Данска и Шведска досега одиграа 29 меѓусебни меча, вклучувајќи го и финалето на Светското првенство во 2021 година
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
Во следното коло на Европското првенство (ЕП) за ракометари во Германија денеска следува дерби, дуелот на светскиот првак Данска со европскиот шампион Шведска. Двете репрезентации досега одиграа 29 меѓусебни меча, вклучувајќи го и финалето на Светското првенство во 2021 година. Двете селекции се без пораз на ЕП 2024 и имаат по четири бода од двата меча во втората групна фаза.
Данска блесна во нападот во второто полувреме и ја запиша својата четврта победа на Европското првенство (ЕП) за ракометари во Германија, а со тоа и четвртиот бод во главната група два. За 14 минути во вториот дел, Данска постигна дури 11 гола, а прими само еден, со фантастична ефикасност од 78 отсто против Холандија, славејќи со 39-27 (18-17).
Се истакна Матијас Гидсел со девет гола, кој сега е втор на листата на стрелците, еден гол помалку зад холандското лево крило Рутгер тен Велде, со 28. Одличен беше и голманот Никлас Ландин со осум одбрани (40 отсто ефикасност). Данците, кои се актуелни светски прваци, засега го имаат најсилниот напад на ова ЕП, со 139 гола на четири меча (74,9 отсто), со што покажаа дека се еден од фаворитите за титулата. Холандија е на дното табелата и без бодови.
– Холандија одигра неверојатно прво полувреме, особено со неверојатна брзина. Ни беше тешко да се браниме, па моравме на полувремето и да разговараме малку во соблекувалната за тоа што можеме да промениме во играта, што се покажа добро – вели данскиот десен бек Гидсел.
Шведска не одигра најдобро во првите 20 минути во првиот меч од главната рунда на ЕП со Словенија, но, сепак, големата помош од фантастичниот голман Андреас Паличка ѝ овозможи да ја постигне во голем стил и четвртата победа во низа на ЕП 2024, со 28-22 (11-7). Ова е вторпат во историјата Шведска да го почне ЕП со четири победи во низа, по ЕП 2002, кога и ја освои титулата. Швеѓаните се во серија од 10 победи на ЕП, која почна во главната рунда на ЕП 2022, односно три меча помалку од нивниот рекорд. На крилата на извонредниот голман Паличка, кој беше и играч на средбата, со 14 одбрани (50 отсто) и најзаслужен за триумфот, Шведска се израмни со Данска на врвот во групата, со четири бода, два бода повеќе од Словенија и од Португалија.
Селекцијата на Португалија го отвори главниот круг на ЕП во Хамбург со тешко остварен триумф 37-32 (18-15) со Норвешка. Откако го почнаа главниот круг без бодови, победата е многу значајна во трката за влез во полуфиналето. Избраниците на Пауло Переира прикажаа еден од своите најдобри перформанси досега на теренот и успеаја да ја победат Норвешка првпат по 24 години. Норвешка реализира 60 отсто од своите удари во првиот дел, Португалија 78 отсто, а ефикасноста на шутот на двете страни остана на слично ниво во понатамошниот тек на мечот. Торбјорн Бергеруд и Кристијан Северас добија шанса меѓу стативите, но и покрај нивните 13 одбрани, не можеа да ги спречат браќата Мартим и Франциско Коста во решавачките моменти. Педро Портела, кој беше играч на натпреварот, беше најдобар стрелец кај победникот со осум гола од осум обида. Г.И.
ВТОРА ГРУПНА ФАЗА
ГРУПА 1
Унгарија – Австрија синоќа
Франција – Хрватска синоќа
Германија – Исланд синоќа
ТАБЕЛА
Унгарија 1 1 0 0 33-25 2
Франција 1 1 0 0 33-30 2
Хрватска 1 0 1 0 28-28 1
Австрија 1 0 1 0 28-28 1
Германија 1 0 0 1 30-33 0
Исланд 1 0 0 1 25-33 0
Идно коло, утре: Франција – Исланд (15.30 ч.), Унгарија – Хрватска (18 ч.), Германија – Австрија (20.30 ч.).
ГРУПА 2
Норвешка – Португалија 32-37
Данска – Холандија 39-27
Словенија – Шведска 22-28
ТАБЕЛА
Данска 2 2 0 0 76-54 4
Шведска 2 2 0 0 57-50 4
Португалија 2 1 0 1 64-69 2
Словенија 2 1 0 1 50-55 2
Норвешка 2 0 0 2 59-65 0
Холандија 2 0 0 2 55-68 0
Идно коло, денеска: Словенија – Португалија (15.30 ч.), Норвешка – Холандија (18 ч.), Данска – Шведска (20.30 ч.).