Иго Лорис, поранешниот голман на Тотенхем, сезонава ќе брани во ФК Лос Анџелес / Фото: ЕПА

Покрај Меси, кој ќе ја игра првата целосна сезона во МЛС, сезонава во лигата се и Суарез, Лорис, Форсберг…, Невил сега го тренира Портланд, поранешниот менаџер на Астон вила, Смит, е во Шарлот…

ФУДБАЛ

Новата сезона на фудбалската лига на САД (МЛС), 29-та по ред, ќе биде една од најзначајните во историјата на северноамериканската лига, откако ќе биде прва од трите значајни години кога вниманието на фудбалската публика од целиот свет ќе биде насочено кон континентот, пишува „Би-би-си“. Регионот ќе биде домаќин на меѓународни турнири од висок профил, и тоа Копа Америка годинава, Светското клупско првенство во 2025-та и Светското првенство во 2026 година.
Годинава ќе биде првата целосна сезона на Лионел Меси во МЛС-лигата, а имајќи предвид дека одигра само неколку натпревари откако се пресели во Интер Мајами во средината на минатата година, ова изгледа како дебитантска сезона во МЛС-лигата за аргентинскиот фудбалер, пишува „Би-би-си“. Нему годинава во Интер ќе му се придружи поранешниот соиграч од Барселона, Луис Суарез, а Серхио Бускетс и Жорди Алба пристигнаа со Меси минатиот јули. Суарез смета дека Интер Мајами треба да има цел да освои сѐ. Поранешниот напаѓач на Ливерпул и на Барселона го постави прашањето за време на вонсезоната: „Зошто да не сонуваме да ги освоиме сите четири титули годинава?“ Две титули во МЛС се трофејот за лидерот во генералниот пласман во лигата во Источната и во Западната конференција заедно во регуларниот дел од сезоната, како и Купот на МЛС, за победникот во плејофот по регуларниот дел од сезоната. Интер ќе игра и во Лига-купот и во Купот на шампионите во Северна Америка.
Има многу нови лица во МЛС-сезонава, вклучувајќи го и Фил Невил, кој сега го тренира Портланд откако го напушти Интер пред доаѓањето на Меси за да биде заменет од Херардо Мартино. Поранешниот менаџер на Астон вила, Дин Смит, пак, го тренира Шарлот. Поранешниот голман на Тотенхем, Иго Лорис, му се приклучи на првакот од 2022 година, ФК Лос Анџелес, каде што тренер на голманите е некогашниот македонски репрезентативец Ока Николов. Во МЛС-лигата ќе играат и некои други големи меѓународни имиња, вклучувајќи го ветеранот од Бундеслигата, Емил Форсберг, кој е во Њујорк, хрватскиот напаѓач Петар Муса е во Далас, белгискиот напаѓач Хуго Кајперс е во Чикаго, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Меси не е единствениот аргентински фудбалер победник на Светското првенство во 2022 година во МЛС. Тиаго Алмада е ѕвезда на Атланта јунајтед и продолжува да привлекува интерес од европските клубови, пишува „Би-би-си“. Н.М.


Првенството почнува со мечот Интер – Реал

Сезоната во фудбалската лига во САД (МЛС) почнува утре со дуелот Интер Мајами – Реал Солт Лејк. Колумбус минатата сезона ја освои третата титула со победата во финалето на плејофот со ФК Лос Анџелес. Вкупно 29 екипи од САД и од Канада ќе се натпреваруваат во МЛС сезонава. Тоа е прва сезона по таа во 2016 година во која во МЛС-лигата нема нов клуб, а ќе има еден во 2025 година, кога ќе почне да настапува ФК Сан Диего.