Клучната дилема пред која сега е исправена македонската јавност е дали ваквото масовно вооружување што се случува кај повеќе земји во ист момент е само чиста коинциденција во насока на модернизација на вооружувањето откако старото оружје беше донирано во Украина или, пак, е сигнал за некаква можна дестабилизација на Балканот, вклучувајќи и на Македонија
Земјите од регионот сѐ помасовно се вооружуваат и ги зголемуваат воените буџети
Земјите од соседството на Македонија, но и пошироко, се вооружуваат како никогаш досега и двојно повеќе ги зголемуваат буџетите за одбраната, што е јасен сигнал дека воениот конфликт во Украина и оној на Блискиот Исток се навестување за една поголема дестабилизација, која би можела да се случи доколку продолжи флагрантното непочитување на меѓународното право и примената на сила во остварувањето на интересите.
Неодамна новоименуваниот француски премиер Габриел Атал истакна дека еден од неговите главни приоритети ќе биде повторното вооружување на Франција. Пред некој ден двајца високи претставници на одбраната на Шведска упатија порака до Швеѓаните во која го повикуваат населението да се подготви за војна.
Рускиот пратеник Алексеј Журављов, кој важи за близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, неодамна во телевизиски настап сугерираше дека Русија би можела да ја нападне Полска, а Шведска и земјите од Балканот се свесни за тоа и затоа масовно се вооружуваат.
Можеби тука треба да се бараат причините за големата посветеност на вооружувањето во регионот. Имено, грчкиот министер за одбрана Никос Дендијас изјави дека Грција е опкружена „со многу извори на нестабилност што бараат модерни оружени сили“.
Во иста насока размислува и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој пред само три дена рече дека годинава Србија ќе потроши близу 740 милиони евра за набавка на воена опрема, како одговор на одлуката на САД да му продадат на Косово 246 противтенковски ракети „џавелин“ од американско производство, како и придружна опрема. Косово најавува дека нема намера да запре со вооружувањето и работи на трансформација на безбедносните сили во косовска армија.
Во трката за вооружување во регионот не заостанува ниту Бугарија, која ќе купува 198 оклопни транспортери „страјкер“ на американската компанија „Џенерал дајнамикс“, а се планира и набавка на нови авиони. И покрај зголемениот дефицит на државниот буџет, романската влада одвои повеќе од 18,7 милијарди евра за вооружување на армијата до крајот на 2026 година, со намера да се набават половни модели на американски авиони и оклопни возила.
За разлика од нив, Македонија ќе набави оклопни возила „страјкер“ во вредност од 210 милиони долари, кои етапно ќе пристигнуваат во следните две години, но кои се далеку зад тактичкото вооружување што земјите од регионот го набавуваат и со кое се стекнуваат со значителна предност на терен.
Членот 5 обврзува, ама не е гаранција…
И додека целото соседство масовно се вооружува, домашните политичари ја темелат безбедноста на државата исклучиво врз членството во НАТО и фамозниот член 5, според кој евентуален напад врз земја членка на Алијансата ќе се смета за напад врз сите. Но во свет во кој сѐ повеќе земјите поаѓаат од личните интереси и одбраната на сопствената сувереност, прашање е колку ќе се почитуваат договорите за сојузништво, бидејќи секој ќе гледа да си ја заштити сопствената земја.
Клучната дилема пред која сега е исправена македонската јавност е дали ваквото масовно вооружување што се случува кај повеќе земји во ист момент е само чиста коинциденција во насока на модернизација на вооружувањето откако старото оружје беше донирано во Украина или, пак, е сигнал за некаква можна дестабилизација на Балканот, вклучувајќи и на Македонија.
Професорот Методи Хаџи-Јанев од Воената академија смета дека покрај неопходната модернизација на воената опрема, на масовното вооружување во регионот и пошироко влијае и самата промена на безбедносната состојба, како и намерите за сѐ поголема доминација на Русија и Кина на западот, поради што едноставно се наметна потребата од зголемување на воената готовност на државите.
