Среќа што не е пловен Вардар, па да ни дојде некоја руска подморница и да почне со напад на Македонија. Исто така, голема среќа имаме што се тепаат во командната кула на аеродромот, па ниту авиони не можат безбедно да слетаат. Инаку, тешко нам. Груби засега може мирно да спие. Велам, засега. Ништо не се знае. Зошто да не ја споделиме и пошироката хистерија за иманентен напад на „слободниот, европски свет“? Ако мислат така, или се ретардирани или се корумпирани. Мислам дека е второто. Да беше нашава „елита“ малку пописмена и пошироко образована, ќе извлечеше поуки од американската комедија „Русите доаѓаат“, која си игра со паранојата дека лошите момци само што не го уништиле светот, а добрите момци, во филмот, брзо почнуваат да се дружат и да воспоставуваат нормални односи со лошите. Ама, Груби не се дава. Нема дружење, нема нормални односи, туку има крадење, кое мора и може да се камуфлира со изблици на руска параноја. За сѐ му се виновни Русите. За корупцијата што нѐ изеде?
Досега, Османи ни тврдеше, парафразирам, колку сме повеќе корумпирани, толку е поголема потребата да се отворат преговорите со ЕУ. Доста безобразно, но тоа е нашата „елита“ со лепливи прсти. Сега, неговиот партиски другар Груби смисли дека за сѐ ни се виновни Русите. Веројатно и за крадењето. Нема да ме чуди, на следниве избори, Груби и другарчињата да настапат под паролата: „Русија нѐ тера да крадеме“. Нивната игра може да се значи дека, наместо да се занимаваме со нас и нашава метастаза од крадење, ајде малку да се занимаваме со светски теми. Да се занимаваме со нашата улога во „светската револуција“. Идеално, а и профитабилно во моментов е да ја користиме антируската параноја како параван за крадење и за измислици од типот дека српски и руски „елементи“ подготвувале атентат врз светски важниот косовски политичар Албин Курти среде Скопје. И сега, кога веќе Русите, помогнати од српски структури, ќе организирале атентат на Курти, најлогично е да му дозволиме на Курти да настапи на нашите избори. Да го заштитиме човекот. Дозволивме „Тиранска платформа“, па да одиме и чекор напред. Да му ја подариме Македонија на Косово. Груби мирно ќе спие. За Ахмети не знам. Но, знам дека Македонците нема да спијат, сѐ додека не си ја вратат сувереноста на државата. А тоа ќе биде многу брзо. Еве го 8 мај.
Но не можеме да им се лутиме на нашиве, многу провидни и корумпирани пропагандисти. Под таква пропаганда падна цела Европа. Цивилизираните, големи и (некогаш) богати држави како Германија се можеби школски пример за сопствено самоубиство. Германија, која практично ја издржуваше ЕУ, дојде до дереџе да ја тресат протести на незадоволните фармери, да ја сели индустријата надвор, да остава безработни и незадоволни на секој чекор. Германија повеќе не е помеѓу петте најсилни светски економии и е во длабока рецесија. Едноставно, нејзиното економско чудо, кое се темелеше и на суперевтина енергија, отиде во неповрат. Овој процес е забрзан уште со затворањето на атомските централи, за да кулминира со откажувањето од евтин гас. Сѐ во име на таканаречената „зелена агенда“.
Германија денес гради четири големи централи на гас (се разбира на прескап, течен, но „пријателски“ гас), во кои вложува огромни пари. Излезе дека зелената не е толку зелена агенда кога ќе дојде ножот под грло. Но, еден ден во далечната иднина, идејата е да ги претвори во централи на водород. И во ред. Тоа си е нивна одлука, во која никој нема право да се меша. Но сето тоа чини. Чини претерано многу. Тоа само значи дека можеби Германија ќе ги преживее своите самоубиствени постапки, но, за нас многу поважно, значи и дека сѐ помалку ќе има германски пари за Унијата. Од чии пари Бугарија и Грција изградија патишта, од кого ЕУ одвојува пари за разни програми дури и за членките што се само кандидати? Најмногу од германските. Германија не ја жалам. Таа си има некоја визија за преструктурирање на својата економија и верувам дека ќе преживее во тешкава ситуација во која се наоѓаат речиси сите европски земји. Но, германски пари за Унијата ќе има сѐ помалку. Значи и да почнеме со преговори, ЕУ тешко дека ќе ни помогне колку што очекуваме. Оставени сме сами на себе. Оставени сме на крадливци, кои секогаш ќе наоѓаат виновници. Сега им дојде згодна Русија, а малку и Србија. Утре ќе биде некој друг. Можеби Бразил или Малта?
До каде е отидена работата кажува и вчерашната изјава на г. Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, во која вели: „Ако државата гради во енергетика, страв ми е од корупција“. Што повеќе од ова? Ама на Груби, Русите и Србите му се виновни.
Ова им се ѕвездени моменти за лепење етикети на луѓето дека се русофили (вклучувајќи ме и мене), србомани, со цел вазалски да се додворат, но и да ја тргнат вината од себе. Ако го слушаш Чајковски (не знам дали чуле за него), си русофил. Ако го читаш Булгаков (за него сум сигурна дека не чуле), пак си русофил. Ако кажеш дека Москва има најубаво метро во светот, ужасно си се компромитирал. Ако кажеш дека Русите ја ослободија Европа од фашизам (дали успешно?), давајќи над 27.000.000 жртви, настанува хаос помеѓу оние што се обидуваат да ја ретушираат историјата. Само параноични се однесуваат толку ненормално. А забораваат како се формираше Косово? Како и од кого беше отцепено?
Немам никаква намера ниту полза да ја бранам Русија. Нападот врз Украина нема оправдување, без оглед на тоа што за таа војна има повеќе виновници. Како што рекол американскиот генерал Ајзенхауер: „Добиена војна е само спречена војна“, а оваа војна можеше да се спречи. Но исто така немам намера да ја делам русофобијата, да згазнам врз нивната култура, антифашизам, врз пријателскиот словенскиот руски народ, ниту врз српскиот. И сето тоа за да му се додворам на косовскиот политичар Курти. Нека не се затрчуваат со лепење етикети, бидејќи преку извештајот на ЕУ, изјавите на американската амбасадорка, изјавите на холандскиот амбасадор, црната листа на САД и низ многубројни светски организации што го следат организираниот криминал, докажано е дека тие со гордост можат да ја понесат титулата „крадачи на деценијата“. Ете, од таква етикета би се срамела. Сето друго е ветар и магла.