Работите околу нашите лични документи тргнаа и продолжуваат во погрешна насока. Наместо да се оди по класична, официјална и докажана дипломатска процедура, се оди во целосно погрешна насока. Нешто што може да се реши исклучиво строго институционално, се обидуваат да го протнат на тотално невозможен начин.
Незнаењето е страшна работа. Особено ако не си свесен за тоа и не се обидуваш нешто и да научиш, со прашување на тие што знаат. Решенија има за сѐ, само треба да ги бараш. Безизлезни ситуации нема, има само луѓе што се чувствуваат така. Така е, се разбира, само доколку не постојат скриени намери.
Наместо Македонија да се обрати до Грција со дипломатска нота, како што предложивме минатиот пат, и да ја извести дека не е во можност да ја исполни обврската за рокот за замена на личните документи на граѓаните, тоа е барано лично од грчката амбасадорка. Што можела да направи таа? Само да ја информира Атина и, еве, го добивме очекуваниот одговор – дека не доаѓа предвид! Имаше една ТВ-емисија – баравте, гледајте. Токму тоа ни се случува.
За тоа, колку е глупо и бесмислено ова што го прави државава, народот има поучна приказна. За време на пости, некој тешко болен, кому докторот му советувал дека мора да јаде месо ако сака да преживее, отишол кај владиката. Му ја објаснил ситуацијата и го молел да му дозволи да јаде месо за време на постот. Владиката му рекол дека такво нешто не доаѓа предвид и дека мора да продолжи со постот. Разочаран, човекот си тргнал дома.
На излезот, клисарот му се сожалил и му рекол да дојде утредента во 12 часот. Така и било. Го пуштил кај владиката, а овој седнат на маса богата со најразновидни јадења – со месо. Човекот, пак, понизно го повторил барањето, а владиката остро му рекол да си оди и додал – што мислиш ти, јас некого прашувам?
Ѝ се извинувам на црквата за оваа приказна. Веројатно, таа е симболична во однос на потребата секој сам да донесува одлуки според сопствени интереси и потреби, без непотребно да им ја префрла одговорноста на други.
Оваа приказна е апсолутно соодветна на нашава ситуација со личните документи, поради катастрофалниот договор од Нивици. Честитки за новиот министер за внатрешни работи Тошковски. Веднаш штом ја презеде функцијата се обиде да бара решение за проблемот и се сретна со грчката амбасадорка, свесен дека причината лежи во Нивици, а од другата страна е – Грција. Потегот е логичен, а на новиот министер не мора да му се јасни сите детали бидејќи проблемот е надворешнополитички, а не внатрешнополитички, ама последиците се во неговиот ресор.
Кога веќе го спомнавме Тошковски, да му оддадеме и признание за одличниот потег, кога на луѓето што со денови чекаат за нови документи и се малтретирани на крајно неприфатлив, нечовечен и срамен начин – им се извини во име на државата! Извонреден потег за министер.
И Тошковски, како и пред две-три недели Османи, од грчката амбасадорка сигурно барал согласност да се продолжи рокот за замена на нашите лични документи. Дека е тоа бесмислица и наше самопонижување, на Тошковски не морало да му биде познато, а неговиот обид – заслужува почит. Оправдано се ангажира, во ситуација кога МНР, Османи, не презема ништо, за што мора и да одговара. Средбата, пак, на Османи со амбасадорката е срамна и покажува дека тој, ама и целото МНР, се кое најверојатно и немало консултации, барем за тие што ги знаат работите, презел аматерски чекор, кој не ѝ служи на чест на државата. Прашање е и што барал од амбасадорката, бидејќи тогаш немаше нивна реакција, како сега.
Претходно пошироко го објаснивме проблемот. Само да повториме. Исто како и болниот за постот, што можело да се очекува од грчката амбасадорка? Што можела таа да одговори или да вети? Ништо, освен дека ќе ја информира Атина.
Самото барање решение директно од грчката страна значи предлагање на промена на Нивици, во делот за рокот за нашите лични документи. Освен одбивањето што ни го сервираа, тие немаат други објективни можности. Промената на договорот претпоставува поинаква и долга процедура.
Во сегашната ситуација, единствено решение е испраќање ДИПЛОМАТСКА НОТА со која официјално и еднострано привремено се суспендира дел од договорот, без да се бара негова промена. Објаснувањето е кусо – не можеме да ги оставиме граѓаните без лични документи! Никој не може да го оспори тоа, та да сме потпишале дури и капитулација во војна.
Грција е без никаков маневарски простор. Ако реагира, се отвора мал фронт. Ќе им се врати дека нашата позиција е дефинитивна, бидејќи немаме простор за поинакво решение и ако сакаат поинаква разврска, без меѓусебната согласност, макар и премолчена, можат да се обратат до надлежните меѓународни институции. Друго решение – немаат!
И што мислите, ќе одат на суд? Во никој случај. Тоа би траело три, пет… години. И, што? Изгубено време и пари. Ништо друго. Истовремено, ќе се потсетат дека тие ништо не спровеле од Нивици. Трите протоколи сѐ уште не ги ратификувале, а морале одамна…
Тука завршува приказната, а ние си тераме по свое, го суспендираме законот и важечките лични документи на граѓаните продолжуваат да важат. Македонски ујдурми.
Ако некој од власта не верува во валидноста на оваа постапка, може официјално да бара стручно мислење од некое од западните министерства за надворешни работи.
Еве, всушност, како треба да изгледа нашата нота, која обично се нарекува – вербална.
„Министерството за надворешни работи на Република Македонија има чест да го информира Министерството за надворешни работи на Република Грција дека не е во можност да го исполни рокот за замена на личните документи на своите граѓани, според обврската преземена со договорот од Нивици (точно да се наведе името на договорот), член 1, ставови 8, 9 и 10. Во прашање е огромен број од лични документи, чија замена не е возможна во предвидениот рок.
Република Македонија останува на обврската да ги смени сите лични документи на граѓаните и да ја исполни обврската преземана со договорот и на тоа интензивно работи. Меѓутоа, со оглед на огромниот број документи, не е во можност веднаш да се обврзе до кога тој процес ќе трае. Во соодветно време, кога ќе биде извесно, Министерството за надворешни работи на Република Македонија ќе ја извести другата страна за новиот рок. Република Македонија не може да ги остави своите граѓани без лични документи.
Министерството високо ќе го цени разбирањето на грчката страна за настанатата ситуација, која е резултат на вис мајор услови. Министерството го изразува своето жалење што, во процесот на целосно извршување на договорот од Нивици дојде до непланиран проблем и го нагласува своето уверување дека пречките ќе бидат надминати во најкус рок.
Министерството за надворешни работи на Република Македонија ја користи и оваа пригода да ја реафирмира својата висока почит до Министерството за надворешни работи на Република Грција“.
Толку, и ништо повеќе. И, проблемот е решен.