– Она што сега постои како доминација, или како што тие го гледаат доминација на западниот свет, веќе треба да биде сменето и, како резултат на тоа, тие се веќе подготвени со употреба на сила, не само дипломатски и економски туку и со употреба на воена сила да го променат тоа, а гледаме како активно го прават тоа во Украина. Засега сѐ се сведува на политички изјави што може да водат до одредени мерки за загрозување на земјите членки на НАТО или на сите оние што се сојузници на тој таканаречен глобален Запад – потенцира Хаџи Јанев.
Тој, во изјава за Канал 5, уште додава дека Македонија како НАТО-членка и како аспирант за членство во ЕУ не може да биде изземена од потенцијалните ризици и од можно прелевање на регионалните конфликти.
– Спаѓаме во тој круг на земји бидејќи не само со членството во НАТО туку и со амбициите за зачленување во ЕУ, самото тоа нѐ става во одредена форма на ризик потенцијално во некаквиси разврски на настани, се разбира ако дојде до такво нешто, а кои верижно би можеле да се случат, тогаш во евентуално таквата разврска за многу краток период би можела ситуацијата да ескалира и верижно да нѐ зафати и нас – предупредува Хаџи Јанев.
Вооружувањето како средство за политички притисок
И други аналитичари и познавачи на безбедносните прашања коментираат колку се основани стравувањата од потенцијално загрозување на безбедноста на Македонија и на земјите од регионот со толкавото трупање оружје на мал простор.
– Сѐ зависи од кој агол се набљудуваат работите. Ако Русија се посочува како главна закана по регионот, тогаш за да може Москва да му направи проблеми на Западот потребна ѝ е помош од локалните политички елити, но тие елити во никој случај не сакаат да бидат жртвувани како некакви пиони на Кремљ. Некои од нив сакаат да ја користат Москва за да го уценуваат Западот и да се промовираат пред сопствените гласачи, но не и да бидат топовско месо – велат аналитичарите.
Според нив, масовното вооружување во ист момент кај повеќе земји во регионот може да се набљудува и низ еден поинаков контекст.
– Добар дел од набавката на оружје може да биде во насока преку демонстрација на воената надмоќ, всушност, да се решаваат отворени прашања со соседите така што со индиректното ѕвечкање со оружјето ќе се остваруваат сопствените интереси. Јасно е дека светот е влезен во процес на затворање на сите отворени прашања, така што сите сакаат евентуалниот верижен расплет на настаните да го дочекаат подготвено и добро позиционирано. Грција се вооружува за да биде подготвена за времето по Ердоган, Бугарија и Романија мора да бидат подготвени како соседи на Русија од една страна, но Романија има и свои аспирации кон Молдавија, а Бугарија, пак, има свои позиции во однос на Македонија, од кои нема намера да отстапи. Србија се вооружува за да наметне подобра преговарачка позиција кон Косово и ја користи воената сила како средство за притисок, но официјален Белград во никој случај нема повторно да се впушти во некаква воена авантура на Косово бидејќи е свесен дека станува збор за држава под заштита на НАТО – истакнуваат соговорниците.
Коментирајќи ја македонската позиција наспроти целиот овој бран на вооружување на Балканот, аналитичарите сметаат дека Македонија е во доста деликатна ситуација и дека треба внимателно да ги забележува сите сигнали и да носи мудри одлуки.
– Македонија е членка на НАТО и треба да има некакви безбедносни гаранции, но чудни работи се случуваат во светот и прашање е колку можеме да се потпираме на тие колективни договори ако дојде до поширока дестабилизација во Европа, вклучувајќи и во регионот. Од друга страна, ние сме мала и сиромашна земја, немаме финансиска моќ да се вооружуваме до бескрај за да им парираме на земјите од регионот, така што наша најдобра опција би било да се обидуваме дипломатски да ги превенираме потенцијалните ризици по нашата земја. Дополнително, а што можеби е најклучно, треба да се работи на уште поголема воена соработка со САД во делот на нашето стратегиско партнерство – констатираат аналитичарите.