На 22 јануари се полага главниот квалификациски тест за 130 слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители. Под чудни околности и спротивно на досегашната практика, Владата донела заклучок квалификацискиот тест да се полага писмено наместо електронски, што е во спротивност со членот 39 од Законот за АСЈО каде што изрeчно е наведено дека квалификацискиот тест се полага по електронски пат. Со очигледната интервенција, власта повторно сака да обезбеди кадри за судии и обвинители што во иднина ќе бидат нивни должници и кои ќе мора да работат во дослух со политичките партии наместо да го спроведуваат законот неселективно. Ако Владата директно интервенира околу тоа како ќе се одвиваат испитите на Академијата за судии и јавни обвинители, тогаш крајно се лицемерни владините заложби за некаква департизација на судскиот систем
Уште една јавна демонстрација на фактот дека заложбите за владеење на правото се обична фарса
Владеењето на правото и борбата со корупцијата се клучните параметри според кои ќе се оценува дали Македонија воопшто е зрел кандидат за преговори со Европската Унија, а не дали ќе ги внесе Бугарите во Уставот.
Она што Европската комисија го констатира во последниот извештај за напредокот на земјава јасно покажува дека постојат сериозна партизација и непотизам во правосудниот систем и дека нема никаков напредок во заложбите за департизација на судството, туку напротив, забележано е назадување во оваа сфера.
Причините за ваквите алармантни состојби мора да се бараат во нивниот зачеток, а тоа е несомнено Академијата за судии и јавни обвинители, која наместо да биде расадник на професионални и стручни кадри што ќе изградат вистински правен вредносен систем во државата, всушност со години е расадник на непотизам и место каде што се врши партиски инженеринг врз идните судии и обвинители.
Затоа и не случајно на Академијата со години се запишуваат и завршуваат во најголем број синови и ќерки на државни функционери, деца на судии и обвинители, не дозволувајќи никако да дојдат до израз луѓе што немаат некаков политички „грб“.
Таквите компромитирани кадри напредуваат врз основа на ургенциите од страна, а не врз основа на знаењата и капацитетите што ги покажуваат. Најдобра потврда дека е така се многубројните недоследности на испитите на Академијата низ годините, кога кандидатите на испитите поминуваа под сомнителни околности и со надворешни интервенции, за што имаше многу сериозни забелешки, како од страна на ЕК така и од американската амбасада во земјава. Сличен преседан за кој веќе алармира стручната фела веќе е најавен за десетина дена. Имено, на 22 јануари се полага главниот квалификациски тест за 130 слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители. Под чудни околности и спротивно на досегашната практика, Владата донела заклучок квалификацискиот тест да се полага писмено наместо електронски, што е во спротивност со членот 39 од Законот за АСЈО каде што изречно е наведено дека квалификацискиот тест се полага по електронски пат, а сè со цел да не може некој од Управниот одбор на АСЈО подоцна да им ги доодговори прашањата на владините фаворити за судии и обвинители.
Со очигледната интервенција, власта повторно сака да обезбеди кадри за судии и обвинители што во иднина ќе бидат нивни должници и кои ќе мора да работат во дослух со политичките партии, наместо да го спроведуваат законот неселективно. Ако Владата директно интервенира околу тоа како ќе се одвиваат испитите на Академијата за судии и јавни обвинители, тогаш крајно се лицемерни владините заложби за некаква департизација на судскиот систем. Истовремено, под прашалник се доведува и потребата од постоење на Академијата, ако се има предвид дека таа повеќе функционира како регрутен центар на партиски судии и обвинители отколку на едукативна институција во делот на правосудството. Пред извесно време беше обелоденето дека токму синот на собранискиот спикер Талат Џафери доби можност предвреме да полага правосуден испит, што е невиден преседан во судската практика. Синот на Џафери е само едно од децата на политичарите што положија во Академијата за судии и јавни обвинители. Речиси 18 отсто од положените кандидати, кои се идни судии и обвинители, се синови, ќерки, снаи и сопруги на актуелни политичари, сегашни и поранешни судии и обвинители и тие веќе наголемо се прераспределуваат во сите судски инстанци, преземајќи целосна контрола на судскиот систем.
Клучното прашање пред кое е исправена македонската јавност е како Македонија ќе воспостави владеење на правото со ваков фаличен непотистички систем што се воспоставува уште од Академијата.
Поранешниот прв човек на Врховниот суд, Дане Илиев, смета дека постоењето на ваква Академија за судии и јавни обвинители е преседан сам по себе и дека ваква институција нема никаде во светот.
– Лично бев против формирањето на Академијата за судии и јавни обвинители и таа треба веднаш да се укине, таа нема никаква врска со некаква академија. Таа е легло на синови и ќерки на функционери, само протекција, непотизам и ништо друго – категоричен е Илиев.
Според него, Академијата функционира како обичен регрутен центар преку кој партиите си регрутираат свои судии и обвинители, кои утре ќе работат за нив наместо да спроведуваат владеење на правото.
– Нема да има владеење на правото со кандидати што излегуваат од Академијата. Тие ја добија битката, така што не треба никој да има илузии дека во оваа земја ќе се воспостави некакво владеење на правото. Ваква практика, од Академијата да се профилираат идните судии и обвинители, нема никаде во светот. Јас уште при формирањето на оваа институција бев против бидејќи најголемите и најквалитетни кадри ни останаа по судовите цел живот да бидат само обични стручни соработници. Тие што имаа знаење и капацитет нешто да направат во македонскиот правосуден систем, за жал, останаа само стручни соработници – потенцира Илиев.
За него Академијата не ги дала резултатите што се најавувале во времето кога таа била формирана и затоа треба итно да се укине.
– Академијата за судии и јавни обвинители ништо не покажа, ниту знаење, ниту пак покажа што значи искуство. Академијата требаше да им пренесе на академците искуство како да судат, а не го направи тоа, туку само удоми деца на функционери и партиски кандидати – истакнува Илиев.
И другите соговорници, инаку добро упатени во правосудството, се категорични во тврдењето дека Македонија со ваков систем на профилирање судии и обвинители нема да воспостави вистинско владеење на правото, туку ќе настапи уште подлабока партизација на системот.
– Две години власта ја замајуваше јавноста дека само уставните измени се условот за продолжување на преговорите со ЕУ. Тоа не е точно. И да ги направиме уставните измени, со вакво невладеење на правото нема да мрднеме ниту чекор напред. Академијата за судии и јавни обвинители наместо да биде основата за воспоставување здрав правосуден систем, всушност е институцијата во која се уништува каква било надеж дека може да има правда во оваа држава. Низ годините бевме сведоци на голем број скандали таму, предвреме полагаа испити синови на функционери, од таму судии и обвинители станаа само децата на политичката и судската елита, за обичните „смртници“ нема место во судството. Вака нема никаде да стигнеме и да не се залажуваме дека Бугарија ќе нè блокира, самите се блокираме на евроинтегративниот пат со тоа што не можеме да ги тргнеме политиката и непотизмот од судскиот систем. Видовме што се случува во Судскиот совет, гледаме што се случи со одлуките околу настаните во М-НАВ, сега излегуваат на виделина многу контроверзни одлуки на судии што ослободиле потврдени криминалци, така што навистина не знам дали има сила што може да воспостави владеење на правото во Македонија – заклучуваат поранешни судии што ја напуштиле фелата токму поради политичките притисоци.