Фото: Маја Јаневска-Илиева

Па, нели законите се креираат во интерес на граѓаните? Нели токму законите ги ограничуваат авторитарноста и самоволието на одредена каста што ја освоила (ја држи) власта и токму законите и регулативата им даваат демократски права и слободи на граѓаните? Па, нели во рамките на тие закони и позитивно право самите граѓани преку своите претставници усвоиле уставна и законска рамка што е антипод на една анархија, заради создавање ред и благосостојба во сопствената држава?
Што се случува сега? Министерството за внатрешни работи ќе постапува во согласност со законот и препорачува нешто што граѓаните не го изгласале, туку е наметнато од некоја сила однадвор? Што е тоа? Агресија на деспотија?

Преспанскиот договор во полн капацитет ги покажува своите недоследности кон граѓаните на Македонија: Возачките дозволи како повод

Од денеска ако ве застане полиција додека управувате моторно возило, а имате возачка дозвола со име Република Македонија, ќе добиете казна во согласност со законските прописи, бидејќи тие возачки дозволи ќе престанат да важат. Од денеска граѓаните ќе смеат да возат само доколку имаат возачка дозвола со новото име, Република Северна Македонија, во согласност со Договорот од Преспа. За граѓаните и експертската јавност ова е скандал од невидени размери, во кој државата/властите сами си го девалвираа и деноминираа сопствениот народ. Уште еднаш се докажа дека Преспанскиот договор им се удри од глава на граѓаните, и тоа по повеќе основи… Освен оние колосалните, за кои досега многупати пишувавме, животот по договорот од Нивици покажа дека „во плима“ доаѓаат и многу поситни барања, уцени, ултиматуми за измени на документи што поминаа преку џебот на граѓаните. Овој пат дури се забранува и да управуваат со возила, затоа што возачките нема да им важат во сопствената држава. Што е уште поголем апсурд, личните карти, кои се единствен документ за идентификација, ќе важат и понатаму, а возачките дозволи им излегоа спорни на надлежните. Народот е веќе уморен од ваквиот однос на државата…

ШТО ТОЧНО ОБЈАВИ МВР

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година, согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република Северна Македонија, информира Министерството за внатрешни работи преку соопштение.
– Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека кој било граѓанин на Република Северна Македонија што ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа.
Што се однесува на личните карти, ги известуваме граѓаните дека тие ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија, и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава. За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото тоа важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти – информираа од МВР.
Една од одлуките што предизвикаа револт од скандалозни размери е одлуката за возачките дозволи.
Како што е наведено во соопштението на МВР, „ги известуваме граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република Северна Македонија“.
– Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република Северна Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните што немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета.
Во однос на налепниците НМК за регистарските таблички, повторуваме дека тие се комплетно бесплатни за граѓаните, а секоја евентуална злоупотреба односно какво било наплаќање ќе биде ригорозно санкционирано. Граѓаните можат во која било станица за технички преглед да отидат со возилото и сообраќајната дозвола и од страна на контролор од станицата за технички преглед ќе им бидат залепени налепниците на регистарските таблици – информираат од МВР.

ГРАЃАНИТЕ РЕАГИРААТ ГЛАСНО И ЈАСНО

Според достапните информации од поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој во телевизиско гостување на 18 јануари истакна дека дотогаш биле променети околу 210.000 патни исправи, повеќе од 1.100.000 лични карти и околу 540 илјади возачки дозволи, лесно може да се заклучи дека граѓаните се надевале дека возачките дозволи ќе им важат, па токму затоа и најмал е интересот за нивна промена. Независно кои се причините поради кои најмалку се замениле возачки дозволи, оваа одлука предизвика револт кај граѓаните, кои жестоко реагираа на тоа дека возачките дозволи нема да им важат.
– Апсурдно е и небулозно да ни важат личните карти, кои всушност се единствени документи за лична идентификација, а возачките дозволи да не ни важат. Дали е ова нормално, државата навистина си поигрува со нас. Револтирани сме, гневни и изиграни. Што да правиме кога не можеме да закажеме за да извадиме нови возачки дозволи – револтирано вели Илија Трајковски од Скопје.
Мајките на малите деца исто така реагираат на оваа одлука. Тие велат дека сега нема да можат да ги носат децата на училиште и на курсеви и тренинзи, на лекар, само затоа што матичната држава не им ги признава возачките дозволи.
– Ова е лудница! Кој ќе ми ги носи децата на училиште, на фудбал, на пливање…. Сопругот работи, тие обврски ги реализирам само јас. Ова е газење по нашето достоинство, ова е изживување со нас! Што да правам ако треба да го носам детето на лекар, зарем ќе треба такси да плаќам или со автобус да го влечкам – револтирано вели Елена Димовска, мајка на две малолетни деца.
Реагираат и таксистите и професионалните возачи, кои лебот го заработуваат со возење. Тие велат дека државата вака им го зема лебот од уста.
– Јас веќе еден месец не можам да закажам за да извадам нови документи и како да постапам сега, како да работам јас од утре? Ова е срам за целата држава – вели Тони, таксист од Скопје.
И претседателот на групацијата на автотакси-превоз Сашо Рајчановски реагираше на оваа одлука.
– Имаме таксисти што сѐ уште имаат возачки дозволи со старото име и се надевам дека нема да имаат проблеми ако не излегуваат од државата. Верувам дека МВР нема да оди против своите граѓани за туѓи интереси – вели тој.

