Фото: Ка.М.

И годинава во Прилеп под мотото „Едно небо за сите деца во светот“ се одржа традиционалниот божиќен ручек.
По 18-ти пат на заедничка трпеза седнаа околу 400 деца од Македонија – деца без родители, од згрижувачки семејства, на бранителите, од социјално загрозени семејства, од домовите за згрижување и од верските заедници.
– На божиќниот ручек се промовираат еднаквоста, толеранцијата, љубовта и мирот помеѓу децата. Тоа значи децата да се почитуваат меѓу себе, да нема дискриминација и насилна комуникација, да преовладува толеранцијата и сите заеднички да придонесуваме кон градење подобро општество – рече Александра Северкоска Стојаноски од невладината „Детска амбасада за сите деца во светот“.
Владиката Петар го благослови божиќниот ручек и посочи дека треба да живееме во слога, во љубов, во мир, во незлобивост, во чесност…
На божиќниот ручек, децата добија новогодишни пакетчиња и желби за безгрижно детство.
– Да се чува традицијата на овој божиќен ручек. Да биде повеќеброен, поопфатен со повеќе дечиња, а ние им подаривме скромни новогодишни и божиќни пакетчиња, но многу љубов и внимание – рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Дечињата се дружеа, а за нив беше подготвена и пригодна програма.

Ка.М.


Бадник

Бркотница голема:
Дедо вршник спрема,
баба лепче меси,
мама софра клава,
Бадник ќе се слави!

И оваа година
сите бевме збрани,
оган тато запали
на белиот снег –
исто како лани!

Токму на ден Божиќ
Христос се роди,
спасителот човечки.
Од тогаш до денеска
уште тој не води!

Стојан Арсиќ

Фото: Маја Јаневска-Илиева