќи на него училишната спортска сала се отвораше во раните утрински часови, а се затвораше во доцните вечерни часови. Кога немаше час по физичко и салата беше слободна, тогаш на сцена стапувавме ние младите одбојкари. Постојано бевме со топката во раце, а професорот Синадиновски будно го следеше секое наше движење и нѐ коригираше. Така, полека, јас и моите другари веќе ги имавме поминато основните елементи на одбојката и можевме да пристапиме во младинските екипи на некој од клубовите – вели Карановиќ.
Несогласиците во Вардар причина за раѓањето на Работнички
Јас како новинар убаво се сеќавам на времето кога сите бевме одушевени од успехот на Вардар, но никако не можевме да си го објасниме потегот на управата на клубот да го разреши од тренерската позиција Синадиновски и на негово место да доведе друг тренер. За среќа, тоа беше Таки Џиков, кој мора да признаеме оти успешно продолжи да го води Вардар, а патем да кажам стана и тренер на државната репрезентација со која стигна и до Летните олимписки игри во Москва. Но, и покрај сѐ, и покрај успесите на Џиков, да бидам искрен, до ден-денес не ја дознав вистинската причина зошто Војче беше разрешен.
Синадиновски беше погоден од оваа одлука на управата на Вардар и во тие тешки моменти за него реши со своите спортски другари и соработници, Никола Цветковски и Петар Алексовски-Пепо, да тргне во нова офанзива кон Првата лига. Тогаш Војче велеше оти ќе „направи“ нов прволигаш, и тоа од месниот ривал Работнички. Така почна неговата нова епизода во одбојката.
– Војче собра околу себе една генерација во која јас бев најмлад. Со 12 години бев вклучен во тренажниот процес, а на 13 години дебитирав во тимот на Работнички на мечот со МИК во Автокоманда. Практично составот на екипата беше од две училишта, тука покрај мене беа уште Љупчо Крстевски (кој ми стана и кум), Владо Кухар, Никола Петрушевски, Драган Лепчевски, Стојановски и уште неколкумина. Тоа беше еден тим составен од деца што живееја во Аеродром и во Мичурин, населби што гравитираа кон ОУ „Владимир Назор“ каде што трениравме. Бевме неразделни, па носени од желбата еден ден и ние да станеме прволигашки играчи бевме редовни на тренинзите. Работевме секојдневно и напорно. Сите бевме свесни оти само така, водени од Војче Синадиновски, кој беше специјалист за создавање млади играчи, ќе може да успееме. Еве и сега, од оваа временска дистанца, тврдам и навистина така мислам, оти Војче беше тренер роден да создава квалитетни играчи. Во таа работа никој не му беше рамен, тој беше број еден – објаснува Карановиќ.
По она што му се случи со Вардар, знаевме оти Синадиновски гори од желба повторно да се докаже. Кај него тлееше онаа болка од неправдата што му беше сторена. Тој долго време не можеше да го преболи тоа, зашто не само што беше потценет како стручњак туку беше навреден и како човек.
Разочаран и лут, Синадиновски не се предаде и тргна во нов поход…
За седум години прволигаши
Да се земат голобради момчиња и со нив да се работи секојдневно, не само што бараше трпение туку беше големо прашање дали тие ќе го достигнат потребното ниво за да се пласираат во Првата лига.
– Тоа беше еден убав период, кога живеевме релаксирано, се дружевме и имавме време за сѐ. Во едно такво секојдневие, сепак, покрај учењето, централно место имаше тренингот. Војче како нам да ни го префрли својот ентузијазам, па и ние бевме преокупирани со тоа дали ќе успееме да ја оствариме неговата, а и желбата на големиот број симпатизери на Работнички. Во секој случај, со верба во себе тргнавме по трнливиот пат кон успехот. За нас голема предност беше што можевме неограничено да ја користиме спортската сала на ОУ „Владимир Назор“, за разлика од многу други екипи, кои уште играа и тренираа на отворено. Во првата натпреварувачка сезона (1971/72) најавивме дека постоиме. Во следната постигнавме неколку неочекувани победи, за во наредните две сезони да ги победуваме и фаворитите. Конечно, во петтата сезона станавме прваци на Македонија. Патот кон Првата лига беше отворен, но прво две сезони игравме во Втората лига. Во меѓувреме во 1975 година, јас со 16 години бев повикан да ги бранам и боите на младинската репрезентација на Југославија – вели Карановиќ.
За тоа како течеше понатаму кариерата на Зоран Карановиќ, за влегувањето во Првата лига со Работнички и за освоеното прво злато со младинската репрезентација на Балканијадата во Славонски Брод ќе читате идната недела.
Зоран Карановиќ
Роден: во 1958 година во Струмица
Кариера: Работнички, Струмица, Борец, репрезентација на Македонија и на поранешна Југославија, тренер и играч на Работнички Фершпед
Успеси: Со Работнички првак на Македонија и влегување во Втората југословенска лига, а потоа и во Првата југословенска лига, многу настапи за младинската репрезентација на поранешната држава, златен медал од Балканијадата во 1974 година во Славонски Брод и учесник на Европското младинско првенство во Монпелје (Франција), освоено петто место
Тренер и функционер: Генерален секретар на ОФМ, еден од иницијаторите за формирање на Работнички Фершпед и негов тренер