Во конкуренција на осум шахисти, Карлсен во финалето го победи Каруана
Норвежанецот Магнус Карлсен во финалето го победи Американецот Фабијано Каруана, со 1,5-0,5 поени, и триумфира на првото издание на челенџер-турнирот во т.н. Фишеров шах, во Висенхаус (Германија), во конкуренција на осум шахисти, пишува специјализираната шаховска интернет-страница „Чесбејс“. Фишеров шах, познат и како Шах 960, се игра така што фигурите од првиот ред се поставуваат по случаен избор во поинаква позиција од стандардната.
Левон Аронијан од САД е трет, откако го победи Нодирбек Абдусаторов од Узбекистан (1,5-0,5), Алиреза Фирузја од Франција е петти по победата над Дoмарају Гукеш (1,5-0,5) од Индија, Винсент Кејмер од Германија е седми, по триумфот над актуелниот светски првак Динг Лирен (1,5-0,5) од Кина. Нокаут-системот се играше по две партии со стандардно време, а ако беше нерешено, се играше со забрзано темпо на игра, додека не се добие победникот.
Карлсен, кој од 2013 до 2023 година беше неприкосновен светски шампион во класичен шах, лани ги освои и светските првенство во брз (петти пат) и во забрзан шах (седми пат), како и третата титула во низа на шаховската Турнеја на шампионите, односно најголемото достигнување во светот на онлајн шахот. Сега победи и на најновиот супертурнир во календарот, фристајл-челенџ, во Фишеров шах, пишува „Чесбејс“.
На овој турнир во Германија, Карлсен почна бавно, освојувајќи 4,5 поени од седум партии во забрзаните мечеви, а потоа загуби од Фирузја во првиот четвртфинален меч, со време за размислување како за класичен шах. Од тој момент, сепак, немаше запирање за Карлсен, па ги победи Фирузја, Абудсаторов и Каруана. Г.И.