Практиката на лидерите на албанските политички партии од Македонија да бараат потврда, поддршка или легитимитет за своите одлуки и дејствување во македонскиот политички простор, надвор, во центрите на албанската политичка моќ, како што е Тирана или Приштина, стана практика што веќе не се ни крие во албанскиот партиски кампус во Македонија. Дали станува збор за синхронизирање и координација на паналбанските политички ставови од регионален карактер или станува збор за потврдување или проверка на одредени политички прашања за кои албанските партиски лидери во Македонија не се доволно сигурни како да постапат? Или, пак, можеби станува збор за едно централизирано пошироко дејствување за кое е потребна консултација со некој поголем, глобален фактор и моќник?
Албанските политички лидери од Македонија продолжуваат да бараат потврда на својот политички легитимитет надвор од својата држава
Практиката на лидерите на албанските политички партии од Македонија да бараат потврда, поддршка или легитимитет за своите одлуки и дејствување во македонскиот политички простор, надвор, во центрите на албанската политичка моќ, како што е Тирана или Приштина, стана практика што веќе не се ни крие во албанскиот партиски кампус во Македонија. Дали станува збор за синхронизирање и координација на паналбанските политички ставови од регионален карактер или станува збор за потврдување или проверка на одредени политички прашања за кои албанските партиски лидери во Македонија не се доволно сигурни како да постапат? Или, пак, можеби станува збор за едно централизирано пошироко дејствување за кое е потребно консултација со некој поголем, глобален фактор и моќник?
Изнесување на домашните работи надвор или мешање во внатрешните работи
Сето горенаведено сѐ почесто и сѐ повеќе добива перцептивна димензија на „странско мешање“ во внатрешните работи на македонската држава. По контроверзните гостувања на косовскиот премиер Албин Курти во македонските општини со градоначалници Албанци, без ниту една ознака на Македонија на организираните собири, политичкото „флертување“ на албанските опозициски партии од Европскиот сојуз за промени со косовската партија Самоопределување за претстојните избори во Македонија, честите гостувања на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кај албанскиот премиер Еди Рама, деновиве и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, отиде на „советување“ во Тирана, кај премиерот Рама.
– Рама ќе разговара со Таравари за изборите на 8 мај (во Македонија) и за постројувањето на АА во насока кон Европската Унија – објави информативен портал на албански јазик од Тетово, Македонија.
„Транспарентноста“ на албанските лидери на политичките партии од Македонија во барањето поддршка и самодоверба за дејствување на македонската политичка сцена кај лидерите од другите албански држави во регионот, секако, не ја „неутрализира“ перцепцијата за отворено странско влијание во внатрешните работи на Македонија, па дури и на изборниот процес. Искуството со „непостојната“ тиранска платформа од 2017 година, скроена на еден таков собир на албанските лидери од Македонија со Еди Рама, чии одлуки имаа реални реперкусии во македонското законодавство изминативе години (реалноста на Законот за употреба на јазиците), потсетува дека не станува збор за наивна транспарентност и советување на политичарите Албанци од Македонија во албанското соседство.
– Ваквите екскурзии на албанските политичари од Македонија во Тирана и во Приштина формално не можеме да ги наречеме „мешање во внатрешните работи“ на Македонија. Тие сами одат во Тирана, по нивно барање, за да добијат некаков легитимитет за своите одлуки и дејствување на македонската политичка сцена, најмногу пред албанскиот електорат. Притоа, албанскиот премиер Рама ја задржува перцепцијата за себе дека тој самиот нема интерес да се меша во внатрешните работи на Македонија, но е достапен за совети и „давање легитимитет“ на лидерите од албанскиот политички блок во Македонија. Косовскиот премиер Курти го прави тоа поагресивно и поневешто, иако обидот за такво негово мешање во внатрешната политика на Албанија (како сега што се наметнува во Македонија) – мина неславно. Во секој случај, албанските лидери од Македонија се тие што бараат легитимитет за своите одлуки од странски фактори, за својот настап и дејствување на македонската политичка сцена – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
Има ли индикации за загрозување на политичкиот суверенитет на македонската држава?
Сепак, воспоставената практика на барање легитимитет на албанскиот политички фактор во албанското соседство, но и кај претставниците од меѓународната заедница, колку и да е „легитимна“, содржи видливи елементи на загрозување на политичкиот суверенитет на македонската држава. Во тој контекст се наметнува прашањето дали претставниците на меѓународната заедница во Македонија (од кои албанските партиски лидери исто така бараат легитимитет) ја забележуваат и реагираат на оваа аномалија во политичката практика, која го девалвира македонскиот државен суверенитет.
– Се покажа дека ЕУ и меѓународната заедница, воопшто, имаат двојни аршини за политичката реалност и владеењето на правото за Македонија. Премолчната поддршка на корупцијата во Македонија (иако јавно се критикува), оправдувањето на бугарското вето за нашите евроинтеграции, па и охрабрувањето на албанските политичари од Македонија да бараат „совети“ и поддршка во соседството за своето политичко дејствување во земјава, вклучувајќи и политички координации и синхронизации, се еклатантен доказ за таквите двојни аршини на меѓународната заедница. Македонските политичари се сведени на пиони во носењето одлуки за Македонија. Немањето стратегија на актуелната власт за функционирањето на македонската држава создава впечаток дека се очекува самораспаѓање на Македонија, по мирен пат – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.