Професор Давитковски: Скандал од невидени размери!

Професорот по јавна администрацијата Борче Давитковски револтирано вели дека ова е скандал од невидени размери.
– Кој сака да оди во Грција нека менува документи, но зошто да менуваме ние што сме тука и не планираме да одиме таму? Не може за уредно платена сообраќајна или возачка дозвола, некој да ми кажува дека истата таа не е валидна. Ова е идиотска работа – вели професорот.
Тој вели дека прашувал и добил информација дека за да ја смени сообраќајната дозвола е потребно да се плати 150 денари, а 400 денари за услугата.
– Јас ја добив таа информација, навистина е смешно, па адвокат не зема толку пари за четири реченици. Го одраа народот, не знам до каде планираат да одат. Пет години поминаа од склучувањето на договорот, ако имаше правила за нас, има и за Грција. И Грција имаше задолженија согласно договорот. Еве, на пример, да ги смени таблите на кои пишува Скопје. Тие не го направија тоа, а нашиве веднаш се затрчаа да сменат сѐ, па уште и да ги молат Грците, на баци рака. Ова е скандал, сервилност на МВР и на МНР, тие ќе земат милиони евра на грбот на народот – револтирано истакна Давитковски.
Тој исто така нагласи дека има луѓе што живеат од возење, кои ќе претрпат големи штети поради оваа одлука.


Тошковски: Ако има политичка волја, за еден ден ќе се реши проблемот

Ако има политичка волја, за еден ден ќе се реши проблемот со личните документи, вели техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
Решението, според Тошковски, се измени на два закона, за лични документи и за безбедност во сообраќајот.
– Спремно ми е. Едниот предлог на закон за измени на Законот за патни исправи на државјаните, еве го, спремен е. Еве го другиот. Предлог на закон за изменување на Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата. Еве ги, спремни се, за еден ден. Решение има, само треба да има политичка волја – изјави Тошковски во интервју на телевизијата Канал 5.
МВР завчера соопшти дека од денеска (13 февруари) важат само пасошите и возачките дозволи со новото име на државата.
– Ги замолувам граѓаните што немаат патна исправа со новото име да не се упатуваат кон граница, поради тоа што службениците ќе мора да постапат по закон и ќе мора да ги вратат назад. Второ, согласно Законот за безбедност во сообраќајот, од 13.2.2024 година, возачките дозволи што се со старото име повеќе нема да важат, ниту за внатрешна, ниту за надворешна употреба – изјави Тошковски.
Тошковски ги повика граѓаните со возачки дозволи со старото име да не управуваат со моторни возила.
– Да не управуваат ниту во Македонија ниту надвор од Македонија. Не дека МВР ќе казнува, тоа не е суштината. Суштината е дека ако се случи некоја сообраќајна несреќа, осигурителните компании ќе имаат право на регрес, само заради основот што возачката дозвола повеќе е не важечка – рече Тошковски.
Тошковски информира дека со лична карта со старото име ќе може да се излезе кон Србија, Албанија и Косово, но не може да гарантира дека пограничните власти во тие земји ќе ги пропуштат граѓаните.
Она што го предлага, според Тошковски, е во согласност со сите меѓународни акти што ги гарантираат основните човекови прави.
– Со тоа што ќе им забраниме излез на македонските граѓани го кршиме основното човеково право на движење… државата ќе треба да плати надомест за штета на секој еден граѓанин, на кој ќе му оневозможи да излезе од државата, а е со валидна патна исправа од аспект на втиснат датум, со старо име. Тоа го имаме од една страна, а од друга страна нема кршење на меѓународни договори ако се усогласат техничките рокови од Преспанскиот договор врз основа на објективните човекови и технички капацитети на Република Македонија. Во секој случај, само може да ја исполниме суштината на истиот, а во никој случај да ги прекршиме техничките рокови – посочи Тошковски.
Со меѓународен билатерален договор, според Тошковски, не смее да се кршат човекови права и, како што посочи, ова е резултат на незнаење и неодговорност на властите.


