Бадникови поворки се одржаа во 75 града и населени места
По 14-ти пат, на 6 јануари се одржаа бадникови поворки во 75 града и села во Македонија и во пет во дијаспората. Илјадници деца беа дел од бадниковите поворки на радоста и пеејќи ја ангелската песна „Вечниот бог“ го најавуваа Христовото раѓање.
Најголемата бадникова манифестација во Скопје започна во 11 часот, со мал празничен концерт на градскиот плоштад „Македонија“, а настапија Антониа Гиговска, Ламбе Алабаковски, хорот „Златно славејче“, Вера Милошевска, Димитар Андоновски, Стефан („Некст тајм“) и Пере („Нокаут“).
Водители на настанот беа популарните тинејџерски ѕвезди Марија Јанчевска и Јован Дукмеџиев.
По малиот концерт се оформи најголемата бадникова поворка во Македонија, која преку Камени мост тргна кон Соборниот храм, каде што сите коледарчиња беа дочекани и дарувани од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во Скопје, за првпат, Соборниот храм не успеа да ги собере сите коледарчиња одеднаш, па децата го полнеа храмот во неколку наврати.
Во исто време, свечени бадникови поворки со учество на стотици деца со нивните семејства се организираа и во: Охрид, Струга, Кичево, Прилеп, Крушево, Штип, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија, Битола, Ресен, Тетово, Гостивар, Дебар, Куманово, Крива Паланка, Македонски Брод, Виница, Кочани, Св. Николе, Радовиш, Делчево, Пробиштип, Македонска Каменица, Валандово, Берово, Демир Капија, Велгошти, Дебарца, Враништа, Ростуше, Јанковец, Могила, Драслајца, Брвеница, Вратница, Банско, Ново Село, Зубово, Сушица, Ново Коњарево, Удово, Јосифово, Пирава, Грчиште, Марвинци, Балинци, Брајковци, Гази Баба, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Илинден, Петровец, Чучер Сандево, Бардовци…
Во сите поголеми градови во Македонија, исто како и во Скопје, поворката беше крунисана со празнични концерти на пригодни божиќни песни во кои учествуваа локалните ѕвезди и хорчиња.
Коледарчиња
Ајде коледарчиња,
со ангелска песна разбудете нѐ,
убава вест да ни донесете,
радост во домот да ни внесете,
со топлината на огновите
да нѐ згреете,
со светлината на ѕвездата
од Витлеем,
душите да ни ги огреете.
Ајде коледарчиња,
отворете широко рачиња,
за среќа и бериќет
да ве даруваме,
на Христовото раѓање
да се радуваме.
Ајде коледарчиња,
подајте рачиња
за костени, оревчиња
и слатки колачиња,
благослов за здравје
во торбињата да ставиме,
во чест на Христа
да се поздравиме.
Ајде коледарчиња,
нека одекне гласот,
песната ангелска нека ѕвони
и ѕвезден прав нека се рони,
на Христос му е роденден,
Христос се роди!
Десанка Николова
На небо ѕвезда броди, Христос
– нашиот господ се роди
Во пештера камена темна, сонце силно блесна,
На земјата се преточи радост – порој небесна песна.
Дева Марија гледа – Синот што го роди
Навистина од Бога е, од семето Тој што го плоди.
Ваква светлина во бебешки очи, помисли таа,
Нема од каде да дојде, освен од Оној –
Кој светлина е и чие срце само светлина точи.
Ѕвезда од небо во гнездо од слама се всели,
Весели сите – пристапете од сите страни на светот,
Младенецот што се роди има љубов-сила,
Тој е јадро-љубов на љубов што се дели,
Љубовна трпеза полна храна тело што здрави,
Уште повеќе храна за душа – срце што гали.
Вера Симовска