Во финалето резултатот со Ерменецот Нерсисјан беше нерешен, 3-3, но противникот го освои златото, поради правилото „прв до освоен поен“, а Трајковски освои сребро
КАРАТЕ – ПО ОСВОЕНОТО СРЕБРО НА ЕП ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ ВО ГРУЗИЈА
Македонскиот каратист, репрезентативец и член на клубот Макпетрол Витомир Трајковски, во тежинската категорија до 84 кг, а возрасна постари јуниори (до 21 година), постигна голем успех освојувајќи сребрен медал на Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за постари јуниори во дисциплината борби, во Тбилиси (Грузија). Во финалето резултатот против Ерменецот Гор Нерсисјан беше нерешен 3-3, но противникот го освои златото поради правилото „прв до освоен поен“.
– Моја цел секогаш е да го дадам максимумот и да освојам медал за Македонија. На првенства со овој квалитет, не постојат лесни противници, ниту лесни борби, напротив секоја борба има своја тежина. Златниот медал ми се „лизна“ од рацете, но, сепак, ова е голем успех за мене и за Македонија. Освоеното сребро ми претставува дополнителен мотив и ветар во грбот за понатамошни поголеми успеси, заедно со мојот клуб Макпетрол и моите тренери Бошко и Петар Заборски, како двигатели и поддржувачи на сите мои успеси – вели Трајковски.
Трајковски е единствениот македонски претставник од вкупно 28-те на ова ЕП што освои медал во Грузија во исклучително силна конкуренција на 1.160 натпреварувачи од 49 држави. Трајковски забележа четири победи и еден пораз.
– Мислам дека Трајковски можеше уште да даде во големото финале. Ерменецот во почетокот нѐ изненади, но возвративме до пред крајот на борбата, која, за наша жал, заврши нерешено 3-3, па златото му припадна на противникот поради правилото кој прв ќе освои поен, тој има предност. Витомир има големо искуство во каратето и континуирано освојува медали на големите натпреварувања, така што поразот во финалето не е воопшто разочарување, напротив, Трајковски е иднината на македонскиот карате-спорт. На ова ЕП имаше голема конкуренција, а секоја борба беше сериозно сфатена и умно изработена на татамите од Трајковски. Во финалето од 0-3 за противникот, Трајковски израмни на 3-3, а малку недостасуваше и да победи. Како и да е, Витомир е многу млад каратист, но со голем „багаж“ на постигнати резултати, па очекувам многу успеси од него и во понатамошните натпреварувања – вели селекторот на македонската репрезентација за постари јуниори Арлинд Хусеини.
Трајковски го продолжи својот континуитет на освојување медали, оти и на ЕП 2023 во Ларнака (Кипар) освои бронза, на Светското првенство (СП) во 2022 година во Коња (Турција) сребро, а лани на Светските игри (СК) во боречки спортови во Ријад (Саудиска Арабија), каде што беа застапени 16 спорта со учество на околу 1.700 спортисти од 80 држави, се закити со бронза. Тој лани стана и балкански првак во Љубљана (Словенија). Г.И.