Падна техничката влада на Северна Република Македонија. Не падна технички, падна фактички. За само една ноќ се собори самата. Извршен е самоубиствен пуч, не со оружје, туку со личните документи на граѓаните. Она со што се гордееше, Преспанската спогодба со Грција, ѝ се удри од глава. Она што не го плати владата на Зоран Заев ќе го плаќа владата на Ковачевски и Ахмети.
Имајќи ги предвид реакциите нa граѓаните, засега не може да се процени дали оние од СДСМ се свесни каков политички земјотрес се случи во Македонија што ним им нанесува непоправливи штети.
Во рок од 24 часа, со еден блицкриг извршен преку ноќ од новиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, е откриен целиот трулеж на системот, на законодавниот распад и на политичкиот морал. На светло на денот се покажа дека државата била на стаклени нозе и водена од демагози, од лажливци и политички клептомани. Се потврди она што и порано се знаеше, дека Владата на змејот ДУИ и џуџето СДСМ пет години ги доведувале во заблуда граѓаните со манипулации и невистини за нивните лични документи.
Во кој век живееме ние? Кој управува со нашите животи?
Во 21 век, во ера на компјутеризација, дигитализација, сателитизација, технологизација, роботизација, во доба на европеизација и американизација, кој може да поверува дека државата не можела навреме да обезбеди лични карти, возачки и сообраќајни дозволи и пасоши за своите граѓани. Во време на пренатрупана администрација, која „клати врата – земај плата“. Не би било нормално, освен ако не станува збор за глупост или за пари, големи пари од провизии. За чудни меѓународни калкулации или за меѓупартиски подметнувања. Како и да е, зошто и да е, ваквата ситуација може да се оправда само ако се знае дека ни вештачката интелигенција не може да ја покрие природната глупост.
Соголена е една колосална лага од која допрва ќе ги гледаме и интимните делови. Допрва ќе се открива зошто биле лажени и доведувани во заблуда два милиони граѓани за нивните лични документи, за датумите на нивното важење. Значи ли дека ние, граѓаните на Република Северна Македонија, овие години сме живееле со намерно фалсификувани документи, сме се идентификувале со лажни лични карти? Сме возеле со лажни возачки дозволи, со документи на држава што пет години е во вакуум-простор и самата не знае како ѝ е името. Сме имале документи со име на Република Македонија, држава што официјално не постои пет години, која била поништена од сопственото раководство.
А кои се сега вистински, тогаш кои се лажни документи – старите или новите или и едните и другите? Важечките или неважечките? Долг е лавиринтот на енигми, уште подолг на вербалните објаснувања што граѓаните тешко може да ги разберат.
„Доцна, доцна, чеда мои!“ Овие беа омилени зборови на поглаварот на МПЦ, архиепископот господин господин Михаил, кога им се обраќаше на некои од верниците што сакале да се вратат на божјиот пат по години поминати во безбожие. Овој архиепископски извик сега може да му се упати на раководството на СДСМ, кое неколку години не сака да го види она што мнозинството граѓани го гледаат секојдневно. „Не е слеп оној што е слеп, слеп е оној што гледа а не сака нешто да види“, е стара народна поговорка. Заслепени од неизлечивата ароганција, носечките кадри на СДС не слушаа ниту едно предупредување, не сакаа да прифатат ниту еден од добронамерните совети што се ширеа во јавноста како сигнали за лошото што ги чека, за предизвиците што произлегуваат од промената на името. Криејќи го срамот и плашејќи се од последиците во општеството поради името, власта свесно одолжуваше со документите, очекувајќи дека времето ги лечи сите рани.
Раскомотени, развеселени, возгордеани, мислеа дека сѐ тече, а ништо не се менува. Овој четврти ешалон што владее со СДСМ и формално само со еден дел од државата (источниот) не ги сфати пораките од народот што се однесуваа колку за името толку и за парите што требаше да ги дадат за документи за кои еднаш платиле. Од тоа што го „продаде“ името како најлош трговец, државата не заработи ниту скршена пара, а компензација за лошата зделка побара од самите граѓани, осудени да плаќаат ни виновни ни должни.
Значи, уште од денот на потпишувањето на спогодбата со Грција за новото име Република Северна Македонија си ги задолжи своите граѓани со милиони евра. Затоа сега Грција игра мајтап со нас, целата поставеност на државата на меѓународната сцена да зависи само од три букви. Имено, учеството на државата во меѓународниот сообраќај не можело да се одвива со кратенката МК, можело со НМК. Значи: кратенката НМК е знакот по кој државата меѓународно се признава.
Архитектите на ваквите небулозни решенија и партијата СДС не ги перат ни три бистри води вардарски, ни три езера преспански, ни две охридски. Потезите што ги влечат откако останаа дел од техничката влада се комични. Нивните заложби да докажат дека, всушност, тие ги почнале постапките за измени на законот за патни исправи (возачки и сообраќајни дозволи) се дел од продолжението на апсурдот на нивното владеење.
Па секој нормален ќе праша: зошто не го сториле тоа додека Владата не била техничка. Зошто не го свикаа Собранието макар последниот ден? Зошто реагираа дури откако „ги разби“ новиот министер за внатрешни, кој всушност им ги отвори очите за да спасат што може да се спаси, државно, општествено, законски и персонално?
Неколкуте минати февруарски денови покажаа како една владејачка партија (не мала партиска гарнитура туку цела партија), прекуноќ може да падне во јамата што си ја копаше сама веќе неколку години. Од Заев до Ковачевски. Од возвишена гордост да потоне во срам. Од партија на надеж по Шарената револуција во партија на бламажа во денешни дни.
Не знам, не можам да проценам дали оние од Социјалдемократскиот сојуз се свесни каков политички земјотрес се случи во Македонија и какви штети им се нанесени токму во предизборниот период.
СДСМ и ДУИ ги поткопаа темелите на европска Македонија, која не им се симнуваше од устите. Го разорија навестениот единствен европски фронт уште неоформен. Не може да се војува на европски фронт закопан во азијатски ровови, тактики, измами, антиевропски ѕидови.
Тешко на кандидатите и на оние што ќе ја водат кампањата за најавените претседателски и собраниски избори. Кој ќе им верува по лагите за името и за личните документи поврзани со неговата промена?
Може да се очекува техничката влада и нејзиниот претседател да бараат начини да го запрат ентузијазмот на новиот министер неупатен во подземните политички лавиринти, тајни игри и договори. Но може да се очекува и министерот, охрабрен од првите позитивни реакции, да добие нов замав во откривање непознати настани и случувања.
pande.k@novamakedonija. com