Фото: ЕПА

Во обид да го направи спортот попривлечен, Светската атлетика ќе испроба „зона за отскок“ од која натпреварувачите ќе можат да скокаат во јамата со песок наместо вообичаената фиксирана дрвена штица. Тоа би ја елиминирало можноста за престап, а скоковите ќе се мерат оттаму од каде што навистина скокнал натпреварувачот, а не од една универзална почетна точка

АТЛЕТИКА

Светската атлетика (СА) размислува за најрадикална измена на скокањето во далечина откако таа дисциплина стана еден од инаугуративните настани на првите модерни олимписки игри во 1896 година, пишува британски „Телеграф“. Во обид да го направи спортот попривлечен, управното тело ќе испроба нова „зона за отскок“, од која натпреварувачите ќе можат да скокаат во јамата со песок наместо вообичаената фиксирана дрвена штица. Тоа практично би ја елиминирало можноста за престап при скок и, исто така, би значело дека скоковите секогаш ќе се мерат оттаму од каде што навистина скокнал натпреварувачот, а не од една универзална почетна точка, пишува „Телеграф“.
Речиси сигурно дека ќе се зголемат вкупните должини на скоковите, но значително би се намалила важноста за усовршување на залетот на атлетичарите и може да доведе до изјави дека настанот се прави помалку вешт, пишува „Телеграф“. Податоците од Светското првенство во Будимпешта во минатата година покажаа дека една третина од сите скокови биле престапи, при што атлетичарите често ја надминувале фиксната штица во обид за „совршен“ отскок барем во еден од нивните обиди.
– Тоа не функционира, тоа е губење време. Значи, тестираме зона за отскок наместо штица за отскок. Ќе мериме од каде ќе скокне атлетичарот до каде слетува во јамата. Тоа значи дека секој скок е важен. Тоа ја зголемува драмата. Разработуваме и начини со кои можеме да добиеме инстант резултати за да не мора да чекаме 20-30 секунди. Се обидуваме да се справиме со настаните што можеби се помалку популарни. Како да ги направиме попопуларни, повозбудливи, попривлечни – рече Џон Риџон, извршен директор на СА.
Идеите првично ќе бидат тестирани на атлетски митинзи на ниско ниво годинава и, иако нов, концептот би можел да биде воведен во елитното натпреварување во 2026 година. Нема изгледи за промена пред Летните олимписки игри во Париз годинава.
Светската атлетика исто така сака да ги модернизира другите дисциплини и тие ќе бидат домаќини на специјален глобален тривечерен настан направен за телевизија во 2026 година, кога нема летни олимписки игри или светски првенства. Риџон знае дека некои од идеите ќе се соочат со отпор.
– Не можете да направите промена во спортот што во основа бил измислен пред 150 години без некои контроверзии. Ако сте се посветиле на совршен отскок од таа штица, а потоа одеднаш ја замениме со зона за отскок, целосно сфаќам дека може да има првичен отпор. Годинава ќе ја поминеме тестирајќи ја во реални околности со многу добри спортисти. Ако не го помине тестирањето, никогаш нема да ја воведеме. Нема да ги воведуваме работите по желба. Навистина сакаме да ги поминеме следните две години работејќи темелно. Не станува збор за следната година, туку за да се погрижиме да добиеме спорт што е погоден уште за 150 години – рече Риџон, пренесе „Телеграф“. Н.М.