Проблемот со кучињата скитници во Кичево до денес не е надминат, a голем е бројот на граѓани кои во изминатите години ја почувствувалe болката од каснување од куче. Кучињата скитници во Кичево ги има во голем број во сите делови од градот, а посебно на места каде што се одлага комуналниот отпад или има поставено контејнери.
– За жал Кичево е еден од водечките градови во регионот, каде бројот на напади од кучиња скитници бележи нагорна линија. Тоа го потврдуваат извештаите на ОВР Кичево од последните три години, во кои секоја година бројот на напади е во пораст. Во периодот 2021 до 2023 се пријавени вкупно 694 случаи, од кои во 2021 година пријавени се вкупно 209 напади, во 2022 година нивниот број пораснал на 237, додека ланската година пријавени се вкупно 248 напади од кучиња скитници – истакна портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски.
Тој додаде дека бројот на фактички и пријавени напади не е ист, бидејќи има граѓани кои поради неинформираност или други причини не го пријавиле случајот, па бројот на напади всушност е многу поголем.
Надежите на граѓаните дека ќе се изгради стационар за кучиња скитници, до денес немаат вродено со плод.
Граѓаните се гневни, бидејќи иако претрпеле физичка повреда и душевна траума, тие и по 18 месеци не успеваат да ја добијат оштетата која им припаѓа. З.А.