На државниот натпревар по македонски јазик и литература за осмо одделение, ученикот Глигор Иваноски од 8-г одделение во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп, со освоени 95 бода од можни 100, го освои првото место! Негова менторка е наставничката Габриела Стојаноска-Станоеска.
– Победата на државниот натпревар по македонски јазик и литература што се одржа кон крајот на 2023 г. ми ја обележа годината. Изучувањето на мајчиниот јазик за мене беше гордост и задоволство, па и дополнителните часови со мојата наставничка по македонски јазик Габриела Стојаноска-Станоеска не ми паѓаа тешко. Напротив. Натпреварот помина убаво, со неизвесност и возбуда. Јас и една ученичка го делевме првото место со освоени 95 од вкупно 100 поени, па затоа нѐ повикаа на повторно тестирање, каде што сепак јас бев прв – вели осмоодделенецот Глигор Иваноски.
И покрај тоа што е државен првак по македонски јазик, што е резултат на неговата посветеност и залагање, тој ни откри дека, сепак, негова страст се природните науки.
– Математиката и физиката неизмерно ги сакам и секое слободно време го поминувам чепкајќи по нумерусите и по збирките со задачи – ни откри тој.

Ка.М.