Разбиен бил наркокартелот „Грчец“, победоносно ги наполнија порталите блиски до власта со наслов што нема врска со стварноста. А стварноста вели дека не само што 10-мина од картелот се во бегство (меѓу нив и недопирливиот шеф) туку дека станува збор за реорганизација на картелите, кои и натаму слободно убиваат, тргуваат со дрога, со оружје, се занимаваат со нелегална трговија на мигранти, изнуда и рекет на фирми. Има барем десет „неразјаснети“ убиства од нашиве банди, меѓу нив некои изведени во Грција, Чаир, Приштина, но и во центарот на Скопје. Имаме и картел составен од вратени борци од Сирија (кодно име „Барон“), иако се донесе закон за задолжителен затвор за сите што се борат на туѓи боишта. Целиов овој опасен криминал е помогнат и е во тесни врски со нашите институции, бизнисмени и партиски членови. Впрочем, да не беа овие тесни врски, немаше да пропадне акцијата „Планина“ во 2021 година. Некои одгоре ја забошотија. Некои што се богатат со години, врз смртта на младите не само кај нас туку и во Европа, каде што завршува најголемиот дел од дрогата.
Дека ова е точно можат читателите убаво да си ја прочитаат анализата за Македонија во Индексот на глобален организиран криминал (Global Organized Crime Index), каде што во графата за наркотици убаво и јасно пишува дека ние сме важен транзитен центар, но и корисници на хероин, кокаин, канабис и синтетички дроги. Натаму, се посочуваат врските со институциите на државата, судството, полицијата, бизнисмените и политичарите. Без нив, не би имало ни картели, ни дрога, ни убиства, ни рекет на сите кафулиња и казина, ни избегани мафијаши на кои им е навреме шепнато за акцијата, ни зомбирана младина упропастена за навек. Би имало како насекаде, повремени случаи на продажба на дрога, но вака организирани мрежи бараат многу плодна политичка почва. Почва на гнилеж. Се разбира дека на удар им се средношколците и студентите. Убава „европска“ иднина на нашите деца им обезбеди „Европскиот фронт“, кој во последниот ден од власта реши да направи „чистка“. Божем. Ама сликите со мафијашите на софра и во блиски и срдечни односи, не успеаја навреме да ги изедат.
Ги упатувам читателите да ја видат и анализата на БИРН од септември 2023, каде што ги претставува и другите наркокланови, како „Дуќанџик“, „Беланоца“ и нивната пресметка, која резултира со серија „неразјаснети“ убиства. Косата ќе ви се крене на главата, каде и меѓу кого живееме. Па, зарем во два наврата не бевме сведоци на мафијашка пресметка со пукање во трговскиот центар „Ист гејт“? И сето тоа почнавме да го третираме како фолклор. Се пукале меѓу себе, па што?! Никој не се прашува кога било тоа така. Многу, многу ретко се случуваа злосторства од овој вид и за нив се зборуваше со месеци низ чаршијата. Сега, луѓево отрпнати, пак, потрчаа да ги фатат попустите во трговскиот. Си мислат, има полиција да ги заштитува. Ох, леле, мори мајко. Нема ништо. Ниту една институција не работи. Немате домашна посета или брза помош да констатира смрт на починат дома. Може некој да ве убие и да ве закопа, без проверка.
Зарем толку ни е куса меморијата, та заборавивме дека нашето МВР, некаде во периодот меѓу 2018 и 2021 година, издаде над 200 македонски пасоши со лажни идентитети, на лица меѓу кои имаше познати мафијашки шефови? Албанија, во порталот „Албанијан дејли њуз“ реагираше за нивен државјанин, познат наркошеф, кому нашиве од МВР му доделија пасош со лажно име. Насловот на статијата е: „Водач на наркокартел доби македонски пасош од Министерството за внатрешни работи“. Неговиот картел само во еден наврат прошверцувал 91кг кокаин на пазарите во Албанија, Италија, Германија и во Холандија. Нашиве го заштитија. За процент, се разбира. Да не зборувам дека меѓу добитниците на пасоши имало и убијци од Црна Гора, Србија и пошироко. Тогаш, истата ваква помпезна истрага заврши со улов на некои ситни риби, иако на сите ни беше јасно од каде доаѓале наредбите. Некоја од големите риби даде оставка, отиде во Идризово? Ама, се разбира, не.
Зарем заборавивме дека американската ДЕА (Drug Enforcement Agency) пред некоја година бркаше наркодилери низ Македонија? Тоа јасно покажа дека немаат никаква доверба во нашиве институции, односно дека истите тие се врзани во синџирот на трговија со дрога.
Па, зарем заборавивме дека имавме премиер, кој длабоко влезен во одгледување марихуана, топло ни препорача да сме си засаделе две-три стракчиња во саксии на балконите?
Важно, ако ништо друго, оваа влада била транспарентна и отчетна. Така барем се фалат. Во една ТВ-дебата со нивен член (членка, која и самата потоа беше осомничена за злоупотреба на европски фондови), убаво ми кажа дека, парафразирам, можеби и тие краделе, ама ги фаќале. Замислете каква придобивка. Добро, ќе ве фатат овие наредниве и нема да ве пуштат. Толкави ви се кабаетите.
Полека се претвораме во мало Мексико, каде што убиствата се секојдневни и многу свирепи. Таму, мајки на исчезнати деца изнајмуваат дронови за да бараат низ пустините тазе копани гробови, во надеж дека ќе ги пронајдат барем телата на своите деца. Како што еднаш изјавив, стануваме не само хаотична и корумпирана држава туку и опасна за живеење. Ова чудовиште, ова зло, каде што директно државата им дава логистика на банди и картели, ќе расте. Ова е само почеток.
Да заклучам. Никакво расчистување на картелот „Грчец“ нема. Повторно ситните риби се во притвор (ќе видиме до кога, односно до кој телефонски разговор), а крупните се капат во базените на хотелите во Дубаи. А други мафијаши им одат на баци рака. Ако не е „Грчец“, ќе е некој друг картел од горенаведените или воопшто неспоменати. Не ли се раскинат тесните врски со политиката, надеж нема.
Само „неразјаснети“ убиства, за кои сите се тешиме дека се далеку од нас. А не се. Можеше ли да настрада некој случаен минувач на ул. Рузвелтова или во „Ист гејт“ кога се пукаше? Може ли и вашето дете да стане жртва на овие сејачи на смрт?
Многу се надевам, но и барам од наредната власт да направи тешки чистки во МВР, правосудството, пограничната полиција, царината, финансиската полиција, Агенцијата за спроведување санкции, во АНБ, во УЈП, во сите институции што имаат макар допирни точки со овој најтежок вид на организиран криминал. Тоа е само прв чекор. Потребни се огромна политичка и општествена свесност, одговорност, храброст и волја за да се искорени злото. Да беше лесно, немаше, да речеме, на Сицилија да се убиваат судии (примерот со судијата Фалконе) по нарачка на семоќната мафија. Затоа, со голема загриженост, констатирам дека без голема поддршка од целото општество, овој монструм ќе расте непрекинато и ќе ги проголта пред сѐ младите. Од фалбите за „разбиениот“ картел полза нема.