Под слоганот „Прекривка од топли зборови“, во сите книжарници на „Три“ и онлајн, традиционално започна Зимскиот фестивал на книгата што ќе трае до крајот на месецот. Освен фестивалски цени на сите изданија на „Три“ и на „Паблишер“, има и одлични понуди совршени за секој читател, како акција на пет или на три книги.
Покрај новите наслови што неодамна пристигнаа во „Три“, како „Крвавата месечина“ од Ју Несбе, „Бидете полезни“ од Арнолд Шварценегер и водечките книги во областа на психологијата – „Одмотајте го клопчето на анксиозноста“ од Џадсон Бруер и „Престанете да размислувате прекумерно“ од Ник Третон, се очекуваат и други новитети. Авторката на „Планината си ти“ (апсолутен хит во последната година) ќе пристигне со нов наслов – „Сто и една лекција што ќе ни го сменат начинот на размислување“, Џули Смит за првпат ќе се појави на преводната сцена со „Зошто никој не ми го кажал ова порано“, а трилер-писателот Стив Кавана го имаме со нова приказна – „Фифти-фифти“.
– Зимата е секогаш сезона на книгољупците и читањето, но овој пат ни е попотребна од кога било. Книгите се безбедно место и одличен начин да останеме дома. Во текот на фестивалот се планираат и средби со автори и промоции, за кои читателите ќе бидат дополнително известени. Во „Три“ ги очекуваме сите читатели да се подготват за долга и студена зима со топли четива – порачува издавачот.