Туфегџиќ: Одговорност мора да има!

Поранешниот судија, сега адвокат, м-р Владимир Туфегџиќ, јасно и недвосмислено го искажа својот став.
– Одговорност мора да има од едноставна причина што во изминатите пет години се набавувани и изработувани лични документи со стариот формат и при издавањето лични документи со стариот формат надлежниот орган на управата не презел ниту едно дејствие со цел навремено известување на граѓанинот дека рокот на важност на стариот формат истекува на 12.02.2024 година.
Имал обврска да го направи тоа со запишување на рокот на важност до 12.02.2024 година во самиот документ или при издавањето на документот истовремено да му достави писмено укажување за крајниот рок на важност.
Доколку се постапело на овој начин, денеска состојбата на работите ќе беше поинаква, а странката ќе се сметало дека е навремено известена.
Во секој случај штетата е направена и одговорноста е на менаџерскиот тим во МВР и затоа на потег е ОЈО за ГОКК во чија надлежност е постапувањето на полициските службеници.
Тој што во изминатите пет години нарачувал и пуштал во промет стари обрасци и овозможил изработка и издавање лични документи со важност подолго од 12.02.2024, иако знаел дека важноста на истите тие е до 12.02.2024, на 13.02.2024 наутро, во 8 ч., треба да биде повикан во Јавното обвинителство – вели м-р Туфегџиќ.


Став на претседателот
Стево Пендаровски по повод важноста на граѓанските документи по 12 февруари 2024 година

„Неприфатливо е македонските граѓани, кои се веќе изложени на сопствен трошок да менуваат документи, да бидат ставени во состојба на паника и страв дали ќе бидат казнувани при нивното учество во сообраќајот. Ги следам реакциите на загрижени граѓани, кои и лично ме контактираа вечерва, и ги разбирам нивната вознемиреност и гнев.
Барам од парламентарните политички партии веднаш да донесат измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и соодветните норми во други закони што ја регулираат оваа област за да им се овозможи на граѓаните да им важат возачките дозволи и возачките книшки на сите возачи што учествуваат во сообраќајот на територијата на државата, а чиј рок на важење не е истечен сметано од нивното издавање. Како што кажав и пред неколку седмици, доколку се има политичка волја, законските решенија може да се донесат во многу краток рок.
Никој не смее да биде казнет поради непроменета возачка дозвола и возачка книшка без вина на граѓаните и кои не се истечени во поглед на нивниот рок на важност сметано од издавањето, особено не за учество во сообраќајот во рамките на територијата на нашата држава.
Ги повикувам надлежните институции навремено и точно да ги информираат граѓаните за сите чекори што се преземаат да се надмине оваа неприфатлива ситуација.
Истовремено, како претседател на државата сакам да ја повторам нашата посветеност кон имплементација на сите меѓународно правни обврски што ги имаме преземено, а произлегуваат од т.н. ’Преспански договор’.“


Итни законски измени во Собранието – наместо до денеска, возачките со
Република Македонија да важат до 31 декември 2024 година

За вчера беше закажана седница на Собранието на која по итна постапка требаше да се донесат законските измени со кои, наместо 12 февруари 2024 година, крајниот рок за замена на возачките дозволи со ознака „Република Македонија“ ќе биде 31 декември 2024 година. Претседателот на Собранието, Јован Митрески, ја закажа седницата за 16.20 часот. Претходно, законските измени требаше да поминат низ собраниските работни тела.
Законските измени се по предлог на Никола Мицевски, Мартин Костовски, Вјолца Адеми, Аднан Незири, Димитар Апасиев и Павле Трајанов, а беа поддржани од сите пратеници присутни во салата.


Колку чини нова возачка дозвола, а колку казната?

За промена на возачката дозвола по редовна постапка, образецот чини 280 денари и 110 денари административна такса, или вкупно 390 денари.
Возачка дозвола во редовна постапка, кога дозволата не е важечка (280 денари за образецот, 170 денари административна такса) – вкупно 450 денари.
Возачка дозвола во итна постапка (840 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 950 денари.
Сообраќајна дозвола (200 денари за образецот, 110 денари административна такса) – вкупно 310 денари.
Во согласност со законот, за истечена возачка дозвола до шест месеци се предвидува казна од шест до дваесет илјади денари, а за истечена подолго од тој период од 15 до 30 илјади денари.

[email protected]