Современата македонска сликарка, уметницата Лара Ташковска, утре, со почеток во 19 часот, во изложбениот салон на НУ центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, пред кумановската ликовна публика ќе се претстави со дваесетина дела – слики во техника масло, акрил и акварел.
Ова е нејзина прва самостојна изложба по нејзиното враќање од САД, каде што има добиено награда за нејзиното инспиративно сликарство во Санта Фе, Њу Мексико, во 2015 година. Лара Ташковска е трета генерација ликовни уметници. Таа е ќерка на академикот Васко Ташковски, а нејзиниот дедо Ристо Ристовски, во зрели години се посветува на наивното сликарство.
Ташковска има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Покрај сликарството, таа е посветена и на педагошката работа. Во нејзиното ателје за цртање и сликање програмата ја следат, во различни групи, курсисти од сите генерации.
– Лара го избра потешкиот пат на кој се почитуваат традиционалните вредности и сликарските елементи како идејата, цртежот, содржината, композицијата и колоритот. Нејзиното творештво тематски е разновидно, додека нејзиниот ракопис е карактеристичен, препознатлив. Стилски во некои дела нејзиното сликарство е блиско до симболизмот, до магичната и ведра фантастика.
Интимистичките елементи во сликите, како и рационалното движење на четката создаваат една целина. Така, рационалното и чувствителното заемно се дополнуваат, додека нејзиното сликарство во континуитет расте и се усовршува, прецизно водено од нејзиниот сигурен цртеж, од нејзината искусна, вешта рака.
Работејќи на кристалите, Лара го кристализира нејзиниот ликовен израз во духот на симболистите. Нејзините маслени и акрилни слики се инспирирани од реалниот живот. Во нејзините акварелни слики доминира вегетацијата, односно магијата на природата донесена со лирско расположение, видено и креирано преку нејзината авторска призма. Карактеристична за нејзиниот ликовен израз е ведрата фантазија во сликањето на пејзажите и таа многу успешно го прави тоа во сликите создадени во нејзиниот понов ликовен опус – пишува академик Васко Ташковски во предговорот за оваа изложба.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 6 март.